Свет
Талибанците им забранија на жените да влегуваат во јавни бањи: „Имате бањи дома“
Авганистанските талибани им забранија на жените да влезат во јавни бањи и теретани, соопштено е, откако претходно оваа недела им забранија на жените да влезат во парковите во главниот град Кабул.
„Спортските сали се затворени за жени бидејќи тренерите се мажи, а некои сали беа мешани“, рече во неделата Мохамад Акиф Садек Мохаџир, портпарол на Министерството за спречување на пороците и промоција на доблеста.
Отсега на жените им е забранет пристапот и до „амамот“, кој е јавна бања, каде традиционално жените се одвојуваат од мажите.
„Сега секоја куќа има бања, така што нема проблем жените да се мијат“, објасни портпаролот.
Видео на социјалните мрежи – кое не може да се потврди независно – покажува група жени со свртен грб кои протестираат поради затворањето на спортските сали.
„Оваа спортска сала е наменета исклучиво за жени. Наставниот кадар и тренерите се сите жени“, се жали една од нив.
„Не можете навистина се да ни забраните“, додава младата жена, а нејзиниот глас е скршен од тага. Кога дојдоа на власт по втор пат во август 2021 година, талибанците ветија дека овојпат ќе бидат пофлексибилни отколку за време на нивното прво владеење од 1996 до 2001 година, но постепено се враќаат на старата практика, радикално кратејќи ги правата и слободите на жените.
Така, тие ги затворија средните училишта за девојчиња и наредија да се носи целосниот превез. Жените се исфрлени од повеќето работни места во јавните служби, не им е дозволено да патуваат сами надвор од градот, а претходно оваа недела талибанците исто така им забранија влез во парковите во главниот град.
Сите овие ограничувања треба да ги спречат жените да се соберат и да изразат противење на талибанскиот режим, се оценува.
Мали групи жени организираа неколку протести во Кабул и други поголеми градови, изложувајќи се на опасност од репреии од властите. Тие собири беа брутално растурени, а учесниците беа приведени во полиција.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Бајден зборуваше за дебатата со Трамп, но и за детали од неговиот личен живот
Американскиот претседател Џозеф Бајден денеска изјави дека ќе учествува на дебата со Доналд Трамп, неговиот републикански противкандидат на ноемвриските избори.
„Не знам кога“, изјави Бајден во интервјуто со Хауард Стерн и додаде дека со нетрпение го очекува тоа, пренесе Ројтерс.
Бајден раскажуваше семејни приказни и рече дека пелтечењето било подготовка за тешките удари во животот. Тој рече дека пелтечењето како дете било најдоброто нешто што му се случило. Додаде дека на крајот го надминал пелтечењето, но дека повремено му се враќа кога зборува во јавност.
Интервјуто со Хауард Стерн се случи додека Бајден присуствуваше на политички настан во Њујорк.
За време на интервјуто, тој презентираше многу биографски детали, обидувајќи се да се претстави пред гласачите. Бајден, исто така, рече дека неговиот татко, Џозеф Робинет Бајден постариот, ретко покажувал љубов и раскажал приказна што напраавил кога бил нокаутиран додека играл рагби кога бил во четврто одделение.
„Татко ми излезе со нас и рече Џои стани. Само стани. Мора да станеш“, раскажал Бајден.
Свет
(Видео) Снимка од Ердоган хит на социјалните мрежи: Телохранител му подаде чешел на турскиот претседател, а потоа цела делегација мораше да застане
Видео од турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган како се чешла стана хит на социјалните мрежи.
Ердоган, кој во четвртокот дојде на прославата на Уставниот суд во Анкара, цело време беше придружуван од телохранител кој ненадејно му подава чешел пред да влезе во салата. Турскиот лидер застана и почна да се чешла додека целата делегација, вклучително и претседателот на Уставниот суд, чекаше.
— Pluton (@Pluton45873221) April 26, 2024
Откако заврши со средувањето на косата, Ердоган му го даде чешелот на еден од своите советници, а потоа продолжи да се шета со претседателот на Уставниот суд, Кадир Озкај, насмеан.
Ердоган присуствуваше и на прославата на 62-годишнината од формирањето на Уставниот суд.
Свет
Се слушнало тропање и силни вибрации: Боинг изгубил дел за време на лет, извршил принудно слетување
Авионот на „Делта ерлајнс“ кој утрово полета од аеродромот „Џон Кенеди“ во Њујорк мораше да се сврти и да се врати на аеродромот поради дефект на опремата за итни случаи, пренесува „Индекс“.
Летот 520 на „Делта ерлајнс“ безбедно се врати на аеродромот околу 8:35 часот откако екипажот пријавил вибрации, соопшти Федералната управа за авијација (ФАА). Пилотите веднаш по полетувањето пријавиле во контролата на летање дека почувствувале чудни вибрации и слушнале звук на тропање.
Авионот летал 33 минути пред да се врати на ЏФК, пишува „ABC7 New York“.
„Откако леталото безбедно слета, беше забележано дека во одреден момент отпадот за итни случаи паднал“, рече портпаролот на „Делта“. За време на инцидентот во „Боингот 767“ имало 176 патници, двајца пилоти и пет стјуардеси. Нема извештаи за повредени.
Патниците биле префрлени во друг авион, кој полетал во 10:59 часот, околу три часа подоцна. Авионот чиј дел за итни случаи паднал е стар 33 години и нема да биде во служба додека „Делта“ не ја процени неговата соодветност. Од ФАА велат дека ќе го истражат целиот инцидент.