Свет
Старица во Шведска останала гладна зашто никој во старскиот дом не зборувал шведски
Една постара жена во шведски старски дом останала без јадење затоа што никој од негувателите што работеле тој ден не зборувал доволно шведски за да разбере дека е гладна, пренесува порталот за вести „Самхолснит“.
Инцидентот се случил минатата недела во општината Остерсунд, а старицата контактирала со лицето назначено за нејзин законски старател.
Таа му рекла на својот старател дека е гладна и дека побарала сендвич од персоналот, но никој не ѝ помогнал затоа што не знаат шведски. Таа му рекла и дека е загрижена бидејќи не можела да комуницира со негувателите.
Старателот се јавил во старскиот дом и потврдил дека никој од вработените на должност во тоа време не зборувал шведски. Подоцна повикал друго одделение и дознал дека редовниот персонал не бил на работа и дека нивните места се пополнети со заменски работници. По повикот на старателот, еден работник од друг оддел што зборувал шведски јазик на крајот отишол во домот и ѝ дал храна на жената.
Локалната општина посочи дека причина за инцидентот е пандемијата на коронавирусот правдајќи се дека голем дел од редовниот персонал е на боледување, но дека сите заменски работници мора да имаат одредено ниво на познавање на шведскиот јазик.
Претходно овој месец, шведскиот Инспекторат за здравство и нега соопшти дека слабото познавање на шведскиот јазик кај персоналот во старските домови го зголемува ризикот од инфекции и смртни случаи од коронавирусот.
Во моментот нема барања за познавање на јазикот за работа во домови за нега на стари лица во Шведска. Но, двајца политичари од популистичката партија Шведски демократи во општината Умеа побараа јазични тестови во нивната област.
Јазичната бариера се смета за причина и за повисоките стапки на инфекција со коронавирус во жариштата во Стокхолм, кои имаат големи мигрантски заедници. Во април беше објавено дека предградието Ринкби-Киста, озлогласено за немири и криминал, во тоа време имало најмногу заразени на жител во градот.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
По пет часа заврши средбата меѓу Путин и Американците – продуктивно, но без компромис за мировниот план, според првичните реакции
Разговорот на рускиот претседател Владимир Путин со специјалниот претставник на САД, Стив Виткоф и зетот на американскиот претседател Доналд Трамп, Џаред Кушнер, заврши во Кремљ по повеќе од пет часа.
Заедно со Путин, во руската делегација се и двајца негови советници, Кирил Димитриев и Јуриј Ушаков.
По средбата, Димитриев се огласи на социјалната мрежа „Икс“, каде што објави фотографија од средбата со стикер од гулаб со маслиново гранче, што симболизира мир.
Productive 🕊️ pic.twitter.com/YlkqF0b7tr
— Kirill Dmitriev (@kadmitriev) December 2, 2025
„Продуктивно“, напиша тој, пренесе „ТАСС“.
По него, зборуваше и Јуриј Ушаков.
Тој рече дека засега не е изнајден компромис на мировниот план за решавање на ситуацијата во Украина.
„Сè уште не е пронајдена компромисна варијанта на мировниот план за Украина, но некои американски нацрти за мировно регулирање изгледаат повеќе-или-помалку прифатливи, но потребна е дискусија. Некои формулации што ни беа предложени не ни одговараат. Односно, работата ќе продолжи“, објасни Ушаков, во изјава што ја пренесоа руските медиуми.
Свет
Италија планира да ја одложи одлуката за продолжување на воената помош за Украина
Италијанската влада има намера да го одложи одобрувањето на декретот што ќе му дозволи на Рим да ја продолжи воената помош за Киев за следната година, соопштија денес извори блиски до ова прашање, пренесе „Ројтерс“.
Застојот доаѓа во услови на тензии во десничарската коалициска влада околу поддршката за Украина. Премиерката Џорџа Мелони вети продолжување на помошта, но нејзиниот заменик Матео Салвини ја доведе во прашање оправданоста на таа одлука.
Во својата критика за помошта за Украина, Салвини се осврна на корупцискиот скандал во енергетскиот сектор што ја тресе администрацијата на украинскиот претседател Володимир Зеленски.
Од руската инвазија на Украина во февруари 2022 година, италијанската влада испрати 12 пакети воена помош за Украина, вклучувајќи го и системот за воздушна одбрана SAMP/T.
Прописите ѝ дозволуваат на владата да дејствува без да бара одобрение од парламентот за секоја нова рунда воени испораки. Важечкиот пропис истекува на крајот од годината.
Откако ќе биде одобрен од владата, новиот пропис ќе стапи на сила веднаш, но парламентот ќе мора да го ратификува во рок од 60 дена.
Свет
Путин три часа преговара со пратениците на Трамп за Украина
Разговорот меѓу рускиот претседател Владимир Путин и специјалниот пратеник на американскиот претседател Доналд Трамп, Стивен Виткоф, трае веќе три часа и засега нема најава за негово завршување. На состанокот учествуваат и Јуриј Ушаков и Кирил Дмитријев од руската страна, како и Џаред Кушнер од американската делегација.
Состанокот е дел од интензивна дипломатска активност последниве две недели. Според изворите на Аксиос, Виткоф и Кушнер утре треба да го информираат украинскиот претседател Володимир Зеленски за разговорите во Москва.
Американскиот план за примирје, првично со 28 точки, сега е фокусиран на утврдување де факто граница како дел од можен договор. Путин изјави дека предложениот план може да биде основа за разговори, но Русија не отстапува од клучните барања, вклучувајќи ја и контролата врз целиот Донбас. САД наводно ја повикале Украина да направи територијален отстапок, што е политички тежок потег за Киев.
Зеленски од Даблин порача дека најтешки делови од планот се територијата, користењето замрзнати руски средства и безбедносните гаранции. Тој смета дека постои „најголема шанса досега“ да се стави крај на војната. Потврди дека со САД е усогласен нов мировен договор со 20 точки.
Украина е подготвена за нова средба со Виткоф и Кушнер по нивниот состанок во Москва, а опција е таа да се одржи во Брисел, каде утре заседава НАТО. На состанокот нема да присуствува американскиот државен секретар Марко Рубио.

