Свет
Специјалните сили итно ја евакуираа американската амбасада во Судан
Американските сили за специјални операции извршија итна евакуација на американската амбасада во завојуваниот Судан за помалку од еден час во неделата користејќи хеликоптери, пренесува „Политико“.
Вашингтон ја затвори американската мисија во Картум на неодредено време оставајќи без дипломатска помош во Судан илјадници американски граѓани, кои се во источноафриканската земја од приватни причини.
Претходно во саботата, амбасадата издаде предупредување дека поради неизвесната безбедносна ситуација во Картум и затворањето на аеродромот, во моментот не е безбедно да се преземе масовна евакуација координирана од владата на САД за тие граѓани.
Американските власти велат дека е премногу опасно за помасовна мисија за евакуација во ситуација кога е целосно затворен главниот меѓународен аеродром, а патиштата што водат надвор од земјата се под контрола на вооружени лица.
Во изјавата, во која им се заблагодарува на војниците, претседателот Џо Бајден посочи дека добива редовни извештаи за напорите да им се помогне на преостанатите Американци во Судан ако тоа е можно.
Евакуацијата ја извеле 100-ина американски војници, кои со три хеликоптери „MH-47’“ ги префрлиле преостанатите седумдесетина американски вработени од амбасадата до непозната локација во Етиопија, која им обезбедила поддршка за прелет и полнење гориво, посочува Моли Фи, помошник-државен секретар за африкански прашања.
Американската команда во Африка (АФРИКОМ) и генералот Марк Мили биле во контакт со двете завојувани фракции во Судан за да се осигурат дека американските сили ќе имаат безбеден премин за да ја спроведат евакуацијата.
Бајден, кој нареди евакуација на персоналот на амбасадата откога доби препорака од својот тим за национална безбедност и по нападот на конвој на амбасадата во Картум, рече дека во евакуацијата им помогнале и Џибути, Етиопија и Саудиска Арабија.
Речиси 16.000 американски државјани се регистрирани во амбасадата во Судан, но бројката е груба бидејќи не сите Американци се регистрираат во амбасадата кога доаѓаат или си заминуваат од земјата.
Евакуациите на амбасадите што ги изведува американската војска се релативно ретки и обично се случуваат само под екстремни услови. Кога ѝ наредува на амбасадата да го повлече персоналот или да ги прекине операциите, Стејт департментот претпочита персоналот да користи комерцијален превоз, ако тоа е опција.
Кога САД привремено ја затворија амбасадата во Киев непосредно пред руската инвазија на Украина во февруари 2022 година, вработените користеа комерцијален транспорт за да заминат.
Меѓутоа, во неколку други скорешни случаи, особено во Авганистан во 2021 година, условите ги направија комерцијалните патувања невозможни или крајно опасни. Американските војници го придружуваа и персоналот од американската амбасада во Триполи, Либија, при евакуацијата во 2014 година со копнен конвој до Тунис.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Прво огласување на кралот Чарлс по апсењето на Ендру
Британскиот крал Чарлс се огласи по апсењето на својот брат и поранешен принц Ендру.
„Со најдлабока загриженост ја примив веста за поранешниот принц Ендру Маунтбатен Виндзор и сомневањето за злоупотреба на јавна функција. Она што сега следи е целосен, фер и правилен процес за соодветно истражување на ова прашање и од страна на надлежните органи. Во ова, како што реков, тие ја имаат нашата целосна и безусловна поддршка и соработка. Да бидам јасен: законот мора да си го направи своето. Додека овој процес продолжува, не би било соодветно да коментирам понатаму. Во меѓувреме, моето семејство и јас ќе продолжиме да ја извршуваме нашата должност и да ви служиме на сите вас. Чарлс Р.“, изјави тој.
Свет
Стармер: Никој не е над законот
Британскиот премиер Кир Стармер изјави дека уапсениот Ендру Маунтбатен-Виндзор треба да разговара со властите во Велика Британија и САД во врска со „скандалот“ околу осудениот сексуален престапник Џефри Епстин, нагласувајќи дека „никој не е над законот“.
Во интервју за Би-Би-Си, Стармер рече дека секој што има релевантни информации има обврска да се јави кај властите.
„Секој што има какви било информации треба да сведочи. Без разлика дали е Ендру или некој друг, секој што има релевантни информации треба да контактира со надлежниот орган“, истакна британскиот премиер, додавајќи дека ова важи не само за случајот Епстин, туку и за сите други случаи на насилство врз жени и девојчиња.
Стармер истакна дека еден од основните принципи на британскиот систем е дека сите се еднакви пред законот.
„Никој не е над законот. Тоа е долгогодишен и многу важен принцип на нашето општество и мора да се примени во овој случај на ист начин како и во секој друг“, рече тој.
Ендру Маунтбатен-Виндзор беше уапсен денес во неговиот имот Вуд Фарм во Сандрингам, на неговиот 66-ти роденден, објави британскиот „Телеграф“, повикувајќи се на неименувани извори.
Ендру беше уапсен под сомнение за злоупотреба на јавна функција.
Регион
Пленковиќ: Разговарав со Вучиќ, Сојузот е „технички“
Хрватскиот премиер Андреј Пленковиќ денес во Њу Делхи изјави дека за време на разговорот со српскиот претседател Александар Вучиќ, тој „ги отфрлил стравувањата на Србија во врска со одбранбената соработка меѓу Хрватска, Албанија и Косово“.
„Ги отстранивме стравувањата што, според нас, постојат во Србија во врска со соработката меѓу министерствата за одбрана на Хрватска, Косово и Албанија.“ Објаснив дека оваа соработка е насочена кон техничка соработка на нашите оддели и дека на никаков начин не е насочена против Србија“, рече Пленковиќ.
„Значи, сега, колку што видов од неговата изјава, таа е прифатена“, им рече Пленковиќ на новинарите на маргините на самитот за вештачка интелигенција во Њу Делхи, пренесува „Хина“.
Според написите, минатата година, Хрватска, Албанија и Косово потпишаа Декларација за соработка во областа на одбраната и безбедноста, која, според толкувањето на експертите, не е исто што и договор за воено-техничка соработка,.

