Свет
Советот за безбедност на ОН денеска ќе одржи итен состанок за Газа
Советот за безбедност на ОН доцна попладнево во Њујорк треба да одржи затворена вонредна седница посветена на Газа, што ќе биде деветти состанок годинава посветен на израелско-палестинскиот конфликт, пренесува „Џерусалем пост“.
Состанокот беше свикан откако Израел во ракетен напад пред зори во вторникот на Газа уби тројца команданти на Палестинскиот исламски џихад (ПИЈ) заедно со најмалку 10 палестински цивили, меѓу кои четири жени и четири деца.
Иницијатори за состанокот се ОАЕ, Кина и Франција, кои го оправдуваат барањето со загрижувачкиот развој на настаните во Појасот Газа.
Советот за безбедност на ОН се состанува месечно за израелско-палестинскиот конфликт и одржа четири такви собири годинава, но имаше и дополнителни четири состаноци за справување со кризите предизвикани од зголеменото насилство и од новата влада на премиерот Бенјамин Нетанјаху.
Во писмото до СБ амбасадорот на Палестинската самоуправа, Ријад Мансур, ја осуди, како што истакна, „оваа убиствена агресија против палестинскиот народ“ и повика на итна акција за кривично да одговараат сторителите, и владините и воените претставници на Израел, кои планираат и спроведување на оваа бескрајна серија систематски прекршувања на човековите права.
„Ја осудуваме оваа убиствена агресија врз палестинскиот народ и повикуваме на итна акција за да бидат одговорни злосторниците, и владините и воените претставници на Израел, окупаторската сила“, кои, според Мансур, „ја планираат и спроведуваат оваа бескрајна серија системски прекршувања на човековите права“.
Мансур истакна дека меѓународната заедница, генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш, и Советот за безбедност имаат должност да дејствуваат за да се стави крај на, како што вели тој, „валканиците на кои Израел се навикна“.
Амбасадорот на Израел во ОН, Гилад Ердан, во писмо до СБ објасни дека хируршки прецизниот напад „Штит и стрела“, како што го опиша тој, бил одговор на баражот од повеќе од 100 ракети што Палестинците од Газа ги лансирале врз јужен Израел минатата недела.
„Израел дејствуваше на прецизен и ограничен начин против високи воени функционери во ПИЈ, кои беа директно одговорни за организација и овозможување напади и лансирање ракети и проектили против Израелците за да ги заштити граѓаните на Израел и да ги спречи планираните напади“, напиша Ердан.
Ердан објасни дека во исто време цел на нападите биле и локациите што ПИЈ ги користел за производство на оружје и воени кампови на терористичката група во Појасот Газа.
„ПИЈ ги користи граѓаните на Појасот Газа како жив штит. Тие ги кријат своите ракети меѓу цивилното население, користат приватни куќи како оперативни центри и пукаат од густо населените урбани области“, напиша Ердан.
Палестински исламски џихад е организација означена како терористичка од Австралија, Канада, ЕУ, Јапонија, Нов Зеланд, Велика Британија, САД и од Израел.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Сикорски: Путин не сака мир, туку капитулација на Украина и нема да запре
Шефот на полската дипломатија, Радослав Сикорски, денес во експозе за полската надворешна политика предупреди дека Русија не сака мир, туку капитулација на Украина и дека нема да застане тука.
„Сите сме свесни за опасноста. Ситуацијата е сериозна. Свеста за опасноста може да биде парализирачка. Не можеме да си дозволиме луксуз да останеме парализирани“, им рече Сикорски на членовите на долниот дом на полскиот парламент.
Тој предупреди дека некои сојузници не го исклучуваат сценариото Русија да го нападне НАТО, како што рече, не за две или три години, туку оваа година.
„Кремљ нема да попушти. Ќе тестира понатамошни граници. Путин не сака мир, тој сака само капитулација“, рече Сикорски и потсети дека Европа е веќе цел на руски хибридни напади – сајбер напади, поточно врз Полска од две илјади до три илјади дневно, диверзија и саботажа и масовно ширење дезинформации на Интернет.
