Свет
Столтенберг ги повика сојузниците да ги укинат ограничувањата за употреба на оружје од страна на Украина против Русија
Генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг ги повика сојузниците да ги укинат ограничувањата за употреба на оружје од страна на Украина за да напаѓаат воени цели во Русија.
„Мислам дека дојде време сојузниците да размислат дали да укинат некои од ограничувањата што ги воведоа за употребата на оружјето што и го донираа на Украина“, рече Столтенберг во интервју за „Економист“, потсетувајќи на борбите во регионот Харков. „Лишувањето на Украина од можноста да го користи ова оружје против легитимни воени цели на руска територија во голема мера ја комплицира нејзината одбрана“, нагласи тој.
Генералниот секретар изјави дека Русија води агресивна војна и Украина има право да се брани. „И тоа вклучува удари цели на руска територија“, објасни тој, истакнувајќи дека некои сојузници веќе ги укинаа таквите ограничувања и „време е другите сојузници“ да размислат за тоа.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Куполата над Чeрнобил веќе не е безбедна: МААЕ бара итни мерки
Заштитната конструкција на напуштената нуклеарна централа Чeрнобил, оштетена од дрон, повеќе не ги исполнува своите клучни безбедносни функции, соопшти Меѓународната агенција за атомска енергија (МААЕ). По проверката, генералниот директор Рафаел Гроси изјави дека куполата што послужува како омотач на реакторот мора што поскоро да биде темелно обновена.
Инспекцијата потврди дека конструкцијата ја изгубила способноста да го задржува радиоактивниот материјал, иако носивите делови и надзорните системи не се трајно оштетени. Нападот со дрон, за кој Украина ја обвинува Русија, а Москва го негира, се случи претходно годинава. Тогашните мерења не покажале покачено зрачење.
МААЕ препорачува дополнителни мерки: контрола на влажноста, ажурирање на програмите за следење на корозијата и подобрување на автоматскиот надзорен систем. Во наредната година треба да се извршат и привремени поправки за повторно да се обезбеди способност за задржување на радиоактивниот материјал.
Регион
Двојно убиство во Црна Гора, се бара сторителот
Безживотните тела на маж и жена беа пронајдени синоќа во стан во центарот на Никшиќ, а се сомнева дека станува збор за двојно убиство. Телата беа пронајдени во стан на улицата Пека Павловиќ во центарот на Никшиќ. Се бара сторителот, пишува Телеграф.рс.
„Полициските службеници на Западниот регионален безбедносен центар, Оддел за безбедност во Никшиќ, синоќа околу 19:20 часот биле известени од член на семејството дека лицето М.П. (74) не одговара на телефонски повици и дека не воспоставиле контакт со неа два дена“, се наведува во соопштението за медиумите. Како што истакнува полицијата, веднаш биле преземени мерки за пронаоѓање на М.П., по што полициските службеници лоцирале стан, кој бил заклучен.
„Во согласност со законските овластувања, полициските службеници влегоа во внатрешноста на станот каде што го пронајдоа безживотното тело на М.П., како и безживотното тело на М.В. (41) со видливи повреди за кои постои сомневање дека се предизвикани со употреба на ладно оружје, поточно нож. Изнајмениот стан го користел М.В.“, додаде полицијата.
„За инцидентот веднаш беше информиран обвинителот на Вишото државно обвинителство во Подгорица, кој заедно со полициските службеници спроведе истрага на местото на настанот. За време на полициско-обвинителските активности, полицијата дозна за идентитетот на сторителот на ова кривично дело, и се работи интензивно на негово лоцирање и апсење“, се наведува во соопштението за медиумите.
Како што додаваат, мотивот за тешкото кривично дело им е познат на властите. „Имајќи ја предвид неговата тежина, како и приватните околности на повредените лица и сторителите, во оваа фаза од постапката не можеме да дадеме повеќе детали“, соопшти полицијата.
Свет
Забраната за социјални мрежи за помлади од 16 години стапи во сила во Австралија
Забраната за користење социјални мрежи за лица помлади од 16 години стапи во сила на полноќ по локално време во Австралија.
Платформите како Инстаграм, ТикТок и Јутјуб сега се обврзани да ги блокираат профилите на корисниците помлади од 16 години или ќе се соочат со казни до 33 милиони долари, пренесе Ројтерс.
Забраната, која ја пофалија родителите и активистите за заштита на децата, а ја критикуваа технолошките гиганти и застапниците на слободата на говор, претставува прв практичен обид за регулирање на пристапот на децата до дигиталните платформи и се очекува да стане модел за други земји што размислуваат за слични мерки.
„Иако Австралија е прва што усвои вакви ограничувања, малку е веројатно дека ќе биде последна“, изјави професорката за интернет-студии на Универзитетот Кертин, Тама Ливер.
Влади – од Данска до Малезија, како и поединечни американски држави – веќе разгледуваат слични чекори, истакнува Ројтерс.
Забраната првично ги опфаќа десетте најголеми платформи, вклучително и Јутјуб, Инстаграм и ТикТок, а листата ќе се проширува како што се појавуваат нови производи и корисниците преминуваат на алтернативи.
Платформите ќе ја проценуваат возраста на корисниците со помош на алгоритми, податоци од лични документи или поврзани банкарски информации.
Иако платформите тврдеа дека забраната ја ограничува слободата на говор и го загрозува идниот прилив на корисници, владата истакнува дека целта е заштита на децата и намалување на штетното влијание на дигиталните медиуми.
Пред стапувањето на забраната во сила, 86 проценти од децата на возраст од осум до 15 години користеле социјални мрежи.
Комесарот за е-безбедност го ангажирал Универзитетот Стенфорд и 11 академици да ги следат ефектите од забраната најмалку две години, за Австралија да може да обезбеди податоци за регулаторите и законодавците ширум светот.
Ко-директорот на Центарот за вештачка интелигенција, доверба и управување на Универзитетот во Сиднеј, Тери Флу, оцени дека „деновите на неограничено самоизразување на децата на социјалните мрежи полека поминуваат“, истакнувајќи ја важноста на новата регулатива.

