Свет
Столтенберг: Очекувам Шведска и Финска в година да влезат во НАТО
Генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, во интервју за ДПА изјави дека очекува Шведска и Финска официјално да му се приклучат на НАТО во 2023 година. Столтенберг не може да каже кога точно ќе биде тоа. Сепак, тој посочи дека е „апсолутно убеден оти процесот на ратификација ќе биде завршен навреме“.
Столтенберг јасно стави до знаење дека не очекува Турција долго време да го блокира процесот на приклучување на Финска и Шведска во НАТО. Најисточната членка на одбранбената алијанса сè уште ги нема ратификувано т.н. протоколи за пристапување за да се отвори патот на Финска и Шведска за влез во НАТО.
Турското раководство ја оправдува својата позиција со наводната поддршка на двете земји на „терористичките организации“ мислејќи на забранетата Курдистанска работничка партија (ПКК).
Сепак, според некои шпекулации, улога во турската блокада играат и одлуките на одделни земји на НАТО, кои ја прекинаа продажбата на оружје на Анкара.
На пример, САД ја исклучија Турција од својата програма за производство на борбени авиони „Ф-35“ откога владата во Анкара купи противракетни системи „С-400“ од Русија и покрај противењето на партнерите во НАТО поради безбедносни причини.
Шведска и Финска поднесоа барање за членство во НАТО во мај поради руската агресија во Украина.
До крајот на јуни се чинеше дека спорот за наводната поддршка на Шведска и Финска на „терористичките организации“ е решен. Меѓутоа, Турција сега вели дека тогашните договори сè уште не се исполнети, а Шведска особено не ги спроведува. Меѓу другото, Анкара бара екстрадиција на наводните терористи.
Минатата недела турскиот министер за надворешни работи, Мевлут Чавушоглу, на прес-конференција со својот шведски колега Тобијас Билстром рече дека „не се ни на половина пат“ во спроведувањето на договорот.
Тој, меѓу другото, го критикуваше фактот што шведскиот Врховен суд неодамна ја запре екстрадицијата на новинарот Булент Кенес, што беше побарано од Турција.
Запрашан дали не би било подобро да се има можност за суспендирање на гласачкото право на земји како Турција, Столтенберг рече дека нема причина да се шпекулира каков би бил пристапот доколку денеска се преговара за основачкиот договор на НАТО.
Тој истакна дека има и разлики во мислењата меѓу сојузниците за прашања како што се демократијата и владеењето на правото додавајќи дека НАТО е важен форум за сојузниците да ја изразат својата загриженост, пренесе „Индекс.хр“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Рјабков: Русија нема доверба во НАТО
Геополитичките проекти со НАТО сега се невозможни, Москва нема доверба во Алијансата и кај нас предизвикува политичка и емотивна одбивност, изјави денеска рускиот заменик министер за надворешни работи Сергеј Рјабков.
„Геополитички дизајн од секаков вид со НАТО е невозможен. НАТО не е пандан способен за преговори, тоа е групација во која не само што немаме ни најмала доверба, туку ни предизвикува политички и, дури би рекол, емотивна одбивност“, рече Рјабков во интервју за ТАСС.
Тој посочи дека Русија ќе работи со оние „кои се подготвени да преговараат на еднаква основа“.
„Големиот евроазиски простор, концептите на евроазиската безбедност, се она што доаѓа во центарот на вниманието на архитектонските проекти во однос на политиката и геополитиката. Според нас, тоа е она на што пред се треба да се фокусираме“, посочи Рјабков.
Свет
Ирански командант: Три европски земји ќе одговараат за помошта кон Израел
Командантот на силите Кудс, Есмаил Кани изјави дека трите европски земји кои ги распоредија своите воени авиони за да го одбранат Израел од одмаздничката операција организирана од Иран ќе одговараат.
– Франција, Германија и Велика Британија не треба да мислат дека распоредувањето на авионите таа ноќ е крај на проблемот. Да, таа ноќ заврши, но ќе одговорат во догледно време – изјави бригадниот генерал Есмаил Кани.
Според него, Соединетите Американски Држави и целата западна воена алијанса на НАТО придонеле со сите свои воени капацитети за одбрана на Израел од иранската операција „Вистинско ветување“, пренесува иранската агенција „Тасним“.
– Седум или осум поморски групи се распоредени во Црното Море за да се спречи (иранската) операција – рече тој, додавајќи дека во таа операција се вклучени и повеќе од 200 авиони.
Кани оцени дека Иран ја покажа својата сила, непоколебливост и моќ на целиот свет при нападот на територијата на Израел.
– Победата на операцијата „Вистинско ветување“ не е ограничена само на бројот на ракети и беспилотни летала кои стигнаа до окупираните територии – рече Кани и ги повика земјите од регионот да учат од, како што наведе, „неспособноста на САД да го заштитат израелскиот режим за време на иранската операција“ и да не се потпираат на Вашингтон.
На 13 април Техеран истрела повеќе од 300 беспилотни летала и проектили кон Израел, како одговор на нападот врз иранскиот конзулат во сирискиот главен град Дамаск на 1 април, кога беа убиени седум членови на Иранската револуционерна гарда.
Иран тврди дека нападот „Вистинско ветување“ предизвикал голема штета на израелските воени бази.
Регион
Изгласана новата влада на Хрватска: Пленковиќ по трет пат стана премиер
Пратениците во хрватскиот Сабор вечерва гласаа за доверба на новата влада на премиерот Андреј Пленковиќ. За доверба на Владата гласаа 79 пратеници, против беа 61 пратеник, а еден беше воздржан.
Претседателот и членовите на Владата потоа дадоа заклетва пред пратениците, со што Андреј Пленковиќ го започна третиот последователен мандат како премиер.
Во Собранието денеска беше претставена четиригодишната програма на новата Влада, која се заснова на „успешна, витална, праведна, одржлива и суверена Хрватска“.
Во новиот мандат, владата на Пленковиќ најавува просечна нето плата од 1.600 евра, минимална бруто плата од 1.250 евра, како и отворање на 125.000 нови работни места.
До крајот на мандатот на новата влада, пензиите треба да се зголемат за најмалку 30 отсто, со што просечната пензија би изнесувала најмалку 750 евра.
Новата влада наместо досегашните 16 ќе има 18 министерства и седум потпретседатели.