Свет
Тага и гнев на родителите по катастрофата во Сеул: „Одмори се добро. Мама и тато ќе дојдат да те видат“
Тажни и револтирани родители од Јужна Кореја се збогуваат со жртвите од катастрофата на Ноќта на вештерките, а многумина го поставуваат истото прашање – зошто не биле преземени безбедносни мерки за контрола на толпата.
Веселиот поздрав на крајот од телефонскиот повик пред саботната вечер бил последниот што Јунг Хе-Мун го слушнал од ќерка си.
Неколку часа подоцна, 30-годишната Јонг Џо-хе беше меѓу 156-те луѓе, повеќето во тинејџерските и своите 20-ти години, кои починаа во стампедо во главниот град на Јужна Кореја додека ја прославуваа Ноќта на вештерките, првпат без мерки против коронавирусот во последните три години.
Ќерката е пронајдена во мртовечница по 12 часа потрага
Денес, семејството на младата жена ја закопа нејзината пепел во тивка семејна парцела надвор од Сеул, со букети пред надгробната плоча, со мрачен ритуал на молитва и солзи.
„Одмори се добро. Мама и тато ќе дојдат да ве видат“, рече Јунг Хе-Мун додека семејството стоеше покрај пудлицата на ќерка им.
Како што се појавиле вестите за катастрофата во саботата, Јунг Хе-Мун се упатил кон Итаевон, област со костимите за Ноќта на вештерките и редици амбулантни возила ги собирале жртвите. Повеќе од 12 часа подоцна тој ја нашол ќерката во мртовечницата.
Мајката Ли Хјо-сук изјавила дека ќерка ѝ била радоста на нејзиниот живот и нејзина најдобра пријателка и дека ги сакала животните и виното.
„Празнината е преголема“, рече Ли по погребот во кафулето што го води.
Кафулето е затворено со истакнат натпис во црна боја: „Во жалост“.
Болката ја чувствуваат сите 156 ужалени семејства, а традиционалното тридневно бдеење се приближува кон крајот и нивните сакани се ставени во ковчег за последен поглед пред погребот или кремирањето. Нивната тага ја споделува целата област по катастрофата што стави крај на толку многу млади животи, а требаше да биде вечер на забава.
Друг ужален татко, Сонг Јае-вунг, рече дека ќерка му, 24-годишната Јанг-Џу, била нежна душа, која бргу се спријателила со своите школски другари, од кои повеќе од 200 присуствувале на нејзиниот погреб.
Јанг-џу сонуваше да стане актерка, рече татко ѝ, говорејќи во погребната куќа во Сеул.
„Нејзините пријатели ми рекоа дека ќерка ми сакала да се дружи со сите. Имаше добра душа“, рекол тој и додал: „Сега сè е готово“.
Некои семејства не знаеле дека нивните деца се во толпата во забавниот кварт на Итаевон во саботата вечерта.
„Немав поим дека е таму. Беше невозможно, не можев да верувам“, рекол друг ужален татко додека присуствувал на погребот со своето семејство.
Татко побара тој и ќерка му да бидат идентификувани само со презимето Лим. Лим живее во странство и го нема видено своето единствено дете три години бидејќи поради коронавирусот, престана да патува. Првпат слушнал за катастрофата кога еден познајник му испратил СМС за тоа. Тогаш ниту еден од нив не знаел дека ќерка му е таму.
„Беше толку креативна и убава“, рече тој додавајќи дека често шетал во Итаевон со својата ќерка. Го паркирал нивниот автомобил во хотелот „Хамилтон“, веднаш до уличката каде што била убиена ќерка му.
„Ја знам многу добро таа улица“, рече тој.
За многу родители, гневот е измешан со тагата. Тие дури и се прашуваат зошто нивните деца ја прославувале Ноќта на вештерките – сосема туѓ концепт за постарите Корејци. Но, најголемото прашање за многумина од оние што тагуваат по своите деца е зошто не биле преземени безбедносни мерки за контрола на толпата.
