Свет
Сè поголем притисок врз невакцинираните војници и државни службеници во САД
Американскиот претседател, Џо Бајден, донесе серија мерки за поттикнување на вакцинацијата во САД, вклучително и задолжителна вакцинација за милиони федерални вработени, соопшти Белата куќа во четвртокот.
На федералните вработени кои не се вакцинирани нема да им биде дозволено да ги симнат маските дури и таму каде што циркулацијата на Ковид-19 е слаба и ќе мора редовно да прават тестови, еднаш или двапати неделно.
Тие исто така ќе бидат ограничени во патувањата, се вели во соопштението објавено пред говорот на американскиот претседател.
Ова е голем пресврт во политиката на администрацијата на Бајден, која досега ја отфрлаше секоја мисла за присилна вакцинација, повикувајќи се повеќе на личната одговорност на граѓаните и испраќајќи пораки за охрабрување.
Сојузната држава вработува 4 милиони луѓе, од кои 2 милиони се цивили.
Што се однесува до војската, американскиот претседател бара да размисли како и кога може да се додаде вакцината против Ковид-19 на листата на вакцини задолжителни за војниците.
Џо Бајден, исто така, ги повика локалните власти да плаќаат по сто долари на секој што ќе се вакцинира, за што ќе можат да ги искористат вонредните средства одвоени за борба против пандемијата.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Евакуација на аеродромот во Москва поради дојава за бомба
Еден од катовите на зградата на аеродромот Внуково во Москва е евакуиран поради закана за бомба, соопшти полицијата.
„Едниот кат е евакуиран. Во тек е проверка и контрола“, се наведува во соопштението и се додава дека евакуацијата не влијаела на функционирањето на аеродромот.
Евакуиран е седмиот кат од зградата на управата на аеродромот.
Неименуван извор изјавил за агенцијата ТАСС дека евакуацијата уследила по закана за бомба.
– Се проверуваат сите простории и канцеларии – изјавил овој извор.
Свет
Хутите истрелаа три проектили на два брода во Црвеното Море: оштетен британски танкер
Американската војска објави дека јеменските бунтовници Хути лансирале три противбродски балистички ракети врз два брода во Црвеното Море, при што лесно е оштетен британски танкер за нафта.
Американската централна команда (CENCOM) преку соопштение на платформата „Х“ соопшти дека е оштетен танкерот со нафта „МВ Андромеда Стар“, како и дека проектил паднал во близина на друг брод „МВ Маиша“, но не го оштетил.
Хутите од ноември минатата година напаѓаат комерцијални бродови во Црвеното Море и Аденскиот Залив со ракети и беспилотни летала како знак на, како што велат, поддршката на палестинската милитантна група Хамас во конфликтот со Израел во Појасот Газа.
Свет
(Фото) Нарачале бифтеци и двојни десерти, испиле 15 шишиња вино и избегале без да ја платат сметката од 380 евра
Италијански ресторан обвини група гости, најверојатно членови на исто семејство, дека си заминале без да си ја платат сметката.
Менаџерот тврди дека нарачале скапи бифтеци, двојни десерти и 15 шишиња вино, а кога дошло време да се платат работите „станале чудни“.
На видеата и фотографиите, кои ресторанот ги објави на Фејсбук, се гледа дека жена, најверојатно мајка, се обидува со картичка да плати сметка од 380 евра.
Плаќањето беше одбиено двапати, а вработените тврдат дека жената рекла дека нејзиниот син ќе ја чека во ресторанот додека таа „тргнала по друга картичка“, пишува Дејли мејл.
Претставниците на ресторанот наведуваат дека таа не се вратила, а и момчето побегнало од местото на настанот.
„Мојот син сакаше да тргне по него, но јас му реков да престане“, изјави менаџерот Тајрон Рис.
Тој додава дека не успеал да стапи во контакт со групата гости бидејќи бројот со кој ја направиле резервацијата бил „лажен“.
Случајот подоцна го пријавил во полиција.