Свет
Судот во Москва му одреди притвор на Навални
Рускиот суд му одреди притвор од 30 дена на опозиционерот Алексеј Навални. Притворот ќе трае до 15 февруари, соопшти неговиот адвокат.
Судската одлука следува еден ден по апсењето по пристигнувањето во Москва.
„На Алексеј Навални му е одреден притвор од 30 дена, до 15 февруари“, напиша неговиот адвокат, Вадим Кобзев, на „Твитер“.
Навални (44) е уапсен синоќа на аеродромот „Шереметјево“ по пристигнувањето од Германија, а денес беше изведен пред судот. Претходно денес, тој ја осуди како целосно незаконска постапката во неговиот случај.
„Не разбирам што се случува. Сум видел многу пародии на правдата… но, ова е целосно незаконско“, рече Навални на видеото објавено на „Твитер“ од неговата портпаролка Кира Јармис.
Руското биро за извршување кривични санкции објави дека за Навални е распишана потерница на 29 декември 2020 година за повторено кршење на правилата додека бил на проба и дека ќе биде во затвор до следната судска одлука.
Навални реши да се врати во Русија и покрај заканата од затвор. Овој противник на Кремљ беше во Германија, каде што беше префрлен во август откако одеднаш се разболе во текот на летото во Сибир.
Лабораториите во Западна Европа заклучиле дека Навални бил отруен со нервен агенс. Навални го обвинува рускиот претседател Владимир Путин дека наредил негово труење и убиство, а Кремљ тоа го негира.
ООН, Соединетите Американски Држави и европските земји го осудија апсењето на Навални и повикаа на итно ослободување.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
На минусни температури, 6.000 згради во Киев останаа без греење по синоќешниот руски напад
Речиси 6.000 згради во украинската престолнина Киев останаа без греење по синоќешниот руски напад, изјави градоначалникот на градот, Виталиј Кличко, цитиран од Укринформ.
Температурите во градот утрината паднаа на минус 12 степени.
Во меѓувреме, стотици илјади жители во регионот Чернигов останаа без електрична енергија како резултат на истиот напад, објави регионалната енергетска компанија Черниговбленерго.
Според нејзините податоци, клучната енергетска инфраструктура во близина на градот Нижин е оштетена.
Во исто време, украинскиот министер за надворешни работи Андриј Сибига изјави дека Владимир Путин цинично наредил ракетен напад од големи размери врз Украина во услови на преговори меѓу Украина и Русија во Абу Даби, со посредство на САД.
Регион
Крвава ноќ во Калуѓерица, маж по расправија со девојка се прободел со кујнски нож
Д.Г. (40) се повредил со нож во пределот на стомакот по расправија со девојка. Инцидентот се случил во белградската населба Калуѓерица, по што повредениот бил пренесен во Ургентниот центар.
По жестока расправија со девојка, во белградската населба Калуѓерица се случил инцидент кога Д.Г. (40) си забодел кујнски нож во стомакот. Повредениот маж веднаш бил пренесен со возило на брза помош во Ургентниот центар, каде што добил итна медицинска помош.
Инцидентот се случил пред две ноќи, а припадници на полицијата веднаш излегле на местото на настанот и ги испрашале момчето и девојчето кои биле присутни во куќата во моментот на инцидентот кога мажот се самоизбодел.
Девојката потврдила за полицијата дека имале жестока расправија, по што Д.Г. го зел сечилото и го забодел во стомакот. Откако лекарите во Ургентниот центар ја санирале раната, Д.Г. бил пуштен на домашно лекување. Случајот е окарактеризиран како несреќен настан по семеен разговор, а понатамошната истрага ќе ги утврди сите релевантни факти.
Свет
НАТО планира значително да го зголеми оружјето и муницијата
НАТО планира значително да го зголеми оружјето и муницијата на своето источно крило, како и да создаде нова одбранбена зона базирана на роботизирани и автоматизирани технологии, објави ДПА.
Мерките имаат за цел да го зајакнат ефектот на одвраќање против Русија, изјави бригадниот генерал Томас Ловин за неделното издание на германскиот весник „Велт“.
Според новиот, повеќеслоен одбранбен концепт, НАТО ќе се стреми да го забави или запре потенцијалниот противник во рана фаза користејќи високотехнолошки системи.
Ќе биде изградена зона по должината на границите на алијансата со Русија и Белорусија која во голема мера ќе се потпира на надзор, како и на далечински контролирани или полуавтоматизирани системи. Секој напаѓач прво ќе мора да ја надмине оваа зона пред да може да напредува понатаму.
Ловин, заменик-началник на штабот за операции во Копнената команда на НАТО во Измир, објасни дека надзорот на источното крило ќе се врши преку системи за собирање податоци на земја, во воздух, во вселената и во дигиталниот простор. Овие информации ќе им бидат доставени на сојузниците во реално време. За таа цел може да се користат и стационарни и мобилни средства – радар, акустични и оптички сензори, како и податоци од сателити, беспилотни летала и извидувачки авиони.
НАТО планира да воспостави таканаречена жешка зона веднаш по границите, чија задача ќе биде да ги запре или забави напаѓачите во почетната фаза. Во неа може да бидат распоредени вооружени беспилотни летала, полуавтономни борбени возила, роботизирани системи и автоматизирани средства за воздушна одбрана. Ловин нагласи дека луѓето ќе ја задржат водечката улога во одлуките за употреба на сила, во рамките на меѓународните правила и етички стандарди.

