Свет
Сноуден се согласи да ѝ предаде пет милиони долари на американската влада
Едвард Сноуден, поранешен член на Агенцијата за национална безбедност, се согласи заработката од продажбата на неговата книга да ја предаде на американската влада.
Сноуден, кого го бараат во САД поради откривање на најдоверливи податоци на американските тајни служби, се согласи да ѝ предаде дури пет милиони долари на владата.
Во 2013 година Сноуден го шокираше светот кога му откри на човештвото дека американската влада тајно собира податоци за секој телефонски повик, порака и порака на е-пошта. Тој моментално е во Русија.
Минатата година Сноуден ја објави книгата „Трајно забележано“ и со тоа го прекрши договорот што го склучи со ЦИА и Американската агенција за национална безбедност. Во книгата од која заработи повеќе милиони долари, тој открива како американската влада создала систем на масовно следење.
Ова не е првпат американската влада да казни поранешни вработени за неовластено протекување информации.
Џон Болтон, поранешен советник за национална безбедност, кој објави книга за претседателот Доналд Трамп, се соочува со сличен обид на Министерството за правда да ја поврати заработката од објавувањето и продажбата на книгата.
Адвокатот на поранешниот соработник на НСА рече дека договорот склучен помеѓу Сноуден и судот не значи дека американската влада може веднаш да му ги одземе парите, бидејќи тој ја разгледува жалбата против претходната одлука на судот за одговорност за објавување на книгата, пишува „Си-ен-ен“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Зеленски пред средбата со Трамп: Многу работи можат да се решат пред Нова година, одлуката зависи од партнерите
Украинскиот претседател Володимир Зеленски денес изјави дека Киев прави сè за да ја заврши војната со Русија, но дека на крајот одлуката за мир ќе зависи од неговите партнери.
„Ова се едни од најактивните дипломатски денови во годината и многу работи можат да се решат пред Нова година, а ние правиме сè за таа цел, но дали ќе се донесат одлуки зависи од партнерите“, напиша Зеленски на комуникациската платформа Телеграм пред средбата со американскиот претседател Доналд Трамп во Флорида.
Тој додаде дека украинските партнери треба да го зголемат притисокот врз Москва „за Русите да ги почувствуваат последиците од нивната агресија“.
Зеленски, кој доцна синоќа пристигна на Флорида со својата делегација, се среќава со Трамп за да се договори план за завршување на војната во Украина. Тој им се заблагодари на сите што ѝ помагаат на Украина.
Зеленски објави дека за време на средбата во резиденцијата на Трамп во Флорида, планира да разговара за судбината на спорниот регион Донбас во источна Украина, како и за иднината на нуклеарната централа Запорожје.
Depositphotos
Свет
(Видео) Авион се урна во близина на една од најпознатите плажи, пилотот загина
Помал авион се урна во морето во близина на плажата Копакабана во Рио де Жанеиро, при што загина пилотот, објави порталот „Г1“, повикувајќи се на пожарникари.
Телото на пилотот е пронајдено и неговата идентификација е во тек.
„Тоа беше првиот работен ден на пилотот “, рече заменик-префектот на јужната зона на градот, Бернардо Рубијао.
Станува збор за авион со еден мотор со рекламен банер.
ULTRALEVE
Avião de propaganda cai no mar da praia de Copacabana e assusta banhistas; caso é investigado > https://t.co/H2ogGBdYCo pic.twitter.com/xPHvJBuObi
— Estadão 🗞️ (@Estadao) December 27, 2025
Градското собрание на Рио де Жанеиро објави дека компанијата чиј авион се урна немала дозвола да спроведе рекламна кампања.
Свет
Во Париз, 40 лица се приведени поради непријавен огномет во близина на Ајфеловата кула
Француската полиција приведе околу 40 лица поради непријавен огномет во Париз на плоштадот Трокадеро во близина на Ајфеловата кула, објави парискиот весник Фигаро (Le Figaro) на својата веб-страница.
Париската полициска префектура изјави дека инцидентот се случил синоќа околу 21:00 часот и дека полицијата веднаш интервенирала, приведувајќи околу 40 лица и дека нема повредени.
Се додава дека е отворена истрага и дека се сомнева дека сторителите се навивачи на парискиот фудбалски клуб Париз Сен Жермен (ПСЖ).
Ова е втор непријавен огномет во декември. На 13 декември, инфлуенсерот Лорис Џулијано (Џулијано) организираше огномет во близина на Трокадеро како дел од промоцијата на неговиот документарен филм.
Потоа беше отворена истрага за „загрозување на други лица и намерно кршење на обврската за одржување на безбедноста“ на јавно место, додаде Фигаро.
Фотографии и видеа од двата непријавени огномети во Париз циркулираат на социјалните мрежи.
pexels

