Свет
Си-ен-ен: Русија го зазеде клучниот град Вугледар во источна Украина, војници мавтаа со руско знаме над урнатините

Русија го зазеде клучниот источноукраински град Вугледар ставајќи крај на повеќемесечниот отпор, а снимките потврдени од Си-ен-ен покажаа војници како мавтаат со руско знаме над урнатините на градското собрание во разурнатиот град, во кој неговото население се намали од 14.000 на помалку од 100.
Вугледар, град изграден околу рудник за јаглен (неговото име доаѓа од украинскиот збор за јаглен), се наоѓа на 50-ина километри јужно од Покровск, кој во последните месеци се смета за главен фокус на руските напади на исток.
Иако не е транспортен и логистички центар како Покровск, Вугледар беше силно утврден и се сметаше за клучен бастион на раскрсницата на источниот и јужниот фронт на Украина.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Свет
Лавров: Спремни сме да се договориме со САД за Украина

Рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров изјави дека Кремљ е подготвен да постигне договор со САД за Украина, но додаде дека одредени работи сè уште треба да се координираат и прецизираат.
„Претседателот на Соединетите Американски Држави верува, и мислам дека е во право, дека се движиме во вистинската насока“, рече Лавров во интервју кое ќе биде емитувано во целост во недела на емисијата „Face the Nation with Margaret Brennan“ на Си-Би-Ес.
Изјавите доаѓаат откако Русија го нападна Киев, убивајќи 12 лица и ранувајќи повеќе од 90, во најсмртоносниот напад врз украинскиот главен град во последните неколку месеци, токму кога Трамп се обидува да го протурка својот предлог за ставање крај на војната.
На прашањето на водителот Бренан што го оправдува убивањето цивили откако Украина во март изјави дека е подготвена за прекин на огнот, Лавров одговори: „Ние таргетираме исклучиво воени цели или цивилни објекти што ги користи војската“. Тој додаде дека „претседателот Путин тоа јасно го кажа многу пати, и овој пат не е поинаку“.
Лавров јасно стави до знаење дека нападот бил извршен намерно: „Доколку украинските воени сили го користеле тој објект, тогаш рускиот министер за одбрана и воените команданти на терен имаат целосно право да нападнат таква цел“.
Свет
Израел изрази сочувство три дена по смртта на папата

Израелската влада синоќа изрази сочувство за смртта на папата Франциско, три дена откако почина 88-годишниот поглавар на Католичката црква.
„Државата Израел изразува најдлабоко сочувство до Католичката црква и католичката заедница во светот поради смртта на папата Франциско“, објави канцеларијата на премиерот Бенјамин Нетанјаху.
Односите меѓу Израел и Светата столица значително се влошија од почетокот на израелската офанзива врз Газа. Папата Франциско честопати ги критикуваше постапките на Израел во палестинската енклава, каде што живеат околу илјада христијани.
Израелската влада претходно изрази сочувство за смртта на Франциско во понеделникот, но ја избриша објавата по неколку часа.
За разлика од другите земји кои ќе бидат претставени од највисоките функционери на погребот на папата в сабота, Израел испраќа само амбасадор, објави „Тајмс оф Израел“.
Свет
Зеленски: Русија со ракети од Северна Кореја го нападна Киев

Украинскиот претседател Володимир Зеленски рече дека прелиминарните информации укажуваат дека балистичка ракета произведена во Северна Кореја била употребена во рускиот воздушен напад врз Киев што беше извршен завчера, а во која загинаа најмалку 12 лица.
„Според прелиминарните информации, Русите користеле балистичка ракета произведена во Северна Кореја. Нашите специјални служби ги проверуваат сите детали“, рече тој.
Доколку се потврди дека ракетата е произведена во Северна Кореја, тоа, според него, ќе биде уште еден доказ за криминалната природа на сојузот меѓу Русија и Пјонгјанг.
„Тие убиваат луѓе и уништуваат животи заедно – тоа е единственото значење на нивната соработка. Русија континуирано користи такво оружје – ракети, артилерија. За возврат, Пјонгјанг добива можност да го усоврши своето оружје во реални воени услови“, рече Зеленски.
Тој повика на „вистински притисок“ врз Русија да ги запре нападите врз Украина.
„Дури и покрај меѓународните дипломатски напори за завршување на војната, Русија продолжува да убива цивили“, рече Зеленски. „Тоа значи дека Путин не се плаши од ништo“, додаде тој.
Нагласи дека мора да има целосно и безусловно запирање на нападите и дека Русија мора да се согласи со тоа.
„Оваа војна мора праведно да заврши. А за навистина да ја гарантираме безбедноста на нашите луѓе, мора дополнително да го зајакнеме нашиот противвоздушен штит“, рече украинскиот претседател.
„Државите соработници кои ги ценат луѓето и животот мора да ги спречат убиствените сојузи“, додаде тој.