Свет
Сиси: Надворешни сили се обидуваат да го дестабилизираат Египет
Претседателот на Египет, Абдел Фатах ел-Сиси, предупреди во неделата на надворешните сили кои се обидуваат да предизвикаат немири во земјата по неодамнешната серија антивладини протести поттикнати од лидерот на опозицијата во егзил, пренесува „Нејшнел“.
„Има луѓе што ве исполнуваат со страв и со сомнеж. Луѓето не може да бидат измамени со зборување, дури и ако се соочуваат со тешкотии. Тие неидентификувани групи се обидуваа да поттикнат пожар во изминатите неколку недели обидувајќи се да ги искористат тешките ситуации што ги создаваме со воведувањето економски реформи. Државата и народот се обединети и никој не може да влезе меѓу нив“, рече Сиси во телевизискиот говор во неделата во Каиро.
Сиси се осврна на неодамнешните мали по обем антивладини протести во неколку села во Египет. Вестите и видеата од протестите беа масовно споделени низ социјалните мрежи, особено од симпатизерите на забранетото Муслиманско братство.
Сиси дојде на власт во Египет во јули 2013 година откако тогашниот претседател и лидер на Муслиманското братство, Мохамед Морси, беше оборен со воен удар. Морси беше првиот демократски избран претседател во историјата на земјата.
Според „Араб њуз“, протестите почнале како одговор на тековните кампањи на египетската влада за запирање на нелегалното градење, со кои се бара луѓето да плаќаат казни за да ја легализираат сопственоста на домот. Иницијативата најсилно ги подоги руралните и областите со ниски приходи.
Немирите за економските реформи дополнително ги поттикна бизнисменот во егзил, Мохамед Али, кој му е противник на Сиси и повикува на масовни демонстрации уште од септември минатата година. Неговиот последен повик за антивладини протести изминатите неколку недели директно придонесе за протестите во селата.
Во говорот во неделата Сиси им се заблагодари на мнозинството Египќани што не ги послушаа повиците за протест велејќи дека владата ги спроведува новите мерки како дел од неопходните економски реформи за стабилизирање на Египет.
Египетското МВР викендов соопшти дека државните безбедносни сили уапсиле четири лица вклучени во антивладини протести во јужниот град Луксор. Наводно, кај групата биле пронајдени „молотови коктели“, што тие имале намера да ги искористат за да поттикнат немири. Полицијата привела и група луѓе што се обиделе да запалат полициски автомобил во градот Бадрашен, во провинцијата Гиза.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Почина бебето кое беше извадено од утробата на мртвата мајка во Газа
Почина бебето кое во неделата со царски рез во Газа беше спасено од утробата на мртвата мајка, пишува Би-Би-Си.
Бебето е родено по итен царски рез извршен врз трудница која била убиена во израелски напад врз градот Рафа во Газа.
Освен мајката на Сабрин Ал Сакани, меѓу загинатите се и таткото на новороденото девојче и нејзината тригодишна сестра Малак.
Бебето при раѓањето тежело 1,4 килограми, а се родило во триесеттата недела од бременоста на мајката. Веднаш по царскиот рез беше сместено во инкубатор во болницата во Рафа заедно со уште едно бебе.
Но, девојчето после неколку дена почнало да има сериозни здравствени проблеми. Лекарите го реанимирале, но сепак починало вчера.
16 деца биле убиени за време на два воздушни напади на Рафа минатиот викенд, при бомбардирање на комплекс од станбени згради.
Израелските одбранбени сили (ИДФ) соопштија дека цел биле борците и инфраструктурата на Хамас и воените комплекси.
Свет
Британските разузнавачи: Русите се’ побрзо напредуваат во Украина
По заземањето на источноукраинскиот град Авдијевка, руските трупи напредуваат побрзо во областа, објави денеска британското Министерство за одбрана во своето секојдневно известување.
„Руските копнени сили навлегоа и создадоа тесен коридор на украинска територија со цел да влезат во градот Очеретин, приближно 15 километри северно од центарот на Авдијивка“, пишува на профилот на Министерството за одбрана.
Оцеретин во областа Доњецк имал околу 3.500 жители пред почетокот на војната.
И по заземањето на Авдијивка во средината на февруари, Русите се уште сметаат дека освојувањето на таа област е една од клучните операции, оценува британското Министерство за одбрана.
„Иако претрпуваат големи загуби, многу е веројатно дека руските копнени сили се во позиција континуирано да ги гаѓаат украинските позиции во областа и дека презеле контрола врз неколку помали населби“, додаваат тие.
Украина се брани од руската инвазија повеќе од две години. Британското Министерство за одбрана редовно објавува информации за напредокот на војната. Москва го обвинува Лондон за ширење дезинформации.
Европа
16-годишно момче избодено во училиште во Германија
16-годишно момче е тешко повредено кога утрово околу 8 часот било избодено од тинејџер (17) во училиште во Нојкирхен-Влуин.
На нападот наводно му претходела вербална расправија.
Постариот ученик наеднаш извадил нож и го ранил 16-годишникот во горниот дел од телото.
Момчето итно било пренесено во болница, а лекарите велат дека неговата состојба е стабилна.
По прободувањето напаѓачот побегнал од училиштето, но полицијата брзо го лоцирала и го уапсила.
Според инспекторот, немало опасност по безбедноста на другите деца во училиштето.