Европа
Стршенот убиец пристигна и во Шпанија: прободе маж во веѓата, кој набргу почина

Еден човек од северозападниот дел на Шпанија починал кога бил каснат од стршен убиец, јавува „Фокс њуз“.
Огромен стршен го пробол педесет и четиригодишниот Шпанец во веѓата додека се наведнувал кон осилото на својот имот.
Опасниот инсект, долг пет сантиметри, првпат е забележан во американската сојузна држава Вашингтон минатиот викенд.
Според американските медиуми, овие штетници се во состојба да го уништат целиот пчеларник за само неколку часа и тие се толку опасни што убиваат до педесет луѓе годишно во Јапонија.
Сепак, медиумите предупредуваат дека граѓаните на САД во паника би можеле да убијат стршни што не се опасни и со тоа да ги истребат овие инсекти, кои се исто така важни за опстанокот на светот.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Европа
Русија разбира дека е техничка грешка, Вучиќ бргу се извини: Кремљ го коментира гласањето на Србија за европската резолуција за Украина

Брзата реакција на српскиот претседател Александар Вучиќ на случајното гласање на неговата земја за антируска резолуција во ОН ја задоволи Москва, изјави портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков.
„Русија разбира дека се работи за техничка грешка. Се разбира, го слушнавме и го забележавме“, му одговори Песков на новинарот на руската државна новинска агенција „Тасс“, кој го праша дали Кремљ го забележал извинувањето на Вучиќ.
„Се случуваат технички грешки. Се разбира дека ни се допаѓа таква брза реакција од шефот на државата“, додаде тој.
Србија вчера на Генералното собрание на Обединетите нации гласаше за европска резолуција за Украина. Меѓутоа, претседателот Александар Вучиќ набргу изјави дека неговата земја направила грешка и дека требало да покаже воздржаност.
Европа
Зеленски ја предупреди Европа: „Ако Украина падне, овие земји се следните цели на Москва“

Украинскиот претседател Володимир Зеленски, честитајќи ѝ го Денот на независноста на Естонија, предупреди дека земјите со поголемо население со руско потекло би можеле да станат следна цел на Москва.
Како што наведува, најопасниот момент се случува кога источноевропските земји имаат население со руски корени – не затоа што тие луѓе претставуваат закана, туку затоа што Кремљ би можел да ја искористи нивната безбедност како изговор за инвазија.
Тој ги наведе Полска, Словачка, Латвија, Молдавија и Естонија меѓу потенцијално загрозените земји потсетувајќи на слично сценарио од 2014 година кога Русија го анектира Крим и почна инвазија на Донбас, пишува „Скај њуз“.
„На почетокот тврдеа дека не ги окупираат нашите територии, туку го бранат рускиот народ“, рече Зеленски нагласувајќи дека во случај на пораз на Украина сите горенаведени земји би можеле да бидат изложени на ризик поради руската политика и концептот на рускиот свет.
Зборувајќи за иднината по три години војна, украинскиот претседател изрази надеж дека конфликтот ќе заврши оваа година, а не за три. Тој ја истакна важноста на безбедносните гаранции за да се спречи враќањето на руските сили.
„Ако ги притискаме, ги вратиме на нивната територија и ако Украина стане членка на ЕУ и НАТО, тоа многу ќе ни помогне. Мислам дека тогаш нема да се вратат – ќе имаме силна армија, силни сојузници и силно единство“, заклучи Зеленски.
Европа
Поранешниот фудбалер Месут Озил влегува во политиката

Поранешниот фудбалер на Арсенал и Реал Мадрид, Месут Озил, влезе во политиката. Пензионираниот германски играч за врска (36) е назначен во Централниот комитет за одлучување и управување на АКП, партијата на турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган.
Озил, кој има турско потекло, беше критикуван во текот на неговата фудбалска кариера поради врските со Ердоган. Тој се повлече од германската репрезентација во 2018 година, откако фотографијата на која се среќава со турскиот претседател предизвика бура од реакции.
Рајнхард Гриндел, кој во тоа време беше на чело на Германскиот фудбалски сојуз, ги обвини играчите дека му дозволуваат на Ердоган да ги „експлоатира“ за политички цели. Некои германски политичари ја доведуваа во прашање лојалноста на Озил кон Германија, сугерирајќи дека тој треба да биде отстранет од репрезентацијата пред Светското првенство во 2018 година, Озил им одговори, обвинувајќи ги дека се расисти.
Поранешниот фудбалер се ожени летото 2019 година, а на свадбата гостин беше Ердоган. Ердоган е на чело на Турција повеќе од две децении – како премиер од 2003 година и претседател од 2014 година. Неговите критичари велат дека тој ја претвори Турција во автократија и ги поткопа човековите права.
Озил, кој го освои Светското првенство со Германија во 2014 година, го напушти Арсенал во турски Фенербахче во 2021 година, пред да се пресели во Истанбул Башакшехир во 2022 година, каде што се пензионираше една година подоцна.