Свет
Столтенберг: Ако Москва нападне сојузник, тоа ќе предизвика реакција на целото НАТО
Генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, вчера беше во посета на Германија, каде што се сретна со канцеларот на Германија, Олаф Шолц, на разговори за војната во Украина и заедничкиот одговор на кризата.
Столтенберг за време на посетата разговараше и за германските медиуми и објасни дека НАТО ќе продолжи да ѝ дава поддршка на Украина преку воени и финансиски аспекти.
„Ја зголемивме нашата воена и финансиска поддршка за Украина. Германија игра клучна улога во овие напори. Исто така, има невидени санкции што ја засегаат Руската Федерација, која мора да плати висока цена за оваа војна“, рече Столтенберг.
Тој исто така појасни дека НАТО ѝ даваше поддршка на Украина во минатото, особено во форма на воена обука што се спроведува во Украина од 2014 година.
„Сето тоа им помогна на украинските војници против инвазијата на руската армија“, истакнува Столтенберг.
Како и во претходните две недели Столтенберг мораше да одговори на прашањето дали НАТО планира да ги исполни желбите на Зеленски за затворање на небото или евентуално поконкретни акции на силите на НАТО на украинска територија.
„Навистина ја разбирам фрустрацијата на претседателот Зеленски и на украинскиот народ. Тие се жртви на бруталната и бесмислена инвазија на трупите на претседателот Владимир Путин. Сепак, конфликтот не смее да ескалира подалеку од Украина и затоа НАТО нема да интервенира“, изјави генералниот секретар на НАТО.
Со цел да се зголеми безбедноста на земјите членки на НАТО, Столтенберг објаснува дека дополнителни контингенти на армијата се распоредени на источните граници на алијансата.
„Ова е многу јасен сигнал до Москва дека нападот врз сојузникот ќе предизвика реакција на целата алијанса. Сите за еден и еден за сите. Сакаме да избегнеме понатамошен конфликт“, заклучи Столтенберг.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Финска објави дека ќе бара нова единица на НАТО
Финскиот министер за одбрана Анти Хаканен изјави дека земјата има намера да побара Единицата за команден и контролен систем на НАТО да биде сместена во Финска.
Во писмена изјава, која ја пренесе финското Министерство за одбрана, Хаканен рече дека единицата, која би имала 50 членови, доколку се имплементира, ќе биде дел од командната структура на НАТО, а нејзиното одржување, како и изградбата на потребните сместувачки капацитети, ќе бидат кофинансирани од НАТО, пренесува Yle.
„Единицата за команден и контролен систем би понудила можност за развој на компатибилноста на финските национални и службите за команден и контролен систем на НАТО“, рече Хаканен.
Планирано е одлуките за ова прашање да се донесат на состанок на министрите за одбрана на НАТО во февруари 2026 година, пренесува Танјуг.
Фото: принтскрин
Свет
„Економист“: Венс и Рубио во жесток судир околу планот за Украина
Американскиот потпретседател Џеј Ди Венс и американскиот државен секретар Марко Рубио се најдоа на спротивставени страни на врвот на администрацијата, остро разидувајќи се околу мировниот план за Украина, пишува „Економист“, повикувајќи се на високи извори во Вашингтон.
Според сознанијата на ова издание, Венс првично се залагал за построг пристап кон Киев. Тој дури и го поканил украинскиот претседател Володимир Зеленски лично да му ги објасни условите што ги поставува Вашингтон. Во исто време, секретарот на армијата Ден Дрискол – универзитетски пријател на Венс – отпатувал во Киев, каде што му ги пренел ставовите на американската страна на Зеленски.
Од друга страна, државниот секретар Марко Рубио се обидел да ја „врати ситуацијата на вистинскиот пат“ барајќи компромис со украинското раководство, иако во исто време тврдел дека е „целосно надвор од линија“ во комуникацијата со Белата куќа.
Како што објавува „Економист“, Рубио нагласил дека клучните елементи на мировниот план ги изготвиле специјалниот пратеник на американскиот претседател Доналд Трамп, Стивен Виткоф, и неговиот руски соговорник, Кирил Дмитриев. Самиот Виткоф подоцна потврди на Фејсбук дека планот е целосно резултат на работата на Соединетите Американски Држави.
ЗМедиумите потсетуваат дека изворите на Блумберг претходно изјавија дека администрацијата на Трамп сè повеќе врши притисок врз Киев што поскоро да склучи мировен договор со Москва, со цел да се стави крај на војната под услови што Вашингтон ги смета за прифатливи.
Овој раскол во самиот врв на американската администрација, според написите, јасно покажува дека САД сè уште бараат обединета позиција за тоа како да се стави крај на украинскиот конфликт – и под кои услови.
Фото: принтскрин
Свет
Трамп: Нешто добро се случува
Американскиот претседател, Доналд Трамп, проговори за разговорите меѓу САД и Украина, кои се дел од мировниот план на САД за ставање крај на војната и руската агресија.
„Дали е навистина можно да се постигне голем напредок во мировните преговори меѓу Русија и Украина??? Не верувајте додека не го видите, но нешто добро можеби се случува токму сега. БОГ ДА ЈА БЛАГОСЛОВИ АМЕРИКА!“, објави Трамп на социјалните мрежи.
Коментарот на Трамп доаѓа по интензивните разговори меѓу американските и украинските делегации во Женева, како дел од план од 28 точки чија прва верзија предизвика критики во Киев и европските престолнини за одредби што беа исклучително поволни за Русија.
САД тврдат дека сегашниот нацрт се менува и „сè повеќе ги одразува украинските национални интереси“.

