Европа
Словачка повторно воведе вонредна состојба поради коронавирусот

Словачката влада воведе вонредна состојба во земјата поради порастот на заболени од коронавирус, напиша премиерот Игор Матович на својот фејсбук-профил.
Вонредната состојба, која ќе трае 45 дена, ќе ѝ даде на владата можност да воведе построги мерки, но тоа нема да значи автоматско враќање на строгиот карантин, како што беше на почетокот на пандемијата, наведува „Ројтерс“.
Бројот на новозаболени во последните 24 часа во Словачка е зголемен за 567, покажуваат податоците на Националниот здравствен информативен центар (НЦЗИ) објавени на веб-страницата covid-19.nczisk.sk.
Тоа е нов рекорд на бројот на новозаболени за еден ден во Словачка, објави ТАСР.
Во болниците има 187 лица, од кои 16 се на одделенија за интензивна нега, а 18 се приклучени на апарати за дишење.
Во исто време во земјата починаа три лица, така што вкупниот број на смртни случаи е 48.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Европа
Ковчегот на папата Франциско затворен, погребот в сабота наутро

Од средата наутро, кога телото на покојниот папа Франциско беше пренесено во базиликата „Свети Петар“, низ неа поминаа 150.000 луѓе од целиот свет. Ковчегот на папата беше затворен вечерва, а погребот ќе се одржи в сабота наутро.
Пред церемонијата на запечатување, во ковчегот на папата беа поставени 12 монети, по една за секоја година од неговиот понтификат, како и краток запис и извештај за неговото папство. Церемонијата ја водеше кардиналот Кевин Фарел, камерлегно на Светата Римска црква.
Реки верници доаѓаат во Рим за да присуствуваат на утрешниот погреб на папата Франциско, а се очекува и пристигнување на бројни делегации од целиот свет.
Во Рим се воведени строги безбедносни мерки, со илјадници волонтери и полицајци, систем против дронови, снајперисти на покривите и борбени авиони подготвени за полетување.
Европа
Жена во Шпанија ја продала новородената ќерка за 2.000 евра на двојка која не можела да има деца

Шпанската полиција уапси 37-годишна жена која ја продала својата новородена ќерка на пар кој се лекува од неплодност, јавува АФП.
Полицијата соопшти дека жената била уапсена минатиот месец во Мостолес, јужно предградие на Мадрид. Брачен пар осомничен за купување дете и двајца нивни роднини беа уапсени во јужниот град Кордоба.
Според прелиминарната истрага, жената се согласила да им ја предаде својата новородена ќерка на двојката за 2.000 евра. Сепак, по породувањето, таа се предомислила и побарала да ѝ го вратат детето.
Двојката, според АФП, одбила да го врати бебето освен ако жената не им го врати платениот износ, плус дополнителни 1.000 евра за покривање на трошоците што тврделе дека ги направиле во текот на месецот што го поминале со неа во Кордоба пред да се роди детето.
Полицијата започна истрага откако една жена поднесе жалба тврдејќи дека семејство во Кордоба го „киднапирало“ нејзиното новородено бебе. Детето е предадено во центар за заштита на деца во Кордоба. Полицијата, исто така, објави дека властите ѝ одзеле уште шест деца на жената во 2022 година поради занемарување.
Европа
Зеленски: Подготвени сме да разговараме за територија, но само под еден услов

Украинскиот претседател Володимир Зеленски изјави денес дека Украина ќе биде подготвена да разговара за територијални прашања како дел од мировните преговори, но само откако Русија ќе се согласи на целосен и безусловен прекин на огнот.
„Целосно и безусловно примирје отвора можност да се разговара за сè“, изјави Зеленски пред новинарите во Киев.
Тој ја коментираше и изјавата на американскиот претседател Доналд Трамп, кој во интервју за „Тајм“ изјави дека „Крим ќе остане со Русија“.
„Она што го кажува претседателот Трамп е вистина. Се согласувам со него дека денес немаме доволно оружје за да ја вратиме контролата врз Кримскиот Полуостров“, рече Зеленски.
Да потсетиме дека украинските претставници претходно решително ја отфрлија можноста за какви било територијални отстапки во замена за мир со Русија.