Свет
Соросовиот Институт „Отворено општество“ ги прекинува сите операции во Унгарија по нападите и притисокот од Орбан
Меѓународната мрежа за доделување грантови на глобалистичкиот милијардер Џорџ Сорос ја затвора својата канцеларија во Унгарија и ќе се пресели во Германија како реакција на владината акција против невладините организации финансирани од странски држави, пренесува „Брејтбарт Лондон“.
„Соочени со сè порепресивното политичко и законско опкружување во Унгарија, Фондацијата ‘Отворено општество’ ги пренесува своите меѓународни операции и персонал од Будимпешта во германскиот главен град Берлин“, потврди мрежата во вторникот.
Одлуката за затворање на операциите во Унгарија доаѓа во време кога премиерот Виктор Орбан се подготвува да наметне понатамошни ограничувања на невладините организации преку пакетот-закони „Стоп, Сорос“, како што се вели во соопштението.
Напаѓајќи ги предлозите според кои ќе се даночи приходот на странските НВО и ќе се намалат т.н. на граѓанското општество за промовирање на нелегалната имиграција, претседателот на „Отворено општество“, Патрик Гаспард, ја обвини Будимпешта за користење тактика без преседан во историјата на Европската Унија за да ја попречи работата на групата.
Освен поплаките поради претераните барања за транспарентност во финансирањето од странство, групатата изрази особен гнев поради мерките во пакетот што се повикува на интересите на националната безбедност, како што се правилата со кои од невладините организации што работат со барателите на азил се бара да бидат лиценцирани од владата.
„Фондацијата ќе продолжи со сите достапни правни можности за одбрана на основните права што се загрозени со овие закони“, се вели во нивната изјава ветувајќи дека ќе ја продолжат работата на организацијата во Унгарија преку финансирање од Берлин.
Кога вестите за можното заминување на Фондацијата од Будимпешта се појавија минатиот месец, Орбан изјави за јавното радио:
„Мислам дека ќе ме разберете ако не се расплачам поради нивната одлука да го затворат седиштето во нашиот главен град. Борбата против Сорос, неговата либерална идеологија и против неговите иницијативи за мигранти ќе продолжи секаде каде што се темелите на нејзиното основање“, изјави тој за „МР1“.
Посочувајќи на неодамнешните состаноци во Брисел меѓу финансиерот со унгарско потекло и високи претставници на ЕУ, унгарската владата соопшти дека е кристално јасно оти Сорос останува посветен на поткопување на политиката вклучувајќи ја и неговата цел да ја поплави Европа со мигранти од третиот свет, иако убедливата победа на Фидеш претходно годинава ѝ даде огромен мандат на партијата да ги прекине плановите да се направи нацијата мултикултурна.
Најавувајќи го крајот на ерата на либералната демократија во инаугуративниот говор минатиот викенд, Орбан вети дека ќе научи од грешките на Западот во градењето христијанска демократија од 21 век, која ги гарантира човечкото достоинство, слободата и безбедноста и ги штити еднаквите права на мажите и жените и моделот на традиционалното семејство.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Маж нападна полицаец со нож во Париз
Маж вооружен со нож, кој се обиде да нападне полицаец кај Триумфалната капија во Париз, беше ранет од неколку куршуми испукани кон него од друг припадник на безбедносните сили, објави агенцијата Франс прес, повикувајќи се на полициски извор.
Напаѓачот е однесен во болница. Полицијата е присутна кај Триумфалната капија, споменик во центарот на Париз во близина на Шанзелизе, за церемонија на палење факел на Гробот на непознатиот војник.
Националното обвинителство за борба против тероризмот објави дека го презема случајот.
фото/Depositphotos
Свет
Зеленски: Путин не е млад човек, нема многу време
Украинскиот претседател Володимир Зеленски верува дека само САД имаат моќ да ја принудат Русија да склучи мир.
„Да бидеме искрени, денес само Европа ѝ дава пари на Украина и ѝ помага. Само САД можат да го сопрат Путин“, изјави тој за POLITICO.
Сепак, Зеленски изрази загриженост дека Белата куќа можеби не ја разбира суштината на проблемот.
„Од она што го гледам, тие испраќаат повеќе сигнали дека Украина треба да направи компромис, а не Русија“, рече тој.
„Не мислам дека тоа е правилниот став. Секако, така е поедноставно“, додаде тој.
Осврнувајќи се на возраста на Владимир Путин, Зеленски забележа дека рускиот претседател, кој сега има 73 години, повеќе не е млад човек. „Тој нема многу време“, додаде украинскиот претседател. „Дај Боже да нема многу“, заклучи тој.
Свет
Украински министер: Не е реално војната да се заврши без Трамп
Украинскиот министер за надворешни работи, Андриј Сибиха, извести за напредокот на преговорите со Русија за прекин на инвазијата, истакнувајќи дека три од 20-те точки од мировниот план остануваат контроверзни. Тој потврди дека претходните две рунди разговори се одржаа во Абу Даби, а следната ќе се одржи следната недела во Женева.
Сибиха оцени дека преговорите „напредуваат“, пофалувајќи го лидерството на американскиот претседател Доналд Трамп. Тој експлицитно изјави дека „нереално е да се заврши оваа војна без Трамп“. И покрај ова, тој предупреди дека Русија не покажува „никакви знаци на подготвеност за сериозни преговори“.
„Паралелно, мора да продолжиме да вршиме притисок врз Русија и, мора да признаеме, сè уште имаме инструменти на влијание“, рече Сибиха.
Украинскиот министер откри дека сè уште има несогласување за три точки во мировниот план, кој содржи 20 точки. „Имаме изводливи предлози, па затоа во следната рунда навистина се надеваме дека нема да слушаме дополнителни историски предавања. Сега е време за акција, за дела и за конкретни, решителни чекори“, нагласи тој.
На неговите зборови се надоврза и францускиот министер за надворешни работи Жан-Ноел Баро, кој рече дека војната мора да заврши.
„Јасно е дека треба да ја запреме оваа војна, а со нашите сојузници и пријатели сè уште имаме механизми за да го постигнеме тоа“, рече тој.
Тој откри дека Франција и Обединетото Кралство „отишле многу далеку“ за да ги блокираат бродовите на руската „флота во сенка“, додека „користеле воени средства“.
Баро, исто така, ја нагласи важноста на претстојниот, 20-ти пакет санкции на Европската Унија, кој се очекува да биде усвоен на 24 февруари, на четвртата годишнина од почетокот на тоталната агресија. Тој, исто така, ја спомена улогата на таканаречената Коалиција на волјата во обезбедувањето идни безбедносни гаранции за Украина.
фото/Depositphotos

