Свет
Судењето на Трамп во Џорџија ќе трае четири месеци и ќе има повеќе од 150 сведоци
Специјалниот обвинител во постапката што се води во американската држава Џорџија против поранешниот американски претседател Доналд Трамп поради субверзија на претседателските избори во 2020 година, денеска на прелиминарното рочиште оцени дека судењето најверојатно ќе трае четири месеци и дека се повикани повеќе од 150 сведоци.
Судењето на Трамп е закажано за 4 март 2024 година, на сред партиските „пред-избори“, каде се избира кој ќе ја претставува Републиканската партија на САД на претседателските избори во ноември истата година. Трамп се номинираше себеси за републикански кандидат и води во анкетите на јавното мислење.
Прелиминарното рочиште пред судијата на Врховниот суд на округот Џорџија, Скот Мекафи беше емитувано во живо на телевизија и преку каналот на судијата на јутјуб, што е сосема поинаква практика во споредба со трите одделни кривични постапки против Трамп во други американски судови, каде што не беше дозволено ниту носење камери на сослушувањата.
Специјалниот обвинител Нејтан Вејд процени дека судењето ќе трае четири месеци, што не го вклучува процесот на избор на поротата.
Закажано е прелиминарно рочиште за барањето за раздвојување на постапките на двајца од 18-те обвинети со Трамп. Засега не се знае каква ќе биде одлуката на судијата.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Регион
Кинескиот претседател денеска пристигнува во Белград: ќе го чуваат илјадници полицајци
Кинескиот претседател Шји Џјинпинг денеска доаѓа во официјална посета на Белград, а според Танјуг, за неговото пристигнување се преземени големи безбедносни мерки, па неговата делегација ќе ја штитат 3.400 полицајци.
Ќе го пречекаат српските ловци МиГ-29 кои ќе го следат неговиот авион од границата, а на аеродромот во Белград во негова чест ќе биде построена стража на војската на Србија.
Покрај автопатот во Белград се поставени кинеското и српското знаме, а пред Палатата Србија ќе биде организиран и свечен пречек на кинеската делегација, броена од 400 луѓе, а планирано е да се потпишат повеќе од 30 договори.
Ќе биде организиран и свечен ручек, а кинескиот претседател ќе има можност да дегустира српски јадења и вина, а ќе има и музичка програма на српски и кинески јазик“.
Домаќин на кинескиот претседател ќе биде српскиот претседател Александар Вучиќ.
Шји последен пат беше во Србија во 2016 година, што беше прва посета на претседателот на Кина на Србија по 32 години и по тој повод беше потпишана Декларацијата за стратешко партнерство.
Вучиќ се сретна со Шји во октомври минатата година во Пекинг, кога беа потпишани 18 договори, меѓу кои и договорот за слободна трговија меѓу Србија и Кина, кој наскоро треба да стапи на сила.
Ова е прва посета на претседателот Шји на Европа во последните пет години, од избувнувањето на пандемијата Ковид-19, а за време на оваа европска турнеја тој ќе посети само три европски престолнини – Париз, Белград и Будимпешта.
Петдневната турнеја ја започна со посета на Франција на 5 мај, во Белград доаѓа на 7 мај, а потоа ќе ја посети Будимпешта.
На последната средба меѓу кинескиот и српскиот претседател во октомври минатата година во Пекинг, покрај Договорот за слободна трговија, беа потпишани и неколку билатерални документи, како оние за полициска соработка во управувањето со вонредни ситуации, изградбата на патишта, индустриски парк, извоз на јаболка, дигитализација.
Свет
Драма во Кина: напад со нож во болница, има загинати и повредени
Во напад на болница во југозападна Кина, повеќе од десет лица се убиени или ранети, јавуваат државните медиуми, кои не ја прецизираат природата на нападот.
„Инцидентот се случил во локалната болница во 13:20 часот по локално време“, соопшти државната новинска агенција „Ксинхуа“.
Нападот се случил во округот Женгксионг во североисточниот дел на југозападната провинција Јунан и истрагата е во тек.
Масовните насилни злосторства се ретки во Кина, која строго им забранува на граѓаните да поседуваат огнено оружје.
Свет
Сафади: Со бомбардирањето на Рафах, Нетанјаху го загрозува примирјето
Јорданскиот министер за надворешни работи Ајман Сафади го обвини израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху дека го загрозил постигнувањето на договорот за прекин на огнот меѓу Израел и Хамас со бомбардирањето на градот Рафах на југот на Појасот Газа. „Направени се огромни напори за да се постигне договор со кој ќе се ослободат заложниците и ќе се постигне прекин на огнот. Хамас го претстави предлогот.
„Ако Нетанјаху навистина сакаше договор, сериозно ќе преговараше за тоа. Наместо тоа, тој се заканува на договорот со бомбардирање на Рафах“, рече Сафади на социјалната мрежа Икс, а пренесе Ројтерс. Вчера Хамас објави дека го прифатил предлогот за прекин на огнот во Газа предложен од Египет и Катар.
Таа палестинска милитантна група во соопштение наведе дека нејзиниот шеф, Исмаил Ханије ги известил премиерот на Катар, Мухамед Бин Абдулрахман Бин Џасим Ал Тани и шефот на египетската разузнавачка служба Абас Камел дека го прифаќа нивниот предлог.
Набргу по објавувањето на Хамас, „Тајмс оф Израел“ објави изјави од неименувани израелски претставници, кои рекоа дека најавата на Хамас не се зема предвид, бидејќи предлогот со кој се согласи Хамас не ги вклучува условите со кои се согласи Израел.
Израелскиот воен кабинет синоќа едногласно одлучи да ја спроведе планираната операција во градот Рафах во јужниот дел на Појасот Газа, со цел „да се изврши воен притисок врз Хамас“, соопштија од кабинетот на премиерот на Израел Бенјамин Нетанјаху и покрај тоа што Хамас претходно објави дека се согласува со египетско-катарскиот предлог за прекин на огнот, пренесува Танјуг.