Свет
Скелиња се урнаа на градилиште во Хамбург, загинаа пет работници, неколкумина се водат за исчезнати

Пет работници загинаа кога се урна скеле на големо градилиште во Хамбург, пристаништен град во северна Германија, а неколку лица се водат како исчезнати, изјави портпаролот на противпожарната служба.
Причините за несреќата сè уште не се познати, додаде тој. „Неколку луѓе се закопани под скелето и се водат како исчезнати“, рече портпаролот. На терен се 70-ина члена на спасувачките екипи.
Несреќата се случи во Хафенсити, област на голем проект за обнова на поранешниот дел на пристаништето Хамбург.
Според дневниот весник „Билд“, скелиња се срушиле во „Вестфилд Хамбург – Уберсеквартиер“, нов деловен, станбен и рекреативен комплекс, кој ќе вклучува и нов терминал за крстарење.
Работниците што загинаа го граделе окното на лифтот кога скелето се урнало згмечувајќи најмалку осум работници, според АФП.
„Целата област во која работеа околу 700 работници е евакуирана“, пишува „Билд“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Свет
Мерц: Иранскиот режим е ослабен и веројатно нема да се врати на својата поранешна сила

Израелските напади го ослабнаа Иран, а иранскиот режим е малку веројатно да се врати на своето поранешно ниво на моќ, изјави германскиот канцелар Фридрих Мерц.
„Овој режим е многу ослабен и веројатно нема да се врати на својата поранешна сила, што ја прави иднината на земјата неизвесна. Ќе мора да почекаме и да видиме што ќе се случи“, изјави Мерц за германската телевизија Велт на самитот на Г7 во Канада денес.
Тој додаде дека доколку се појави нова тешка политичка ситуација, Германија, Франција и Велика Британија повторно ќе бидат подготвени да понудат дипломатска помош, како што правеа до минатата недела.
Свет
Чешка и Словачка евакуираа 139 лица од Израел со владини авиони

Чешка и Словачка евакуираа 139 лица од Израел со владини авиони поради конфликтот со Иран, кој започна во петокот, објавија денес властите на двете земји.
Авион на чешката влада со 66 лица слета утрово во Прага. Ден претходно, словачки авион евакуираше 73 лица од Аман до Братислава.
Чешката министерка за одбрана Јана Чернохова изјави дека повеќето од 66-те евакуирани лица се чешки државјани.
Според чешките медиуми, конвој евакуирани лица тргнал од Тел Авив вчера утро и се упатил кон Шарм ел Шеик во Египет, каде што се качиле на авион. Тие биле транспортирани со автобус и ја преминале границата пеш.
Словачки владин авион со 73 патници, повеќето од нив Словаци, слета во Братислава во понеделник пред 19 часот, изјави министерот за надворешни работи Јурај Бланар.
Меѓу евакуираните имало Полјаци, Чеси, Австријци, Словенци и други.
Словачка денес испраќа втор авион, а и за утре е планирана евакуација на словачки и странски државјани.
Свет
Израелски министер: Нападот нема за цел соборување на иранскиот режим, но тоа може да се случи

Израелскиот министер за надворешни работи, Гидеон Саар, изјави дека целта на воените акции на израелската армија (ИДФ) не е да се промени режимот во Иран, дури и ако тоа е последица.
„Тоа не е целта, иако би можело да биде исход“, изјави Саар пред новинарите во Ришон Лезион, град во централен Израел кој неодамна беше цел на ирански напади.
Саар наведе три главни израелски цели во конфликтот.
„Прво, да се предизвика голема штета на иранската нуклеарна програма, а со тоа сè уште не сме завршиле“, рече тој.
Втората цел ја наведе како сериозно оштетување на програмата за балистички ракети на иранскиот режим, а третата како спречување на планот за уништување на државата Израел.