Свет
Талибанците го забранија опиумот, авганистанските земјоделци во проблеми
Кампањата на Талибанците против наркотици успешно го намали одгледувањето на афион, но има сериозни економски последици за многу авганистански фармери, се вели во новиот извештај на Меѓународната кризна група.
Според организацијата со седиште во Брисел, забраната несразмерно ги погодила сиромашните работници и руралните жени, кои најмногу се потпираат на земјоделството.
Откако се вратија на власт, талибанците постепено користеа различни тактики, вклучително и програми за рехабилитација, уништување на посевите со афион и затворање на областите каде што се продаваше дрога.
Додека многу земјоделци страдаа, богатите трговци профитираа од повисоките цени за нивните залихи, се вели во извештајот. Земјоделците кои преминаа на други култури се во голем проблем поради помалите приходи.
Аналитичарот на Кризната група за Авганистан, Ибрахим Бахис, ја истакна важноста од обезбедување алтернативни економски можности за да се спречи раселувањето и емиграцијата.
Бахис повика на соработка меѓу Авганистан и меѓународната заедница и предложи талибанците да размислат за попостепен пристап кон забраната и да усвојат поблаги практики за најсиромашните земјоделци.
Минатиот викенд, талибанскиот вицепремиер Абдул Кабир изјави во Кабул дека производството на дрога е зголемено во Авганистан за време на инвазијата на земјата предводена од САД.
Производството на афион во Авганистан, некогаш најголемиот светски снабдувач, нагло опадна откако талибанските власти го забранија одгледувањето на наркотикот во 2022 година.
Канцеларијата на Обединетите нации за дрога и криминал (UNODC) во ноември минатата година објави проценка дека одгледувањето опиум во Авганистан е намалено за 95 отсто од забраната на Талибанците.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Осумте земји на кои Трамп им најави царини поради Гренланд порачаа: Ќе останеме обединети и солидарни со Данска и Гренланѓаните
Осумте европски држави, кои се најдоа на мета на најавените царини од американскиот претседател Доналд Трамп поради поддршката за Данска во врска со Гренланд, во неделата со заедничка изјава предупредија дека таквите мерки носат ризик.
„Заканите со царини ги поткопуваат трансатлантските односи и носат ризик од опасна надолна спирала. Ќе останеме обединети и координирани во нашиот одговор. Посветени сме на заштитата на нашиот суверенитет“, се наведува во заедничката изјава на Обединетото Кралство, Данска, Финска, Франција, Германија, Холандија, Норвешка и Шведска.
Овие осум земји, кои одлучија да испратат свои војници на Гренланд, порачаа дека се подготвени за „дијалог врз основа на принципите на суверенитет и територијален интегритет“, зад кои цврсто стојат.
Тие повторија дека се „во целосна солидарност со Кралството Данска и народот на Гренланд“ и порачаа дека како членки на НАТО се посветени на јакнење на безбедноста на Арктикот – „заеднички трансатлантски интерес“. Во тој контекст, воената вежба на НАТО „Арктичка издржливост“ е одговор на таа потреба и „не претставува закана за никого“.
Од Париз, пак, доаѓа повик за активирање на „економската базука“ на ЕУ. Блиски соработници на францускиот претседател Емануел Макрон изјавија дека Франција бара од Европската унија да го активира Инструментот за борба против присила – механизам што би ѝ овозможил на ЕУ да одговори на економски закани, вклучително и ограничување на пристапот на САД до јавни набавки или трговија во сектори каде што американската страна има суфицит, ако Трамп не се откаже од најавените царини.
Регион
(Видео) Непалските работници во Хрватска штрајкуваат поради ниски плати и лоши услови
Неколку часа траеше прекинот на работата во складиштето за овошје на логистичко-дистрибутивниот центар на „Плодине“ кај Кукуљаново, откако непалските работници изразија незадоволство од условите, јави „Индекс“
Синдикатот NSRH информира дека странските работници, најмногу од Непал, реагирале на ниските плати, прекувремената работа и условите. Во објектот работат околу 100 странци и околу 70 домашни работници.
Синдикатот предупреди и на случајот со седуммина непалски работници кои по зачленување во синдикат биле изложени на притисоци и закани со губење на работен и престојувачки статус.
Штрајкот е прекинат откако им било ветено дека во понеделник ќе имаат средба со лице од повисоко раководно ниво.
Свет
(Видео) Пожар во трговски центар во Пакистан, 6 лица загинаа, 11 се повредени
Во голем пожар што зафати трговски центар во центарот на Карачи, најголемиот град во Пакистан, загинаа шест лица, а 11 се повредени, објави „Ројтерс“. Пожарот избувнал во саботата навечер во трговскиот центар „Гул Плаза“, по што брзо се проширил од приземјето кон горните катови и ја зафатил речиси целата зграда.
Противпожарните екипи интервенирале во текот на ноќта за да го спречат ширењето на огнот во густо населената деловна зона. Во меѓувреме, стотици луѓе се собрале околу објектот, меѓу нив и сопственици на уништени продавници.
#WATCH | A massive fire breaks out at Gul Plaza, a multi-storey shopping mall in central Karachi, killing at least three people and injuring more than 20.#GulPlaza #Karachi #Fire #Accident #Shoppingmall pic.twitter.com/PX7yvGMcUi
— The Federal (@TheFederal_News) January 18, 2026
Од цивилната болница во Карачи соопштија дека се примени шест тела и 11 повредени лица, а полицијата ги активирала протоколите за масовни катастрофи. Локалните медиуми јавуваат дека делови од зградата почнале да се уриваат и постои страв од целосно рушење на конструкцијата.

