Регион
Словенија: Јанез Јанша е победник на изборите
Јанез Јанша е победник на парламентарните избори во Словенија кога неговата Словенечка демократска партија (СДС) освои 25,02 отсто од гласовите, покажуваат резултатите од пребројаните 99 отсто.
На второ место е Листата на Марјан Шарец (ЛМШ) со 12,6 отсто, а следуваат Социјалдемократите (СД) со 9,94 отсто, Партијата на модерниот центар (СМЦ) со 9,74 отсто, Левицата со 9,23 отсто и демохристијанската Нова Словенија (НСИ) со 7,15 отсто освоени гласови.
Јанша, кому мандатот за состав на новата влада ќе му го даде претседателот на државата Борут Пахор, изјавил дека ќе направи сè за да формира цврста и стабилна влада, но рекол и дека е свесен оти тоа е тешка задача. Како најголеми предизвици, поради кои не исклучува преговори со левичарските партии, Јанша ја навел потребата од промени во здравствениот систем и одговор на потенцијалната мигрантска криза, со порака дека е спремен да направи сè што е најдобро за Словенија, било од позиција на власт или на опозиција.
Иако го сметаат за губитник на изборите затоа што бројот на своите гласачи го свел на третина од изборите пред четири години, Миро Церар рекол дека неговата партија останува релевантен политички актер без кој не е можно да се замисли стабилна влада, но алудирал на тоа дека нема намера да коалира со Јанша.
На парламентарните избори што се одржаа вчера гласаа само 51,72 отсто од вкупниот број гласачи, што е речиси еднакво на одѕивот пред четири години.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Регион
Планот на ЕК предвидува: Со воз од Софија до Атина за 6 часа
Патувањето со воз од Софија до Атина ќе трае 6 часа, според планот на Комисијата за револуција на брзите железници во Европа. До 2040 година, патувањата на новата TEN-T мрежа ќе се одвиваат со возови со брзина од над 200 километри на час, а инвестициите во зелени горива ќе го трансформира воздухопловството и поморскиот транспорт, пишува БНР.бг.
Патувањето со воз од Софија до Атина ќе биде скратено на 6 часа наместо сегашните 13 часа и 40 минути. Планот за брза железница презентиран од Европската комисија има амбиција да ги поврзе клучните европски престолнини со мрежа од возови што сообраќаат со брзина од над 200 километри на час до 2040 година. Мерките се дел од сеопфатен транспортен пакет со кој Брисел се стреми кон поефикасен, одржлив и конкурентен транспортен систем во ЕУ.
Времето на патување на другите линии исто така ќе биде намалено. На пример, линијата Берлин-Копенхаген ќе биде 4 часа наместо 7, а новите прекугранични линии ќе го поврзуваат Париз со Лисабон преку Мадрид, како и со главните градови на балтичките држави.
Паралелно со планот за железница, Комисијата усвои и План за инвестиции во одржлив транспорт, насочен кон горивата во воздухопловниот и поморскиот сектор.
За да се постигнат целите во рамките на механизмите RefuelEU Aviation и FuelEU Maritime, на ЕУ ќе ѝ бидат потребни 20 милиони тони одржливи горива до 2035 година, што бара инвестиции од над 100 милијарди евра.
Регион
(Фото) Женско тело пронајдено во замрзнувач во Србија, се трага по нејзиниот партнер
43-годишниот Далибор Демировиќ ја убил својата 36-годишна партнерка Катарина Глигоријевиќ во селото Печењевце во близина на Лесковац во јужна Србија, ноќта од понеделник кон вторник.
Вишото јавно обвинителство во Лесковац соопшти дека осомничениот за убиството е во бегство. Телото на жртвата е пронајдено вчера во замрзнувач.
Демираовиќ носел електронска нараквица бидејќи бил осуден на домашен притвор за спречување на службено лице во вршење на службена должност. Тој нападнал полицаец фрлајќи ограда од тераса кон него. Се претпоставува дека по убиството, ја извадил електронската нараквица и со црвен автомобил се одвезол во непознат правец, пишува српски Телеграф.

Соседите за српските медиуми изјавиле дека односот меѓу Демировиќ и Глигоријевиќ бил исклучително проблематичен. „Тие биле во токсична врска изминатата година. Таа одеше и доаѓаше кај него. Имаа многу турбулентна врска“, рекле мештаните.
Непотврдените информации сугерираат дека немало очигледни повреди на телото на жртвата, па затоа се сомнева дека се задушила. Телото наводно го пронашол синот на убиецот од неговиот прв брак, кој потоа го известил братот на убиецот, кој ја повикал полицијата.
Полицијата започнала интензивна потрага, во која се вклучени и бројни мештани. Мајката и таткото на убиецот се во куќата на убиецот, а полицијата ги чува бидејќи, како што велат, се плашат дека би можеле да бидат следната цел на нивниот син.
Регион
Силен земјотрес во Грција, почувствуван и во Бугарија: „На 5. кат сме, се тресевме 10-ина секунди“
Земјотрес со магнитуда од 4,7 степени според Рихтеровата скала ја погоди Грција во 8:16 часот наутро, а беше почувствуван и во Бугарија.
Според достапните податоци, епицентарот на земјотресот се наоѓал на 12 километри западно од Ксанти во Грција.
Хипоцентарот на земјотресот, според податоците на Европско-медитеранскиот сеизмолошки центар, се наоѓа на длабочина од приближно 7 километри под површината на земјата.
Земјотресот беше добро почувствуван во Кавала, а граѓаните на Пловдив и другите бугарски градови исто така велат дека го почувствувале потресот.
„На 5-ти кат сме, добро се тресевме околу 10 секунди“, „Навистина се почувствува кај нас“, „Во Софија сме, почувствувавме мало тресење на земјата“, сведочеа жителите на бројни градови во Бугарија.
Грците велат дека го почувствувале земјотресот и на островот Тасос.
„Се тресеше во Лименарија“, „Кавала, се тресеше добро“, сведочат луѓе.
Досега нема извештаи за материјална штета или повредени, а надлежните служби ја следат ситуацијата.

