Свет
Смртоносна песочна бура ја зафати Индија, над 70 загинати

Најмалку 74 луѓе загинаа и голем број се повредени во силна песочна бура што го зафати северниот дел на индиските држави Раџастан и Утар Прадеш. Невремето предизвикало прекин во електричната мрежа, корнело дрвја, уништило голем број куќи и усмртило добиток.
Голем дел од загинатите луѓе спиеле во моментот кога нивните куќи се распаднале кога биле погодени од интензивни експлозии од громови.
Главниот министер во Раџастан изјавил дека функционери се упатиле кон погодените области за да започнат со хуманитарна работа и санирање на последиците од невремето.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Регион
Дивеел на патот со два промила алкохол во крвта, бегал од полицијата и завршил во ѕид од куќа во Хрватска

Поради сторени сообраќајни прекршоци, 43-годишник е казнет со 1.970 евра и шест месеци забрана за управување со моторни возила од Б-категорија.
Во драматичен инцидент што се случил на 27 февруари околу 22.50 часот полициски службеници од Полициската станица Чаковец забележале автомобил како небезбедно свртува на пат.
Сомневајќи се дека возачот е под дејство на алкохол, полицијата со звучна и светлосна сигнализација се обидела да го запре возилото, но 43-годишниот возач одбил да застане и продолжил да вози по улицата. Поради несоодветната брзина, влажниот коловоз и намалената видливост во текот на ноќта, тој изгубил контрола над возилото и излетал од патот. Автомобилот застанал дури кога со предниот дел удрил во ѕид од куќа. Во моментот на несреќата во куќата биле членовите на семејството, но нема повредени.
Полицијата извршила алкотестирање на возачот, при што било утврдено дека имал 2,01 промила алкохол во крвта. Веднаш бил приведен во полициска станица.
Регион
Жена од Брчко создала дива градинка во својот дом: дали тоа било параван за трговија со луѓе, пишува „Кликс“

Истрагата за пронаоѓањето 31 дете во куќа во Брчко е во тек, а „Кликс“ пишува дека неофицијалните информации што ги имаат укажуваат дека со години во зградата функционирала дива градинка за која знаеле соседите.
Сега е отворено прашањето дали тоа било параван за трговија со луѓе бидејќи одредени детали може да укажуваат на тоа, додаваат од порталот.
Да потсетиме, сопственичката на куќата во која беа пронајдени 31 дете, Захида Ѓого од Брчко, е уапсена поради сомнение дека сторила три кривични дела заедно со уште седум други лица: трговија со луѓе, трговија со деца и запуштање или злоупотреба на деца.
Уапсени се и син ѝ и жената што престојувала во објектот, која потекнува од областа Бања Лука и, најверојатно, е италијански државјанин. Во случајот се вклучени и истражители од Хрватска, како и Европол. Хрватски „Индекс“ извести дека од полициски извори дознале оти во Брчко биле пронајдени претежно деца Роми. Помал број од нив имале хрватски пасоши, но нивниот идентитет и оригиналност сè уште се проверуваат.
Според извори од порталот „Кликс“, како и локални жители, Ѓого во 2018 година основала нелегална градинка во својата куќа, каде што чувала деца. За пошироката заедница, ништо во врска со ова не беше спорно, дури ни фактот дека децата никогаш не биле во пространиот двор од куќата.
„Ја познавам Захида многу години, нејзиниот сопруг почина минатата година, а таа живееше во куќата со својот син. Знаев дека таа е бебиситерка и не ми се виде ништо чудно во врска со тоа. Знаев дека има деца, но не дека имало толку многу. Јас навистина не разбирам зошто имало толку многу деца таму. Секој ден гледав родители како ги носат и земаат своите деца. Никогаш не излегуваа во дворот, беа затворени во куќата“, изјави за „Кликс“ еден од соседите на Захида.
Куќата во која престојувале децата ја обезбедува полиција, а соседите не сакаат јавно да зборуваат за целиот случај. Исто така, покрај вкупно осуммина осомничени и досега уапсени, полицијата сослушала и неколку родители на децата, меѓу кои и татко од Хрватска, кој вчера бил во Брчко, пишува „Кликс“.
Според информациите потврдени за „Кликс“, децата пронајдени во куќата биле на возраст од новороденче до 12 години, биле во прилично запуштена состојба, а откога биле преместени, под надзор на надлежните служби, биле сместени во локален хотел во областа Брчко.
Регион
Во Министерството за одбрана во Србија уапсени три лица за јавна набавка во ВМА

По наредба на Специјалното одделение за сузбивање на корупцијата, Воената полиција во Србија денеска уапси три лица под сомнение дека сториле разни кривични дела во врска со јавна набавка на медицинска опрема за ВМА, пренесуваат тамошните медиуми.
Сомненијата се дека на овој начин прибавиле финансиска корист на фирма од Белград од речиси 100.000 евра.
Уапсени се раководителот на Одделот за квалитетен менаџмент, планирање и анализа на ВМА, М. С. (49), воениот офицер на Секторот за здравство на Министерството за одбрана, М. С. (51), и сопственикот на две трговски друштва од Белград, М. Ш, соопшти Обвинителството.
Осомничените се товарат за кривично дело злоупотреба на службената положба, а М. С. (51) и за кривичното дело примање поткуп.
Осомничениот М. Ш. се товари за кривичните дела злоупотреба на положбата одговорно лице, поткуп и злоупотреба во врска со јавните набавки.
Се сомнева дека М. С. (49) како раководител на Одделот за управување со квалитет, план и анализа на ВМА и М. Ш. (51) како референт за јавни набавки на Управата за здравство од октомври 2023 година до април 2024 година, користејќи ги својата службена положба и овластувањето и со пречекорување на границата на службените овластувања, прибавиле финансиска корист за фирма од Белград и за нејзиниот сопственик во износ од 11.754.120 динари.
На осомничените, според написите, им е одреден притвор до 48 часа, а за тоа време ќе бидат спроведени на распит.
Српските медиуми потсетуваат дека пред десетина дена беше уапсен шефицата на токсикологија, Ј. С. Ј., поради сомнение дека со искористување на службената положба прибавила материјална корист за себе и за другите во износ од повеќе од три милиони динари.