Европа
Стармер: Немам намера да разговарам со Путин
Британскиот премиер Кир Стармер „нема намера да разговара“ со Владимир Путин, изјави тој, два дена по разговорот меѓу германскиот канцелар Олаф Шолц и рускиот претседател.
„Канцеларот Шолц сам одлучува со кого ќе разговара. Немам намера да разговарам со Путин“, рече Стармер, кој се подготвува за самитот на Г-20 што денеска започнува во Бразил.
„Мораме да ги удвоиме нашите напори за да ја зајакнеме поддршката за Украина“, додаде лабуристичкиот премиер. Оваа тема е „на врвот“ на неговата агенда на самитот на Г20, на кој присуствуваат големите светски лидери, но не и Владимир Путин.
Во вторник го славиме илјадитиот ден од војната во Украина, потсети британскиот премиер.
„Тоа значи 1.000 дена руска агресија, 1.000 дена жртва за украинскиот народ, а неодамна гледаме дека севернокорејските трупи соработуваат со Русите“, продолжи тој.
„Тоа го покажува очајот на Русија, но има и сериозни импликации за европската безбедност и безбедноста на Индо-пацификот“, предупредува Стармер.
„Мораме да обезбедиме целосна поддршка на Киев, колку што е потребно“, додаде лидерот на лабуристите.
Доналд Трамп, кој треба да се врати во Белата куќа во јануари, вети дека ќе стави крај на конфликтот меѓу Киев и Москва во рок од 24 часа.
Со телефонски разговор со Владимир Путин, Олаф Шолц го навлече гневот на Киев. Украинскиот претседател Володимир Зеленски го обвини дека ја отворил „Пандорината кутија“.
Одлуката на Шолц доби критики и од некои сојузници на НАТО, како што е Полска, а Финска побара воздржаност од европските лидери во контактите со Москва во врска со војната во Украина.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Европа
Бурна реакција на руските политичари на извештаите дека Бајден и дозволил на Украина да користи американски ракети со долг дострел, Путин засега молчи
Руските политичари бурно реагираа на извештаите дека претседателот Бајден и дозволил на Украина да користи американски ракети со долг дострел за да нападне внатре во Русија. Рускиот пратеник Леонид Слуцки, претседател на Либерално-демократската партија што го поддржува Кремљ, предвиде дека тоа „неизбежно ќе доведе до сериозна ескалација, заканувајќи се со сериозни последици“. Високиот руски сенатор Владимир Џабаров го нарече „чекор без преседан кон Третата светска војна“.
Но, во Русија на Владимир Путин, она што навистина е важно е што вели Владимир Путин. Тој се уште не кажа ништо.
Сепак, тој кажа многу претходно. Во последниве месеци, Кремљ испрати јасна порака до Западот: не правете го тоа, не укинувајте ги ограничувањата за употребата на ракетите со долг дострел, не дозволувајте Киев да напаѓа длабоко во руската територија со тие проектили.
Во септември, претседателот Путин предупреди дека ако тоа се дозволи, Москва ќе го смета за „директно учество“ на земјите од НАТО во војната во Украина.
Европа
Захарова за нападите врз Русија со моќните американски ракети: Путин кажа се
Американскиот претседател Џо Бајден и даде дозвола на Украина да користи американски ракети со долг дострел за цели на руска територија. Белата куќа и Пентагон се уште не ги потврдија овие наводи.
Портпаролката на Министерството за надворешни работи на Русија, Марија Захарова денеска не сакаше да ги коментира написите во медиумите. Претседателот Владимир Путин веќе кажа сè за тоа, рече Захарова.
Зборувајќи за можноста Украина да користи западно оружје за цели на руска територија, Путин во септември рече дека поместувањето на војната понатаму на исток нема да биде крај, „бидејќи војната ќе стигне до Западот“.
Европа
Украинците ја нападнаа Русија со дронови; Руски пратеник: Бајден ризикува Трета светска војна
Киев изврши ноќен напад со беспилотни летала на руската област Брјанск, која граничи со Украина, при што единиците за противвоздушна одбрана уништија 26 украински беспилотни летала, изјави утринава гувернерот на руската област.
„Единиците за противвоздушна одбрана продолжуваат да работат на заштита на нашиот регион“, напиша гувернерот Александар Богомаз на апликацијата Телеграм.
Руската пратеничка Марија Бутина рече дека администрацијата на претседателот Џо Бајден, дозволувајќи и на Украина да користи американско оружје за напади длабоко во Русија, ризикува да избие Трета светска војна.
„Администрацијата на Бајден се обидува да ја ескалира ситуацијата до максимум додека тие се уште имаат моќ и додека се уште се на власт“, изјави Бутина за Ројтерс.
Се надевам дека (Доналд) Трамп ќе ја смени одлуката бидејќи сериозно го ризикуваат почетокот на Третата светска војна, што не е во ничиј интерес.
Ројтерс, цитирајќи двајца американски функционери и извор запознаен со одлуката, во неделата објави дека администрацијата на Бајден ги укинала ограничувањата што претходно ја спречуваа Украина да користи американско оружје за да напаѓа длабоко на руска територија.