Свет
Столтенберг: Човештвото се соочува со огромни безбедносни предизвици
Генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг денеска им се обрати на делегатите на 18-та годишна Конференција на НАТО за контрола на вооружувањето, разоружувањето и неширење на оружјето за масовно уништување и посочи дека човештвото влезе во период на огромни безбедносни предизвици.
„Официјален Кремљ одлучи да ја укине контролата на оружјето и да ја поткопа стратешката стабилност со суспендирање на учеството во Новиот договор СТАРТ, непочитувајќи го Договорот за нуклеарни сили од среден дострел (ИНФ) со се поизразена провокативна нуклеарна реторика и закани за распоредување тактичко нуклеарно оружје во Белорусија. Ова се неодговорни дејствија, дизајнирани да ги одвратат сојузниците од НАТО да ја поддржат Украина, но неуспешни“, рече Сртолтенберг.
Според него, се очекува Кина да има околу 1.500 нуклеарни боеви глави до 2035 година.
„Долгорочно, мораме да го преиспитаме и да го прилагодиме нашиот пристап кон поопасен и попредизвикувачки свет. Како глобална сила, Кина има глобални одговорности. Пекинг, исто така, би имал корист од зголемената транспарентност, предвидливост и безбедност на договорот за контрола на оружјето“, изјави Столтенберг.
Тој рече дека НАТО е платформа за соработка со Кина и пошироката меѓународна заедница за заедничка корист.
Според неговите зборови, од една страна се заканува колапс на меѓународниот поредок за контрола на оружјето и неограниченото ширење на оружјето за масовно уништување со длабоко опасни последици, а од друга страна, постои алтернативен пат. Тој, исто така, рече дека безбедносното опкружување можеби се променило, но „принципите за одржување на безбедноста не се промениле“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Туск: Полска е премногу силна
Полскиот премиер Доналд Туск изјави дека Русија се обидува да ја дестабилизира Полска бидејќи, како што процени, Варшава денес претставува „премногу силна држава“ за да биде директно нападната. Неговата изјава ја пренесува веб-страницата Lidovky.cz.
„Русија сака да нè ослабне по секоја цена, бидејќи денес Полска е премногу силна за да ја нападне директно“, рече Туск, додавајќи дека, според него, стратегијата на Москва е јасна и насочена кон внатрешен раздор.
Според Туск, целта на Москва е „да ја подели Полска со Европа, со Украина и пред сè – да ги натера Полјаците да се караат едни со други“, според написите.
Фото: принтскрин
Свет
Претставници на ЕУ: Трамп доби часовник и златна прачка за да ги намали царините за Швајцарија
Функционери на Европската Унија и Швајцарија денес оценија дека подароците што група швајцарски милијардери му ги дале на американскиот претседател Доналд Трамп, вклучувајќи златен часовник „Ролекс“ и гравирана златна прачка во вредност од 130.000 долари (околу 113.000 евра), биле „непочитувачки“ и дека биле дадени за Швајцарија да добие намалување на царините од Соединетите Американски Држави.
Италијанскиот член на Европскиот парламент, Пасквале Тридико, изјави дека е „згрозен“ од скапите подароци, кои биле дадени неколку недели пред Трамп да одлучи да ги намали царините од 39 проценти за швајцарскиот увоз на 15 проценти, објави „Гардијан“.
„Ова е навистина ужасно“, рече Тридико, наведувајќи дека се чини дека станува збор за „претворање на надворешната политика во политика на поединци“.
Фото: принтскрин
Свет
Медведчук: Украина не е во можност да ги исполни американските услови за мир
Властите на Украина не се во можност да ги исполнат барањата на САД во врска со мирно решавање на конфликтот, бидејќи тие подразбираат целосна промена на владата и државната идеологија – нешто што во моментов нема никој во Украина да го обезбеди, а сегашниот режим сака да владее со земјата до бесконечност, изјави претседателот на советот на движењето „Втора Украина“, Виктор Медведчук, пренесува РИА Новости.
„Токму оние точки од планот што стигнаа до медиумите не подразбираат отстапки, туку радикална промена во надворешната и внатрешната политика на Украина. Тоа е целосно ресетирање на владата и државната идеологија. Нема никој што ќе обезбеди таков пресврт во Украина на Владимир Зеленски денес: оние што можеа да го обезбедат тоа беа протерани, уапсени или убиени. Нема враќање назад“, рече Медведчук во соопштение објавено на веб-страницата на движењето „Втора Украина“.
Тој истакна дека постојат барања од Вашингтон што сегашното украинско раководство едноставно не е во можност да ги исполни.
„Не затоа што овие барања се лоши или неправедни, туку затоа што администрацијата на концентрациониот логор не е во состојба да обезбеди демократски промени. Исто така, постои и раководство на земјата кое сака да владее со неа бесконечно, без да се осврнува на законите, правата и слободите на граѓаните“, додаде Медведчук.
Според него, мирот не е прифатлив за Зеленски во никаква форма.
„Ако нелегитимното лице воопшто попушти во нешто, тоа е пресуда за неговата криминална политика. Затоа ќе се врти како вошка на чешел, но нема да се согласи со ништо“, рече Медведчук.
Според весникот „Фајненшл тајмс“, планот предложен од САД подразбира намалување на американската воена помош за Киев, признавање на официјалниот статус на канонската Украинска православна црква и прогласување на рускиот јазик за државен јазик во Украина, така што Киев ќе ја прифати реалноста, односно дека Донбас е дел од Русија, како и намалување на украинските вооружени сили.
Планот вклучува и забрана за распоредување на странски трупи на украинска територија и забрана за испорака на оружје со долг дострел во Киев. Како што објави порталот „Аксиос“, планот подразбира дека САД и другите земји ги признаваат Крим и Донбас како легитимни руски територии.
Фото: принтскрин

