Свет
(Видео) Тајфунот Вамко ги опустоши Филипините, загинаа над 50 лица
Тајфунот Вамко ги опустоши Филипините, настрадаа најмалку 53 лица, а густа кал затрупа многу села во околината на главниот град Манила.
Тајфунот предизвикал големи поплави, а луѓето бегале на покривите од своите куќи, јави „Ројтерс“.
Поплавени се десетина градови во регионот Кагајан, северно од Манила, а загрозени се повеќе илјади семејства.
Полицијата соопшти дека меѓу жртвите се сите членови на едно семејство кои биле затрупани во северната провинција Бенгует, како и двајца државни инженери кои биле дел од спасувачка операција во моментот кога се срушил дел од патот.
Повеќе од еден милион луѓе останаа без електрична енергија во Лузон, вклучително и поширокиот регион Манила, каде над 400.000 луѓе мораа да ги напуштат своите домови, соопшти Националната агенција за катастрофи.
Планирана е евакуација на уште 468.000 луѓе, соопшти Штабот за вонредни ситуации на филипинската Влада.
„Вамко“ е 21-та тропска бура што ги погоди Филипините оваа година и петта од октомври. За време на претходните четири циклони, загинаа повеќе од 50 лица, а вкупно беа погодени над три милиони луѓе.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Трамп: Земјите-членки на Одборот за мир ќе обезбедат повеќе од пет милијарди долари за Појасот Газа
Претседателот на САД, Доналд Трамп најави дека земјите-членки на новоформираниот Одбор за мир на првиот состанок в четврток же издвојат повеќе од пет милијарди долари помош за обнова на Појасот Газа.
Трамп на својата социјална мрежа „Трут соушл“ објави дека земјите-членки ветиле дека ќе испратат илјадници сили за стабилизација, одобрени од Обединетите нации и локалната полиција во палестинската енклава.
Тој наведе и дека првиот „формален состанок на групата“, ќе се одржи во Институтот за мир „Доналд Џ. Трамп“, кој Стејт департментот неодамна го преименува по претседателот.
Се очекува да присуствуваат делегации од повеќе од 20 земји, како и шефови на држави.
Свет
Во израелски напади врз Појасот Газа загинаа најмалку 11 луѓе
Во израелски напади врз Појасот Газа загинаа најмалку 11 луѓе. Израел тврди дека нападот е одговор на кршењето на примирјето од страна на Хамас.
Според палестински медицински извори, во израелскиот воздушен напад врз шаторски камп, каде се сместени раселени семејства загинале најмалку четири лица. Во друг напад врз Кан Јунис загинаа пет луѓе, а при напад во северниот дел на енклавата убиен е уште еден човек.
Портпаролот на Хамас, Хазем Касем изјави дека Израел извршил уште еден „масакр“ врз раселените Палестинци, нарекувајќи го инцидентот сериозно прекршување на прекинот на огнот неколку дена пред првиот состанок на Советот за мир на американскиот претседател Доналд Трамп.
Израелски воен претставник наведе дека нападите биле „прецизни“ и во согласност со меѓународното право, додавајќи оти Хамас постојано го крши договорот за прекин на огнот, постигнат во октомври минатата година. Според него, вооружени лица вчера излегле од тунел на израелска страна во областа Беит Ханун.
Касем ги повика учесниците на првиот состанок на новиот меѓународен Совет за мир во Појасот Газа да извршат притисок врз Израел да престане да го крши прекинот на огнот и да го спроведе договорот без одложување.
Свет
Поплави и свлечишта во јужна Италија
Јужниот дел на Италија е погодена од уште еден средоземен циклон што предизвика поплави и лизгање на земјиштето.
Поради бурата Оријана во Калабрија, Сицилија и Сардинија наредена е евакуација на населението.
Италијанската противпожарна служба соопшти дека за 72 часа добиле 2.000 повици за помош.
Оријана ја погоди Италија откако го погоди Иберискиот Полуостров. Тоа е втора бура што ја погоди јужна Италија по циклонот Хари кон крајот на јануари.

