Свет
Статуа на Јулиј Цезар вандализирана во белгиско село
Во текот на викендот во фламанското село Велзеке-Рудершов беше вандализирана статуа на античкиот римски водач Јулиј Цезар, а некои го поврзуваат вандализмот со тековните протести на „Блек лајвс медр“, пренесува радиодифузерот РТФБ.
Статуата се наоѓа на римскиот плоштад во мирното фламанско село и беше пријавена како оштетена во неделата. Вандалите ја откинале едната од рацете на статуата која носела лента и го начкрабале зборот „ krapuul “ – фламански за „копиле“ – врз неговиот постамент.
Локалниот градоначалник Јене Де Потер го коментираше вандализмот, велејќи: „В понеделник ќе можеме поточно да ги процениме обемот на штетата и поправките што треба да се извршат“.
Де Потер додаде дека трошоците за штетите ќе бидат одговорност на оние кои ја вандализирале статуата.
РТФБ забележа дека вандализмот доаѓа по бројните напади врз статуите на поранешниот белгиски крал Леополд Втори, чие брутално владеење во Конго во 19 век натера многумина да го критикуваат и да се спротивставуваат на спомен-обележјата на монархот на јавни места.
Иако вистинскиот мотив за вандализам засега не е познат, радиодифузерот посочи дека поранешниот римски генерал и диктатор можеби станал жртва на актуелните социјални протести. На неполн километар подалеку беа вандализирани повеќе статуи, а се шпекулира дека истите лица стојат зад двата напади.
Минатата недела во Антверпен беше отстранета статуа на Леополд Втори откако беше урната и запалена од демонстрантите за време на протестот против расизмот.
Низ цел свет, БЛМ и другите т.н. антирасистички екстремнолевичарски групи имаат за цел статуи на историски личности кои можеби биле поврзани со ропството или кои биле обвинети за расизам.
Во Велика Британија, коалицијата „Стоп Трамп“, екстремнолевичарска активистичка група, објави список на статуи „за отстрел“ што сакале да бидат соборени заедно со имињата на патиштата и зградите што сакале да бидат преименувани.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Во лизгањето на земјиштето во Индонезија 25 луѓе го загубија животот
Спасувачите денеска ги прекинаа операциите за пребарување на жртвите во лизгањето на земјиштето во индонезиската покраина Западна Јава, откако беа пронајдени 14 тела на вториот ден од операциите, со што вкупниот број потврдени жртви достигна 25, пренесе ДПА, повикувајќи се на официјален претставник.
Обилните дождови што почнаа еден ден претходно предизвикаа лизгање на земјиштето вчера изутрината во близина на село во округот Западен Бандунг.
Официјални претставници изјавија дека до 80 лица се уште се водат како исчезнати.
„Сите тела беа евакуирани до 16 часот во центарот за идентификација на жртвите од катастрофата. Подоцна во текот на денот, спасувачките операции беа прекинати поради безбедносни причини, бидејќи условите на теренот во погодената област останаа нестабилни и постоеше ризик од понатамошно лизгање на земјиштето“, изјави Аде Диан Пермана, раководител на службата за пребарување и спасување во Бандунг.
Лизгањето на земјиштето често се случува во Индонезија за време на дождовната сезона, особено во густо населените и планински области на Јава, најнаселениот остров во земјата, пренесе ДПА.
Свет
Зеленски побара од сојузниците повеќе муниција за одбрана на Укаина
Украинскиот претседател Володимир Зеленски денеска побара од сојузниците повеќе муниција за противвоздушната одбрана на Украина со цел подобро да се спротивстави на руските напади, што оставија стотици илјади жители на Киев без електрична енергија и греење сред зима.
„Само оваа недела, Русите лансираа повеќе од 1.700 борбени беспилотни летала, повеќе од 1.380 наведувани бомби и 69 ракети од различни видови. Затоа ракетите за системите за противвоздушна одбрана се потребни секој ден, и ние продолжуваме да соработуваме со САД и Европа за да обезбедиме подобра заштита на нашиот воздушен простор“, рече Зеленски по пристигнувањето во Вилнус, објавија француските медиуми.
Зеленски во Вилнус се сретна со претседателот на Литванија, Гитанас Науседа. На средбата станало збор за поддршката на украинскиот енергетски систем и воената соработка меѓу двете земји.
Свет
Поради снежно невреме повеќе од 700.000 домови во САД останаа без струја
Снежно невреме го погоди поголемиот дел од САД, оставајќи стотици илјади луѓе без струја, додека влошување на временските услови се очекува и во областите на Њујорк, Филаделфија и Вашингтон.
Најтешко погодени се државите Мисисипи, Луизијана и Тексас, каде што околу 730.000 домаќинства останаа без струја, а се проценува дека дури 190 милиони луѓе се изложени на ризик од прекини во снабдувањето со електрична енергија и греење.
Невремето зафати површина од околу 3.000 километри, од Ново Мексико до Мејн, а во неколку држави е прогласена вонредна состојба. Снежните врнежи и мразот предизвикаа големи проблеми во сообраќајот, затворање на патиштата и откажување на илјадници летови.
Властите ги повикуваат граѓаните да останат дома, додека центри за затоплување на населението се отворени во Њујорк и Вашингтон.