„Целта на непријателот е едноставна. Да заплаши, да предизвика раздор, да поттикне разни групи Полјаци едни против други, да ја ослабне довербата во политичарите и владата. Полјаците, од најмладите до најстарите, мора да научат како да се справат со опасностите на Интернет. Патриотска должност е да се биде свесен кој, што и со која цел е објавено“, рече тој.
Сикорски им порача на сите во Полска кои мислат дека помагањето на Украина не вреди, дека треба да разберат дека слободна Украина како дел од Западот е шанса и можност и за нивната татковина.
„Шанса да се скршат забите на рускиот империјализам, да се зајакне заедничката одбрана, за интензивна трговска размена, заеднички проекти во одбранбената индустрија за ангажирање на нашите компании. Војната во Украина не е само за независноста на таа земја, туку и за тоа кој ќе биде трет најсилен играч во светот покрај САД и Кина – Русија или Европа“, рече тој.
Апелираше да се воведе таканаречениот воен Шенген во ЕУ, така што евентуалното доаѓање на сојузниците да помогнат да не трае со недели, туку да биде брзо без правни бариери“.
Регион
Вучиќ: Ова ќе биде клучна и една од најтешките години во светот
Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, изјави дека утре ќе бидат потпишани 10 договори за соработка меѓу Србија и Казахстан и истакна дека ова е создавање темел врз кој ќе се изгради голема куќа на пријателство што е од интерес за двете земји.
– Разговаравме за геополитичката ситуација. Имаме речиси 100% согласност во оценките. Можам да зборувам за моите предвидувања. Можaм да прoмашам за неколку дена, но во суштина не. Очекувам наскоро да започне голем конфликт, сите знаете на кој мислам, и очекувам конфликтот во Украина да не заврши, мислам дека ќе продолжи долго време. Би сакал да грешам, би бил повеќе од среќен да излезам и да кажам дека моите проценки беа погрешни, но се плашам дека ќе бидам во право. Полека, сите влегуваат во ќорсокак, а кога сте во ќорсокак, се движите само кон потешки решенија и поголеми проблеми. Ова ќе биде клучна година и една од најтешките години во светот. Не би ја исклучил можноста за употреба на неконвенционално оружје во текот на оваа година – изјави Вучиќ, пренесуваат медиумите во регионот.
Регион
Вучевиќ: Верувам во силата на Дачиќ да се избори, и во нашите лекари
Лидерот на СНС и советник на претседателот на Србија, Милош Вучевиќ, денес изјави дека е неблагодарно да се зборува за идната здравствена состојба на претседателот на СПС и министер за внатрешни работи, Ивица Дачиќ, и дека тој верува во неговата сила да се избори.
„Неблагодарно е да се зборува. Не можам да кажам ништо друго освен она што го кажаа лекарите, семејството, а ми се чини од разговорот со колегите од СПС, дека е за нијанса подобро од синоќа, но сепак е предизвикувачко“, рече Вучевиќ во гостувањето во емисијата „Фокус“ на Б92.
Тој додаде дека верува во силата на Дачиќ да се бори, во нивните лекари и дека се моли на Бога да му даде на Дачиќ доволно сила да се извлече од сето ова.
Вучевиќ истакна дека настинките не треба да се потценуваат и дека секој треба да слуша што велат луѓето кои се експерти за тоа.
„Ивица Дачиќ има уште едно прашање, тоа е прашањето за дијабетесот, стресот, политиката, сè што ни се случува. Невозможно е да нема последици. Имавме многу предизвици. Минатата година имавме предизвици со Дарко Глишиќ. Овој повик беше направен со голем притисок“, рече Вучевиќ.
Дачиќ беше примен на Клиниката за пулмологија вчера попладне со пневмонија.

