Свет
Столтенберг првпат го поддржа Руте како кандидат за генерален секретар на НАТО, се чека став на само една земја
Генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, за првпат го поддржа холандскиот премиер Марк Руте како кандидат за нов генерален секретар на НАТО, опишувајќи го како „многу силен кандидат“.
Столтенберг разговараше на прес-конференција со американскиот државен секретар Ентони Блинкен веднаш по веста дека Словачка и Унгарија ја поддржале кандидатурата на Руте, објавено е на веб-страницата на НАТО. НАТО го избира шефот на Северноатлантската алијанса врз основа на консензус, а 29 земји-членки веќе го поддржаа Руте како наследник на Столтенберг, додека Унгарија, Словачка и Романија беа последни кои се спротивставија на оваа опција.
„Не зависи од мене да го изберам мојот наследник“, рече Столтенберг, но додаде дека Руте е „многу силен кандидат“ кој има големо искуство како премиер.
Со оглед на тоа што романскиот претседател Клаус Јоханис се уште официјално е во игра за нов генерален секретар на НАТО, официјален Букурешт се уште не ја објавил својата поддршка за кандидатурата на Руте.
Сепак, холандскиот јавен сервис НОС објави дека сигурни извори потврдиле дека Јоханис „наскоро“ ќе ја повлече својата кандидатура и дека холандскиот премиер во заминување Марк Руте ќе биде новиот генерален секретар на НАТО.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Регион
Хрватска со најголем пораст на цените на пицата во Европа
Во последната година Хрватска бележи најголем раст на цените на пицата меѓу европските држави, покажуваат податоците на Евростат, пренесе „24сата.хр“.
Според анализата, во август 2024 година пицата била поскапа за 7,2 проценти во однос на истиот месец лани. Зад Хрватска се наоѓа Летонија со раст од 6,6%, а потоа следуваат Грција, Романија и Унгарија со поскапување меѓу 5 и 5,3%.
Тоа се правда со зголемените цени на брашното, сирењето, месото, зеленчукот и енергенсите. Сепак, спротивно, во Луксембург, Данска и Ирска цените на пицата дури се намалиле – од 1,8 до 2,9 проценти.
Во познатата пулска пицерија „Ин Форно“, сопственикот Морено Марини изјавил дека не ги зголемиле цените, бидејќи голем дел од квалитетните состојки ги набавуваат директно од Италија, каде што се поевтини и до 40 проценти.
„Користиме само најдобро брашно и вистинска моцарела. Сакам подобар квалитет и фер цена за гостите“, изјавил Марини за 24сата, додавајќи дека и покрај растот на трошоците, ќе се обиде да ги задржи сегашните цени.
Свет
Трамп: Имам многу добар однос со кинескиот претседател, сакам да ми помогне со Русија
Американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека се надева на помош од Кина во решавањето на ситуацијата со Русија и завршување на војната во Украина, пренесе Би-би-си.
Трамп зборуваше во претседателскиот авион „Ер форс уан“ на пат за Азија, каде што ќе се сретне со кинескиот лидер Шји Џинпинг.
„Би сакал Кина да ни помогне со Русија“, рече тој.
Изјавата доаѓа во период кога Вашингтон одбива да ѝ испорача на Украина ракети „Томаховк“. Трамп, сепак, воведе нови санкции кон две руски нафтени компании, додека од Кремљ порачаа дека се имуни на мерките.
Иако средбата со Шји првенствено ќе биде посветена на трговијата, Трамп најави дека ќе разговараат и за Украина.
„Имам многу добар однос со претседателот Шји, и верувам дека и тој сака војната да заврши“, изјави Трамп.
Свет
Крстевски: Во првиот круг Росоман покажа дека сака промени, а во втор круг уште помасовно да излеземе и да го заокружиме бројот 9 за општината да се развива
Денес Росоман повторно покажува дека не се плаши од промени, дека знае да се бори за својата иднина. Во првиот круг ја видовме силата на народот со јасна порака: Росоман сака промени! Росоман сака работа и резултати, вели кандидатот за градоначалник на ВМРО-ДПМНЕ за општина Росоман, Ѓорѓи Крстевски на денешниот настан во општина Росоман, под слоганот „Вистинскиот избор! Твојот човек! Твоето место! За твојата иднина!“, во рамките на изборната кампања за вториот круг од локалните избори кои ќе се одржат 2 ноември.
Крстевски посочи дека тие што со години владееле со лаги, со притисоци и со страв нека знаат дека времето им завршува, дека народот се биди и не се заплашува, а кога Росоман ќе се разбуди, тогаш нема сила што може да го запре.
Понатаму, Крстевски додаде дека во вториот круг нема калкулации и дека има само две страни, едната на страната на народот, а другата на страната на корупцијата, на страната на иднината, или на страната на минатото.
Ние стоиме со народот, вели Крстевски и затоа, пред сите вас, ветувам дека во наредниот период ќе реализираме проекти што ќе ја променат општината.
„Заедно со градоначалникот Митко Јанчев и општина Кавадарци, ќе воведеме годишна карта за Паркинг од 800 денари за сите жители на општина Росоман и бесплатен превоз за сите пензионери кои ќе го користат Јавниот превоз. Ќе обезбедиме храна за дечињата во основното училиште, а не како сега во спотови. Ќе се обезбедат бесплатни униформи а не како до сега родителите да бидат изложени на дополнителни трошоци притиснати од раководството на општината. Заедно со АД Водостопанство ќе отвориме подрачна канцеларија во Росоман, ќе се воспостави кол центар 24/7 каде граѓаните ќе ги пријават своите проблемите, а за сите семејства од социјален ризик ќе воведеме бесплатна градинка“, рече Крстевски.
Додаде дека заедно со Владата и министерството за транспорт и врски, се обврзуваме дека ќе ја направиме клучката и долгоочекуваниот проблем во Сирково, конечно да се реши.
„Ова не се само ветувања ова се конкретни дела што ќе ги почувствува секое семејство, секој земјоделец, секој млад човек што сака да остане во Росоман. Ќе изградиме општина која ќе биде пример за чесност, работа и одговорност. Ќе ставиме крај на расипништвото, на поделбите, на стравот. Ќе покажеме дека кога народот се обединува, нема сила што може да го победи“, истакна Крстевски.
Крстевски повика на 2 ноември да се излезе масовно на гласање и да се заокружи бројот 9, за да покаже Росоман дека избира иднина, не минато, а со тоа ќе се покаже дека народот е посилен од партиските вработувања, од притисоците и од лагите.

