Свет
Сноуден тврди дека израелски софтвер бил користен за следење на Кашоги
Американскиот дојавувач Едвард Сноуден ја обвини израелската компанија за сајбер-разузнавање „НСО груп технолоџи“ за продажба на опрема за дигитална кражба за која тврди дека била користен за следење на саудискиот новинар Џамал Кашоги, кој беше убиен во Истанбул минатиот месец, пренесува „Џерусалем пост“.
Во тој контекст, Сноуден рече дека софтверот на НСО не бил користен само за лов на криминалци и за запирање на терористички напади туку за заработување пари со такво ниво на невнимателност што всушност почнува да чини животи.
Сноуден говореше преку видеолинк од непозната локација во Русија на настанот организиран од фирмата за стратешка, корпоративна, технолошка и финансиска комуникација „ОХ! Оренштајн Хосен“ од Тел Авив.
Кашоги, соработник на „Вашингтон пост“, исчезна на 2 октомври по влегувањето во саудискиот конзулат во Истанбул, каде што отиде по потребните документи за својата претстојна венчавка. По повеќе од две недели негирање, Саудиска Арабија призна дека новинарот бил убиен во конзулатот. Ријад рече дека 18 лица се уапсени поради нивната вмешаност во инцидентот и дека ќе им се суди во Саудиска Арабија.
Саудискиот јавен обвинител, од своја страна, призна дека убиството на Кашоги било со умисла, но Ријад тврди дека убиството немало никаква врска со саудиското кралско семејството. Турција, која спроведува посебна истрага во врска со убиството, тврди дека Кашоги бил убиен од екипа убијци испратена од Саудиска Арабија специјално за задачата.
Според турскиот јавен обвинител Ирфан Фидан, Кашоги бил задавен веднаш штом влегол во конзулатот, а неговото тело подоцна било распарчено, уште еднаш потврдувајќи го планирањето на убиството.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Трамп го предупреди Иран да не возвраќа на нападите извршени од САД и Израел
Американскиот претседател Доналд Трамп денеска го предупреди Иран да не возвраќа на нападите извршени од САД и Израел.
„Иран штотуку изјави дека денеска ќе удри многу силно, посилно отколку што некогаш удриле претходно“, напиша Трамп на Truth Social.
„Подобро да не го прават тоа“, нагласи тој.
Доколку тоа се случи, САД ќе возвратат „со сила што никогаш претходно не е видена!“, додаде американскиот претседател.
Вчерашните напади беа насочени кон клучни локации каде што се состанувало иранското раководство, при што беа убиени највисоки функционери, вклучувајќи го иранскиот врховен водач, ајатолахот Али Хамнеи, министерот за одбрана и шефот на Корпусот на исламската револуционерна гарда, соопшти израелската војска.
Нападите, во кои загинаа повеќе од 200 луѓе според Црвената полумесечина, предизвика одмазднички удари врз Израел и американските воени сили стационирани на Блискиот Исток.
Свет
Гори Блискиот Исток, експлозии и денеска се слушаат во арапските држави во Заливот
Експлозии денеска повторно се слушнаа во арапските држави во Заливот, по убиството на иранскиот врховен водач, ајатолахот Али Хамнеи, во американско-израелските напади.
Очевидци во катарскиот главен греад Доха известија дека утрово слушнале неколку силни детонации. Катарскиот информативен канал „Ал-Џезира“ објави за најмалку 11 експлозии во Доха.
Експлозии беа пријавени и во Манама, главниот град на Бахреин. Очевидци известија дека слушнале најмалку четири силни детонации. Во овој контекст, на социјалните мрежи беа споделени слики од погоден и оштетен хотел во Манама. Тие првично не можеа да бидат независно проверени, нагласува ДПА.
Техеран ги нападна американските воени бази во регионот повеќепати по почетокот на вчерашните американско-израелски напади врз Иран.
Во арапските заливски држави има илјадници американски војници.
Свет
Техеран ја потврди смртта на врховниот лидер Али Хамнеи и објави 40 дена жалост
Иранскиот државен радиодифузер ја потврди смртта на врховниот лидер Али Хамнеи, неколку часа откако САД и Израел соопштија дека тој е убиен во вчерашните воздушни напади, објави „Иран интернешнл“.
Кратко по објавата за смртта на лидерот, иранскиот кабинет објави седумдневен државен празник и 40 дена национална жалост.
86-годишниот Али Хамнеи беше на власт речиси четири децении, од 1989 година. Имаше врховна власт, владееше со владата, со војската и со судството во шиитската Исламска Република.
Фото: ЕПА

