Свет
Сириски курдски официјален претставник: Разговорите со Дамаск стагнираат, Русија е виновна
Напорите за постигнување политички договор помеѓу властите на курдските сили во северна Сирија и сириската влада се во застој, а Русија е виновна за тоа, изјави сирискиот курдски официјален претставник.
Курдските власти повторно зпочнаа со напори за да постигнат договор со Дамаск на почетокот на оваа година по одлуката на САД да ги повлече своите сили од нивните области надевајќи се дека Москва ќе посредува во постигнувањето договор со кој ќе се зачува нивната автономија.
Но, оттогаш ситуацијата значително се промени со одлуката на Вашингтон да задржи дел од своите сили во Сирија, а сириската влада се закани со воена акција врз курдските сили доколку тие не се покорат на нејзиното владеење.
Бадран Џија Курд, сириски курдски функционер, рече дека разговорите стагнираат. „Русите ја запреа иницијативата што Русија требаше да ја спроведе и не почнаа преговори со Дамаск“, рече тој.
„Русија сè уште тврди дека работи на иницијативата, но без успех“, додаде тој во четвртокот.
За разлика од бунтовничките групи што се бореа против Асад во поголемиот дел од Сирија, главните сириски курдски групи не се непријателски настроени кон него и велат дека нивната цел е да се зачува автономијата во државата.
Но, Дамаск се противи на нивото на автономија што ја бараат. Сирискиот министер за одбрана минатиот месец изјави дека државата ќе го врати регионот под контрола на Курдите на сила ако нивните водачи се противат на враќањето на државната власт.
Присуството на силите на САД му овозможи на курдскиот регион заштита од Асад и соседна Турција, која ги смета главните сириски курдски групи како закана за безбедноста.
Џија Курд рече дека Русија ги ставила своите интереси со Турција на прво место наместо да изврши притисок за договор со Дамаск.
Русија не ја одигра својата улога по многубројните состаноци со турската страна, а тоа доведе до блокирање на патот за дијалог со Дамаск и Русија ја сноси одговорноста, рече тој.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Либанците да останат во својата земја, повика папата Лав Четиринаесетти
Поглаварот на Римокатоличката црква, папата Лав Четиринаесетти денеска ги повика Либанците да „останат“ во својата земја, каде што економскиот колапс ја засили масовната емиграција, и повика на „помирување“ за надминување на длабоките поделби во Либан.
Папата, кој дојде во Бејрут од Турција, донесе порака за мир во Либан, земја која стравува од враќање на отворениот конфликт со Израел.
Во говорот во претседателската палата кратко по неговото пристигнување, папата ја нагласи потребата да се работи за „мир“ без да ги спомне регионалните тензии или неодамнешните израелски бомбардирања.
Тој, исто така, ја нагласи потребата властите и институциите да препознаат дека „општото добро е поголемо од доброто на која било група“ и ја повика владејачката класа да „му служи на народот со посветеност и преданост“.
Свет
Зеленски: Ова се важни денови за Украина
Претседателот на Украина, Володимир Зеленски објави дека денеска разговарал со генералниот секретар на НАТО, Марк Руте.
„Разговарав со Марк Руте и ќе разговараме повторно во наредните денови. Ова се важни денови и многу работи можат да се променат. Тесно се координираме и во нашите активности и во активностите на сите партнери, заедничките акции, заедничките позиции ќе бидат исклучително ефикасни. Ви благодарам за вашата поддршка“, напиша Зеленски на Телеграм.
Тој наведе дека телефонски разговарал со претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен.
– Продолжуваме да бидеме во целосна координација со Европската комисија, благодарен сум за поддршката. Разговаравме за ситуацијата во дипломатијата и имаме заеднички став за клучните прашања. Исто така е важно што Урсула е многу внимателна кон потребата од зајакнување на нашата отпорност во услови на постојани руски напади врз инфраструктурата и енергијата. Ја ценам подготвеноста да ѝ се помогне на Украина!, напиша Зеленски.
Свет
Папата Лав Четиринаесетти пристигна во Либан
Папата Лав Четиринаесетти пристигна во Либан во рамки на неговата прва турнеја во странство, објави ДПА.
Светиот Отец пристигна попладнево во либанскиот главен град Бејрут, по посетата на Турција.
Посетата на папата се смета за причина за надеж за мир и стабилност во земјата загрозена од воени конфликти и зафатена од кризи.
Тој ќе се сретне со либанските лидери, ќе посети христијански објекти и ќе одржи литургија. Околу 30 отсто од населението на Либан се христијани, додека мнозинството жители се муслимани.

