Свет
Страшни поплави во Индија: повеќе од 20 лица загинаа, најмногу дожд во последните 40 години
Обилни дождови во северна Индија предизвикаа лизгање на земјиштето и поплави во кои загинаа најмалку 22 лица, соопштија властите и локалните медиуми. Училиштата во Њу Делхи беа затворени по обилните дождови што го зафатија главниот град во текот на викендот, а властите во хималајските држави Химачал Прадеш и Утараханд побараа од луѓето да не ги напуштаат своите домови, освен ако е апсолутно неопходно.
Најмалку 22 лица загинаа во поплави и лизгање земјиште во северните држави Химачал Прадеш, Утараханд, Утар Прадеш, Џаму и Кашмир и Пенџаб, објави весникот „Тајмс оф Индија“.
Поплавите во северната држава Химачал Прадеш доведоа до уривање мост и неколку згради во текот на викендот. Властите користеле хеликоптери за да ги спасат луѓето заглавени на патиштата и мостовите поради дождот, покажаа снимките на агенцијата АНИ.
Поплавени се улици во северните држави, вклучително и Пенџаб, Делхи и Утараханд. Спасувачките тимови во некои области користеле гумени сплавови за да стигнат до луѓето во нивните домови, јавуваат локалните медиуми.
„Ве молиме, останете во затворени простории бидејќи се очекуваат пообилни врнежи во следните 24 часа“, рече Сухвиндер Синг Суху, главен министер на Химачал Прадеш, на социјалните мрежи доцна синоќа.
Во текот на викендот во многу области на Химачал Прадеш наврна дожд колку што вообичаено врне за еден месец, изјави висок метеоролошки претставник. Во Делхи, Пенџаб и во Химачал Прадеш има 112, 100 и 70 отсто над просечните врнежи во тековната сезона на монсуните, која почна на 1 јуни, според метеоролошкиот оддел.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Русија нема сила повторно да го нападне Киев, изјави Зеленски за АФП
Претседателот на Украина, Володимир Зеленски во интервју за Агенцијата Франс прес (АФП) изјави дека не верува оти Русија има сила повторно да го нападне Киев.
Тие немаат сила за голема офанзива против главниот град, како што имаа на почетокот на инвазијата, посочи Зеленски додавајќи оти главни цели на Кремљ се Харков и Донбас.
Тој ги обвини западните земји што му забраниле да ја нападне Русија со нивното оружје.
„Русите можат да не нападнат на наша територија, тоа е најголемата предност што ја има Русија, но ние не можеме да направиме ништо со западното оружје на нивните вооружени системи лоцирани на руска територија. Немаме право“, вели Зеленски.
Според него, Западот се плаши и од руски и од украински пораз и оваа ситуација ја нарече апсурдна.
„Ние сме во апсурдна ситуација кога Западот се плаши дека Русија ќе ја изгуби војната. А во исто време тие не сакаат Украина да ја изгуби. Затоа што конечната победа на Украина ќе доведе до пораз на Русија и конечна победата на Русија ќе доведе до пораз на Украина“, истакна Зеленски.
Регион
Пленковиќ, хрватскиот премиер кој доби трет мандат најави прва седница за понеделник
Откако хрватскиот Сабор вчера ја поддржа 16. Влада на Република Хрватска, а третата предводена од лидерот на Хрватската демократска заедница (ХДЗ) Андреј Пленковиќ, тој во изјава за медиумите рече дека првата седница на новата Влада ќе биде во понеделник и најави продолжување на посветената работа во интерес на хрватскиот народ.
„Благодарам на мнозинството во хрватскиот Сабор што ни ја укажа довербата да станеме Влада на Република Хрватска по трет пат и ние, како што правевме претходните осум години, посветено ќе работиме во интерес на хрватскиот народ, сите наши сограѓани, економијата, врската меѓу татковината и иселениците Хрвати и да спроведеме програма врз основа на која ја добивме довербата на хрватските гласачи“, рече Пленковиќ откако Собранието гласаше за неговата трета Влада
Тој им се заблагодари на сите партнери кои ја поддржаа Владата.
Пратениците во хрватскиот Сабор вчера гласаа за доверба на новата влада на премиерот Андреј Пленковиќ.
За доверба на Владата гласаа 79 пратеници, против беа 61 пратеник, а еден беше воздржан.
Свет
Убиени тројца странски туристи и еден Авганистанец
Вчера од вооружени лица во централен Авганистан се убиени тројца странски туристи и еден Авганистанец, а четворица странски државјани и тројца Авганистанци се ранети, соопшти талибанското Министерство за внатрешни работи.
Според светските агенции не е позната националноста на туристите, ниту кој го извршил нападот за кој што се уапсени четири лица.