Свет
Сурфер на Хаваи преживеа напад од ајкула

Макс Келикипи (16) кој сурфал на плажата Макаха на Хаваи, забележал нешто во водата како се движи околу гребенот.
На почетокот тој помислил дека се работи за желка, но наскоро сфатил дека станува збор за ајкула. Келикипи веднаш ги извадил двете нозе од водата за да не биде лесен плен за предаторот.
Ајкулата тргнала директно кон него, туркајќи го од даската за сурфање.
„Одгриза огромно парче од мојата даска“, рече тој. „Ако нозете ми беа малку повисоко на даската ќе ми ги одгризеше и прстите“.
Келикипи тогаш почнал да плива назад кон брегот. „Живот или смрт беше. Избрав живот“.
Според него ајкулата била долга околу три метри. На плажата се поставени знаци кои ги предупредуваат посетителите за присуството на ајкули во плитката вода.
Келикипи рече дека не планира да се откаже од сурфањето, но нападот го натерал да биде повнимателен во иднина. „Ако одите да сурфате, одете со некој што добро ја знае областа“, рече тој.
„И не паничете. Тоа го убива луѓето“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Регион
Таксист од Непал протеран од Хрватска

Полициски службеници од Задар извршија кривична истрага против 34-годишен непалски државјанин, осомничен за кривично дело Фалсификување исправа. Имено, при засилен сообраќаен надзор, полициски службеници на 20 февруари во 23 часот и 56 минути запреле такси со задарски регистарски таблички управувано од 34-годишен непалски државјанин.
По натамошниот преглед и увид во странската возачка дозвола, полициски службеници се посомневале во нејзината автентичност и дека се работи за фалсификувана исправа. Возачот е приведен во полициска станица каде што била спроведена кривична истрага при што му била одземена возачката дозвола што ја користел.
Против 34-годишникот до надлежното државно правобранителство Задар е поднесена кривична пријава за сторено кривично дело Фалсификување исправа. Согласно Законот за странци, на странскиот државјанин му е одземена дозволата за престој и работа и му е издадено решение за протерување од Европската економска зона со конкретен рок за напуштање и забрана за влез и престој.
Свет
Макрон: Се надевам дека го убедив Трамп да не води трговска војна со ЕУ, туку со Кина

Францускиот претседател Емануел Макрон изјави дека се надева оти го убедил американскиот претседател Доналд Трамп да не води трговска војна против Европа, туку да се фокусира на Кина.
„Не можете да имате трговска војна со Кина и Европа во исто време, се надевам дека го убедив во тоа“, изјави Макрон за Фокс њуз по средбата со Трамп во Вашингтон, пренесува бриселскиот портал Политико.
Макрон изјави дека за Вашингтон „приоритет е да се воведат царини за Кина“ и дека истовремено водење трговска војна со Европа би било против интересите на САД. Францускиот претседател рече дека се обидел да го убеди Трамп да не воведува царини, нагласувајќи дека Европа не направила ништо за да ја заслужи американската одмазда, пренесува Танјуг.
„Му реков на Трамп дека ДДВ не е царина и дека Европската унија никогаш не воведувала царини за увоз од Америка“, рече Макрон. Тој нагласи дека европските земји нема да можат да ги зголемат трошоците за одбрана, како што бара Трамп, доколку се соочат со трансатлантска трговска војна.
Свет
Ватикан: Папата Франциско и понатаму е критично, но е стабилен

Папата Франциско, кој беше хоспитализиран во римската болница Гемели поради пневмонија, и понатаму е во критична состојба, но е стабилен и немал никакви респираторни кризи, соопшти денеска Ватикан.
Тој е во болница од 14 февруари, што е негов најдолг престој во болница откако е избран за папа, објави Ројтерс.
Вчера Ватикан објави дека состојбата на папата и понатаму е критична, но дека има „маргинално подобрување“ и дека „благата бубрежна инсуфициенција“, која првпат беше пријавена во текот на викендот, не е причина за загриженост.