Свет
Систематски прегледи по смртта на второ дете во имиграцискиот притвор на САД

Еден ден по смртта на осумгодишното момче од Гватемала во американскиот притвор за мигранти, Агенцијата за царина и погранична заштита соопшти дека повторно ќе изврши систематски прегледи на сите деца во притворот.
Агенцијата навела дека посебно внимание ќе се обрне на децата помали од 10 години, пренесе АП.
Ова е втор смртен случај месецов, откако неодамна медиумите објавија дека починало девојче од истата земја. На момчето му било дијагностицирана настинка со висока температура. Детето истата вечер се вратило во болницата со мачнина и повраќање, а неколку часа потоа починало. Надлежните наведуваат дека причината за смртта на детето не е утврдена и дека се известени генералниот инспектор на Секретаријатот за внатрешна безбедност и Владата на Гватемала.
Седумгодишното девојче од Гватемала почина на почетокот на месецов откако ја уапсија агентите на граница. Нејзиното тело беше вратено на семејството во Гватемала.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Свет
Пронајдена „црната кутија“ од авионот на Ер Индија што се урна во Ахмедабад

Индиските власти потврдија дека е пронајдена „црната кутија“ од авионот на Ер Индија што се урна во четвртокот во густо населен дел од градот Ахмедабад. Несреќата, која се смета за една од најтешките во историјата на индиското воздухопловство, однесе најмалку 246 животи – 241 патник и членови на екипажот, како и најмалку петмина на земја.
Дигиталниот уред за снимање податоци од летот бил пронајден на покрив во близина на местото на несреќата, соопшти Агенцијата за истраги на авионски несреќи на Индија (AAIB), која ја почна истрагата со „целосна мобилизација“.
Министерот за цивилно воздухопловство, Рам Мохан Наиду, го нарече пронаоѓањето на „црната кутија“ клучен чекор во расветлување на причините за трагедијата.
„Уредот ќе овозможи анализа на моторите, управувачките системи, но и разговорите во пилотската кабина“, изјави Пол Фром од британската Асоцијација на машински инженери.
Според првичните информации, авионот „Боинг 787 Дримлајнер“ што требал да лета кон Лондон, се срушил само неколку минути по полетувањето, удирајќи во зграда во која бил сместен студентски дом на медицински факултет. Причинета е голема материјална штета, а околу 50 лица се повредени.
Поранешниот истражител на Националниот одбор за транспортна безбедност на САД, Џеф Гузети, изјави дека, доколку уредот е функционален, првичните причини за несреќата може да се дознаат уште следната недела.
„Ќе се испитуваат параметри како губење на сила на моторот, крилните клапни, активирање на аларми, но и дали екипажот точно ги внел податоците за температурата и тежината на авионот“, изјави Гузети.
Индиската Агенција за цивилно воздухопловство наложи итна проверка на сите авиони „Боинг 787-8“ и „787-9“ со мотори „GEnx“ на Ер Индија, вклучително и на системите за гориво, мотори и хидраулика.
Во петокот, премиерот Нарендра Моди го посети местото на несреќата и се сретна со единствениот преживеан патник.
„Целата нација е потресена од трагедијата во Ахмедабад. Губењето на толку многу животи на ненадеен и трагичен начин е незамисливо“, напиша Моди на социјалните мрежи.
Телата на загинатите сè уште се идентификуваат преку ДНК анализа, бидејќи повеќето биле јагленосани. Властите стравуваат дека бројот на жртви ќе продолжи да расте.
Свет
Две лица загинаа, а 19 се ранети во четвртиот ирански напад врз Израел

Иран утрово започна четврти бран ракетни напади врз Израел, во рамки на Операцијата „Вистинско ветување 3“, соопшти иранската државна телевизија. Ова претставува одмазда за претходните напади на израелските воздухопловни сили врз ирански цели во четвртокот навечер.
Израелските одбранбени сили (ИДФ) потврдија дека детектирале ракети истрелани од Иран и веднаш активирале одбранбени механизми. Во неколку израелски региони се огласија сирени, а жителите беа повикани да се засолнат.
„Израелските воздухопловни сили се во моментална операција за пресретнување на ракетите. Граѓаните мора да ги следат инструкциите и да останат во засолништа додека не се елиминира опасноста“, соопшти прес-службата на ИДФ.
Израелските медиуми известуваат дека експлозии се слушале во Тел Авив и Ерусалим. Медицинските служби потврдија дека најмалку две лица загинале, а 19 се ранети откако ракета погодила станбена зграда во централен Израел.
„Најмалку една жена е во сериозна состојба, а неколкумина се уште се под урнатините“, изјави Ели Бин, директор на „Маген Давид Адом“, израелската верзија на Црвениот крст.
Од друга страна, според израелскиот весник „The Jerusalem Post“, најмалку 63 лица се повредени од гранатирањето, додека поголемиот дел од иранските ракети биле соборени или не стигнале до целта.
Свет
40 ранети во Израел, двајца критично

Вкупно 40 лица побарале медицинска помош по вечерашниот ирански ракетен напад врз Израел, соопштија локалните здравствени служби. Двајца од повредените се во критична состојба.
Најголем број пациенти се лекуваат во болницата Ичилов во Тел Авив – 18 лица.
Според лекарите, пријавените повреди вклучуваат рани од шрапнели, вдишување чад и состојба на шок.