Свет
(Фото) Нарачале бифтеци и двојни десерти, испиле 15 шишиња вино и избегале без да ја платат сметката од 380 евра
Италијански ресторан обвини група гости, најверојатно членови на исто семејство, дека си заминале без да си ја платат сметката.
Менаџерот тврди дека нарачале скапи бифтеци, двојни десерти и 15 шишиња вино, а кога дошло време да се платат работите „станале чудни“.
На видеата и фотографиите, кои ресторанот ги објави на Фејсбук, се гледа дека жена, најверојатно мајка, се обидува со картичка да плати сметка од 380 евра.
Плаќањето беше одбиено двапати, а вработените тврдат дека жената рекла дека нејзиниот син ќе ја чека во ресторанот додека таа „тргнала по друга картичка“, пишува Дејли мејл.
Претставниците на ресторанот наведуваат дека таа не се вратила, а и момчето побегнало од местото на настанот.
„Мојот син сакаше да тргне по него, но јас му реков да престане“, изјави менаџерот Тајрон Рис.
Тој додава дека не успеал да стапи во контакт со групата гости бидејќи бројот со кој ја направиле резервацијата бил „лажен“.
Случајот подоцна го пријавил во полиција.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
ОН: 109 Палестинци убиени, 296 ранети во Појасот Газа од понеделник до среда
Најмалку 109 Палестинци беа убиени, а 296 ранети во израелските напади врз Појасот Газа од понеделник до среда попладне, вклучително и жени и деца кои беа убиени во нападите на станбени куќи во Рафах, соопшти канцеларијата на Обединетите нации за координација на хуманитарни прашања (UNOCHA) врз основа на податоците добиени од Министерството за здравство во Газа контролирано од Хамас.
УНОЧА соопшти дека 32 лица биле убиени во шест израелски напади врз Рафах, меѓу кои 11 деца и осум жени.
Девет лица, меѓу кои четири деца и две жени, загинаа во израелски напад врз бегалски камп југоисточно од Рафах.
Девет лица загинаа во нападот во Источен Рафах, меѓу кои четири деца и три жени.
Две деца и две жени загинаа кога беше погодена нивната куќа во источниот дел на Рафа.
Пет лица, меѓу кои една жена и едно дете, загинаа во израелски напад врз куќа во Западен Рафа.
Според УНОЧА, во два одделни напади на истокот и западот на Рафах загинаа уште пет лица, пренесе Ал Џезира.
Свет
Евровизија 2024: Публиката ја исвирка израелската претставничка Еден Голан на пробата пред полуфиналето
Израелската претставничка на Евровизија изјави дека „ништо нема да ја спречи“ откако беше исвиркана за време на пробата во средата.
Еден Голан ја испеа песната „Ураган“ пред полуфиналето во четврток во Малме, Шведска.
Таа во изјавата наведе дека е „горда што ја претставува сопствената земја“.
Досега имаше неколку иницијативи за забрана на Израел да настапи на овогодинешниот натпревар поради војната во Појасот Газа која трае од октомври.
Сепак, Европската радиодифузна унија (ЕБУ), организатор на Изборот за песна на Евровизија, одлучи дека Израел може да се натпреварува.
По пробата во средата, на социјалните мрежи се појавија голем број видеа направени од гледачи во публиката, на кои се гледа како поединци од толпата ја исвиркуваат израелската претставничка.
Израел во моментов спроведува воена операција во Газа, која ја започна како одговор на прекуграничниот напад на Хамас врз јужен Израел на 7 октомври. Тогаш беа убиени околу 1.200 луѓе, додека 252 беа киднапирани.
Оттогаш, повеќе од 34.840 луѓе се убиени во Појасот Газа, според Министерството за здравство на Хамас.
Израел, заедно со други неевропски земји како Азербејџан, Грузија и Австралија, може да се натпреварува како членка на ЕБУ.
Жан-Филип Де Тендер, заменик генерален директор на ЕБУ, во средата рече дека ако го исклучите израелскиот јавен сервис од натпреварот, тоа ќе биде политичка одлука, која како таква, не можат да ја донесат, бидејќи ЕБУ е аполитична организација.
„Ја разбираме загриженоста и силните ставови што многумина ги имаат за војната на Блискиот Исток. Мислам дека никој не може да остане имун на длабокото страдање на сите кои се во војна“, додаде тој.
Од Еден Голан беше побарано да ја смени оригиналната песна, насловена „Октомвриски дожд“, откако таа предизвика контроверзии.
Се сметаше дека песната алудира на убиствата и киднапирањата на Израелците од Хамас, па затоа е сменета во „Ураган“, што ЕБУ го одобри.
Од тимот на пејачката изјавиле дека 20-годишната Голан не ја напушта хотелската соба бидејќи израелската делегација добила низа закани.
Организаторите се извинија затоа што еден учесник во полуфиналето покажа пропалестински симбол во вторникот.
Ерик Саде од Шведска, кој настапи во воведниот ревијален дел од шоуто, носеше кефије околу зглобот – вид на шал што луѓето го користат за да покажат дека се пропалестински настроени.
„Песна на Евровизија е ТВ-шоу во живо. Сите изведувачи се запознаени со правилата на натпреварот и жалиме што Ерик Сад реши да ја загрози неполитичката природа на настанот“, рече портпаролката на ЕБУ, организатор на настанот.
Пред натпреварот во Малме Арената, гледачите беа предупредени да не носат палестински знамиња и други симболи.
Ирската пејачка Бамби Таг им кажа на новинарите дека добиле „наредба“ да ги отстранат сите политички пораки од облеката што планирале да ја носат во полуфиналето.
Тие замислиле делови од нивната облека на сцената да бидат стилизирани во древното келтско писмо на зборот Огам – за кој велат дека може да се толкува како „примирје“ и „слобода за Палестина“.
Оли Александар, кој ја претставува Велика Британија, претходно повика на „непосреден и траен“ прекин на огнот во Газа, но ги отфрли повиците за бојкот на натпреварот.
Свет
„Боинг“ со 78 патници излета од писта: нов инцидент, повредени 11 лица
Авион со 78 патници се излизгал од пистата пред полетувањето на главниот аеродром во Сенегал во вторникот. Во несреќата беа повредени 11 лица.
Аеродромот „Блез Дијањ“ издаде соопштение дека причината за несреќата, која се случила околу 3 часот по полноќ, додека „боингот 737-300“ на „Трансаир“, изнајмен од „Ер Сенегал“, требаше да полета за Мали, е под истрага. Снимките на социјалните мрежи покажуваат авион со логото на сенегалската авиокомпанија „Трансаир“ во тревата со крилото покриено со противпожарна пена.
Во соопштението на аеродромот се наведува дека се активирани протоколи за итна евакуација на патниците.
„Аеродромот засега е затворен. Се очекува повторно да биде отворен во следните неколку часа“, се додава.