„Тоа е срамота. Во секоја вонредна состојба една земја треба да го заштити својот народ и да ги чува безбедни“, рече Ли, мајката на Џо-хи.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Прекинот на струја во Киев го запре железничкиот сообраќај
Прекинот на електричната енергија во Киев го запре железничкиот и метро сообраќајот и ескалаторите низ целиот град, соопштија градските власти на социјалните мрежи.
Според градоначалникот на Киев, Виталиј Кличко, подземните метро станици сега функционираат како засолништа.
– „Во Киев, како и во многу градови во Украина, имаше итни прекини на електричната енергија. Сообраќајот во метрото беше запрен поради низок напон во електричната мрежа. Подземните метро станици моментално можат да работат само како засолништа, на резервна електрична енергија, соопшти Кличко на Телеграм.
Технички прекини на два далноводи што ги поврзуваат Украина, Молдавија и Романија денеска доведоа до прекин на електричната енергија на украинската мрежа, соопшти украинското Министерство за енергетика и потврди дека во најмалку три региони и главниот град Киев имало итни исклучувања.
Свет
Речиси половина Германци во текот на животот заболуваат од рак
Во текот на животот речиси секој втор граѓанин на Германија заболува од рак, објави денеска државниот имунолошки завод „Роберт Кох“ во Берлин.
– Кај 49 проценти од мажите и 46 проценти од жените во текот на животот се дијагностицира рак, објавено е во редовното издание на Институтот „Роберт Кох“ (РКИ) во пресрет на денот за борба против ракот, 4 февруари.
Според истите податоци, секоја шеста жена и секој седми маж од рак заболуваат пред својата 65-та година.
Според податоците за 2023 година, од околу половина милион дијагностицирани нови случаи на рак, најголемиот број отпаѓа на рак на простата, по што следуваат ракот на дојка, бели дробови и дебело црево.
Истата година од рак починале 230.000 лица.
Истовремено, како што објави РКИ, стапката на смртност на заболените од рак во последните 25 години значително е падната, кај мажите за 30, а кај жените за 20 проценти.
Секоја година во пресрет на Светскиот ден за борба против ракот, РКИ објавува статистики со цел подобра превенција на заболувањата и поттикнување на свеста кај граѓаните.
Свет
(Видео) Извлечени 51 лице заглавени на жичница на планината Улудаг во Турција
Технички дефект на жичницата на планината Улудаг, во близина на северозападниот турски град Бурса, предизвика блокирање на 51 лице кои во тој момент се превезувале, јави државната телевизија ТРТ Хабер.
Инцидентот се случил околу 11 часот по локално време во областа Османгази, каде што се наоѓаат голем број хотели и капацитети за зимски туризам. Поради дефектот, десетици луѓе останаа заглавени во кабините на неколку метри над земјата.
Веднаш по добивањето на сигналот на бројот за итни случаи 112, на терен биле испратени 96 спасувачи од жандармеријата, медицински екипи, пожарникари и претставници на Дирекцијата за управување со катастрофи и вонредни состојби (АФАД). Како поддршка беа ангажирани и тимови од соседниот округ Сакарија.
Uludağ’da arızalanan telesiyejdeki 51 kişi kurtarıldı. https://t.co/WE42RAdUjO pic.twitter.com/ivqJba0cg0
— TRT HABER (@trthaber) January 31, 2026
По координирана акција, сите 51 патник се безбедно евакуирани. Министерот за внатрешни работи на Турција, Али Јерликаја, упати честитки до спасувачките тимови за нивната пожртвуваност.
Надлежните органи веќе започнаа истрага за причините за инцидентот. Жичницата во Бурса, отворена во 1963 година и целосно обновена во 2015 година, со своите девет километри е една од најдолгите во светот и е исклучително популарна за еднодневен туризам во текот на целата година.

