Свет
Сперанца: Кризата ќе заврши само кога ќе се најде вакцината, дотогаш треба да се создадат услови за соживот со вирусот
Италијанската влада подготвува план од пет точки за контролирано отворање на земјата кога епидемијата на коронавирусот ќе почне да покажува знаци на забавување, изјави министерот за здравство на Италија, Роберто Сперанца.
Италија се соочува со најлоша епидемија од сите европски земји, но ширењето на инфекцијата забавува и веќе се појавуваат знаци на нетрпеливост и заситеност од мерките за изолација како во деловниот свет така и меѓу населението.
Во интервју за весникот „Република“, Сперанца рече дека владата ќе ги задржи мерките за социјално дисанцирање, ќе развива домашни методи на лекување за што е можно повеќе луѓе да се лекуваат надвор од болниците и ќе го зголеми тестирањето.

(Фото: ЕПА)
„Тестирањето на милиони луѓе треба да покаже колку Италијанци се заразени, дали и колку се имуни, и во кои области можат да се вратат во нормален живот“, вели министерот.
Тој, исто така, зборуваше за отворање нови болници кои ќе лекуваат само пациенти со Ковид-19 и ќе развијат апликација за следење на заразените и ќе им овозможат пристап до здравствена нега од далечина.
Сперанца повика на претпазливост, велејќи дека нема да има ден на кој ќе може да се каже „сè е готово“ и дека би било неодговорно да се вети датум на кој животот ќе се врати во нормала.
Потврдувајќи ги предупредувањата на експертите дека кризата ќе заврши само кога ќе се најде вакцината, министерот рече дека дотогаш треба да се создадат услови за соживот со вирусот.
Италија е во карантин од 10 март и мерките истекуваат на 13 април. Според извештаите на медиумите, на некои гранки во индустријата ќе им биде дозволено да продолжат со работа по тој датум.
Вчера бројот на смртни случаи од Ковид-19 беше помалку од 700, што е најнизок број на починати за 24 часа во последните девет дена.
Со 15. 362 жртви Италија е прва во светот по бројот на починати од коронавирус.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Зеленски очекува корисна следна рунда мировни преговори
Претседателот на Украина, Володимир Зеленски, денеска во Минхен изјави дека очекува следната рунда мировни преговори да биде сериозна, суштинска и корисна. Сепак, тој додаде дека понекогаш се чини како „страните да зборуваат за сосема различни работи“.
Нова рунда разговори меѓу претставниците на Русија и Украина, со посредство на САД, ќе се одржи во Женева во вторник и среда.
Зборувајќи на Минхенската безбедносна конференција, Зеленски рече дека клучниот фокус во мировните преговори е да се обезбеди дека „за четири години, цивилизираниот свет нема да биде принуден повторно да се оправдува, да ја префрла одговорноста и да бара некој друг да го обвини“ за уште една војна.
„Украина е подготвена за договор што ќе ни донесе вистински мир нам, на Украина и на Европа“, додаде тој и изјави дека Европа „практично не е присутна на преговарачката маса“, но треба да биде.
„Тоа е голема грешка“, рече тој.
Зеленски истакна дека би било илузија да се верува дека оваа војна сега може сигурно да се заврши со поделба на Украина. Тој повтори дека на Русија „не смее да ѝ се даде никаква надеж дека може да остане неказнета за ова злосторство“.
Тој вели дека Москва била најсериозна во врска со преговорите кога била погодена од длабоки украински напади на сопствената територија.
„Колку сме посилни, толку пореален станува мирот“, рече тој.
Свет
Грчките земјоделците го завршија протестот во Атина
Со сирени и свирење, исто како што и пристигнаа, тракторите на грчките земјоделци претпладнево си заминаа од Атина, откако во текот на ноќта останаа паркирани пред грчкиот Парламент. Околу 50 трактори вчера пристигнаа во Атина, поминаа низ низа централни улици, каде што беа пречекани и поздравени од граѓаните и случајните минувачи, а на ист начин си заминаа денеска.
Во текот на вечерта тракторите останаа паркирани на плоштадот Синтагма пред Парламентот, откако претходно, протестот заврши мирно, а свои обраќања имаа земјоделци од различни делови на земјата, пренесувајќи ги нивните ставови и барања поврзани со примарниот сектор.
Свет
(Видео) Хаос во авион, тепачка и расистички испади принудија итно слетување
Драматични сцени се одвивале во авион на авиокомпанијата „Jet2“, откако избувнала тепачка за време на летот од Анталија кон Манчестер. Поради инцидентот, авионот бил принуден итно да слета во Брисел.
Од компанијата соопштија дека летот „LS896“ бил пренасочен поради „апсолутно неприфатливо однесување на двајца патници“, кои подоцна биле симнати од авионот од страна на белгиската полиција. По интервенцијата, летот продолжил кон крајната дестинација и слетал во Манчестер околу 22 часот.
Според сведоштво на патник кој бил присутен во авионот, инцидентот започнал кога маж, кој наводно консумирал алкохол, почнал да извикува расистички навреди кон патници со пакистанско потекло.
– Иако пиеше алкохол, беше целосно свесен што зборува и што прави – изјавил сведокот, додавајќи дека ситуацијата дополнително ескалирала кога патникот не успеал да купи цигари за време на летот.
По тоа, тој станал агресивен и кон членовите на екипажот, а тензијата кулминирала со физичка пресметка во авионот.
Во еден момент ситуацијата стана многу физичка. Луѓето беа вознемирени и исплашени. Атмосферата беше хаотична – раскажал сведокот.
По принудното слетување во Брисел, двајцата патници биле приведени и симнати од летот. Од „Jet2“ потврдија дека тие се ставени на трајна „црна листа“ и повеќе нема да можат да летаат со оваа авиокомпанија.
– Како семејно ориентирана авиокомпанија имаме политика на нулта толеранција кон вакво однесување. Ќе ги преземеме сите правни чекори за да ги надоместиме трошоците што настанаа поради пренасочувањето на летот – соопшти портпаролот на компанијата.
Сведокот оценил дека инцидентот е потсетник дека „расизмот сè уште постои и нема место во општеството“.
‘FLIGHT’ CLUB: A Jet2 flight from Turkey to the U.K. was diverted to Belgium after a violent altercation broke out between passengers.
Jet2 says two passengers have been banned from flying with them, according to a report. pic.twitter.com/26FRuGhMOK
— Fox News (@FoxNews) February 14, 2026

