Свет
Состанок на министрите за одбрана на НАТО: Не сакаме конфликт со Русија
„Ги поддржуваме мировните напори во Украина, го повикуваме претседателот Путин да ги повлече своите сили, но немаме планови да распоредиме војници на НАТО на теренот во Украина“, изјави генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, по вонредниот состанок на министрите за одбрана на НАТО.
НАТО ќе продолжи да испорачува воена опрема за Украина, но нема да испрати своја војска, со што ризикува ширење војна и отворен конфликт со Русија, рече Столтенберг, додавајќи дека не треба да се шпекулира со исходот од преговорите меѓу Москва и Киев, но и оцени дека значителниот отпор овозможува промена во преговорите со Русија.
Министрите за одбрана на НАТО ја потврдија својата решеност да продолжат со „значителна испорака на критична воена опрема“ за Украина, како и финансиска и хуманитарна поддршка.
Во исто време, министрите одлучија да продолжат со зајакнувањето на силите на НАТО, особено во источниот дел на алијансата.
„Соочени со новата реалност во безбедноста, мора да ја ресетираме заедничката одбрана и одвраќање на подолг период. „Денес им наложивме на нашите воени команданти да развијат опции во сите области, од копно, преку небото и морето до вселената и интернетот“, рече Столтенберг.
Тој наведува дека НАТО во моментот има стотици илјади војници на висока готовност.
„Москва не треба да се сомнева дека нема да толерираме каков било напад врз суверенитетот и територијалниот интегритет на сојузниците“, вели Столтенберг.
Цитирајќи ги плановите за натамошно значително зголемување на бројот на војници на истокот на алијансата, како и зајакнување на воздухопловните сили, вклучувајќи системи за противвоздушна и ракетна одбрана, повеќе воени бродови, подморници и носачи на авиони со постојано присуство, како и повеќе чести и обемни воени вежби.
„Сето тоа бара значителни инвестиции од најмалку два отсто од БДП на сојузниците за одбраната“, заклучи Столтенберг.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Шефот на НАТО: Кина сака добри односи со Западот и и помага на Русија, не може да ги има и двете
Кина мора да престане да ја поддржува руската војна во Украина ако сака да ужива во добри односи со Западот, изјави денеска генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг, предупредувајќи го Пекинг со невообичаено остри зборови дека не може да ги има и двете. За време на посетата на Берлин, шефот на западната воена алијанса рече дека помошта на Пекинг е од витално значење за воените напори на Москва бидејќи ја зајакнува воената економија на Русија со споделување на врвна технологија, како што се полупроводниците.
„Минатата година Русија увезе 90 отсто од својата микроелектроника од Кина, која се користи за производство на проектили, тенкови и авиони. Кина исто така работи на Русија да и обезбеди подобрени сателитски способности“, рече Столтенберг. „Кина вели дека сака добри односи со Западот. Во исто време, Пекинг продолжува да го поттикнува најголемиот вооружен конфликт во Европа од Втората светска војна. Не може да ги има и двете“, предупреди тој.
Столтенберг ги предупреди западните сојузници да не станат зависни од Кина како што беа од Русија. „Во минатото направивме грешка што станавме зависни од руската нафта и гас. Не смееме да ја повториме таа грешка со Кина и да зависиме од нејзините пари, суровини и технологии. Зависноста не прави ранливи“, додаде тој.
Кина ги зајакна трговските и воените врски со Русија во последниве години, бидејќи САД и нивните сојузници воведоа санкции и на двете, но особено на Москва, поради нејзината инвазија на Украина. Рускиот претседател Владимир Путин изјави во четвртокот дека планира да отпатува за Кина во мај, но не прецизираше точно кога.
Свет
САД градат привремено пристаниште во близина на Газа за испраќање хуманитарна помош
Соединетите Држави почнаа да градат пристаниште во Газа, соопшти денеска Пентагон, проект кој треба да ја олесни испораката на хуманитарна помош на палестинската територија. Пристаништето треба да профункционира на почетокот на мај.
Во март, претседателот Џо Бајден објави дека американската војска ќе изгради привремено пристаниште на медитеранскиот брег на Газа за да добива хуманитарна помош по море.
Изградбата е дел од напорите да се спречи гладувањето во палестинската енклава, која веќе пет месеци се наоѓа во средината на израелската воена кампања против Хамас, која го опустоши Појас Газа и ги потопи нејзините 2,3 милиони луѓе во хуманитарна катастрофа.
„Можам да потврдам дека американските воени бродови, вклучително и УСНС Бенавидез, почнаа да градат привремено пристаниште…“ изјави за новинарите портпаролот на Пентагон, Патрик Рајдер.
ОН предупредија дека Газа е во опасност од глад и се пожалија на „огромни пречки“ при добивањето помош и нејзино дистрибуирање низ енклавата.
Агенциите за помош и администрацијата на Бајден го молеа Израел да ја олесни испораката на помош во Газа и да им дозволи на нивните конвои безбедно поминување на територијата.
Рајдер рече дека Пентагон следи некој вид минофрлачки напад во Газа што предизвика минимална штета во близина на областа каде што се гради пристаништето, но додаде дека американските сили сè уште не почнале да преместуваат ништо во областа и дека нема американски сили на теренот.
Свет
(Видео) Големи поплави во Танзанија, загинаа 155 луѓе
Во поплавите во Танзанија загинаа 155 луѓе, а најмалку 236 се повредени, изјави денеска премиерот Касим Мајалива. Во поплавите оштетени се повеќе од 10.000 куќи.
Премиерот додаде дека обилните дождови предизвикани од Ел Нино и придружени со силен ветер доведоа до поплави и лизгање на земјиштето во различни делови на земјата.
„Многу луѓе загинаа. Имаше штета на посевите, куќите, инфраструктурата како патишта, мостови и железници“, рече Мајалива.
Поплави ја погодија и Кенија, која се граничи со Танзанија на истокот на Африка, при што загинаа повеќе од 30 луѓе, пишува Си-ен-ен.
Во Кенија врне силен дожд од средината на март, а врнежите се интензивираа минатата недела. Кенискиот Црвен крст изврши повеќе од 188 спасувачки операции од март. Властите вчера затворија некои патишта во главниот град на Кенија, а неколку населби беа поплавени.