Свет
Тврдења дека Епстин е жив повторно вирални, „Би-Би-Си“ анализираше што покажуваат документите
На социјалните мрежи се шири тврдење дека новообјавени документи покажуваат оти американските власти подготвиле соопштение за смртта на Џефри Епстин еден ден пред да биде пронајден мртов, што според тие објави наводно имплицира дека Епстин е сè уште жив. Како „доказ“ се наведува документ на американското Министерство за правда во кој се споменува датумот 9 август 2019 година – ден пред Епстин да биде пронајден мртов во затворска ќелија.
Би-Би-Си Verify ја провери оваа информација и заклучи дека станува збор за погрешно толкување на интерен нацрт-документ, а не за доказ дека смртта на Епстин била лажирана или однапред планирана.
Спорниот документ и датумот што ги поттикна теориите
Повод за новите шпекулации бил нацрт-соопштение на американското Министерство за правда, вклучено во најновата серија декласифицирани документи за Епстин. Во документот се наведува дека Епстин бил „пронајден без свест во својата ќелија“ во затвор во Њујорк, а како датум стои петок, 9 август 2019 година.
На социјалните мрежи тоа било протолкувано како наводен доказ дека американските власти однапред знаеле за неговата смрт или дека во тој момент тој воопшто не се наоѓал во ќелијата.
Што велат официјалните наоди?
Сепак, како што наведува Би-Би-Си Verify, сите релевантни службени документи потврдуваат дека Џефри Епстин бил пронајден мртов во сабота, 10 август 2019 година. Тоа вклучува декласифициран извештај на ФБИ за неговата смрт во притвор, обдукциски наод, интерни затворски документи, како и службени фотографии од местото на настанот.
Во ниту еден од тие документи не се појавува датумот 9 август како ден на неговата смрт или пронаоѓање на телото.
Министерството за правда: Станува збор за грешка во нацрт
Американското Министерство за правда му потврдило на Би-Би-Си Verify дека спорниот датум е резултат на грешка во интерен нацрт-документ кој никогаш не бил наменет за јавна објава. Според нивното објаснување, нацрт-верзиите на службената изјава почнале да циркулираат преку интерни електронски пораки во Канцеларијата на американскиот државен обвинител за јужниот округ на Њујорк дури на 10 август 2019 година, по смртта на Епстин.
„Иако првичните верзии на изјавата содржеа претходен датум, станува збор за несреќна административна грешка која подоцна била исправена пред објавувањето на службеното соопштение“, соопштиле од Министерството за правда за Би-Би-Си Verify.
Додале и дека тврдењата оти изјавата била подготвена пред смртта на Епстин се неточни.
Како грешката станала јавна
Спорниот документ бил интерен нацрт што останал зачуван во архивата на електронската комуникација и подоцна бил вклучен во објавените судски списи. Токму тоа овозможило погрешниот датум да стане видлив за јавноста и да послужи како повод за нови теории на заговор.
Би-Би-Си Verify нагласува дека нема никакви докази кои би упатувале на тоа дека смртта на Епстин била фалсификувана или дека тој преживеал, како што се тврди во виралните објави.
Заклучокот на Би-Би-Си Verify е јасен: погрешниот датум во интерниот нацрт-документ е резултат на административна грешка, а не доказ за заташкување или лажирање на смртта на Џефри Епстин. Сите релевантни и службени наоди потврдуваат дека тој починал на 10 август 2019 година во затвор во Њујорк, како што тогаш и официјално беше објавено.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Израел: Способноста на Иран да лансира ракети ќе биде значително нарушена
Израел очекува способноста на Иран да испали балистички ракети да биде значително нарушена во следните 24 часа, изјавија двајца израелски функционери, како резултат на зголемените напади на САД и Израел. Според нив, се очекува фреквенцијата на иранските ракетни напади да се намали до вторник вечерта и да бидат испукани помалку ракети кон Израел, пренесуваат медиумите во регионот.
Во првите три дена од војната, САД и Израел погодија повеќе од 1.200 цели. Се очекува тој број да се удвои до вторник, по она што официјалните лица го опишаа како неуморно темпо на напади што започна во понеделник и се очекува да продолжи во текот на ноќта.
Еден од функционерите рече дека се очекува нападите на американските и израелските сили во понеделник вечерта да бидат насочени кон ракетни лансери, сили за внатрешна безбедност и цели на Револуционерната гарда. Американските и израелските функционери денес нагласуваат дека темпото и успехот на воздушната кампања досега ги надминале сите очекувања.
Свет
Иранската револуционерна гарда: „Непријателот нема да биде безбеден никаде во светот, дури ниту во своите домови“
Иранската револуционерна гарда, паравоена формација на која се потпира исламската влада во Техеран, денес се закани, по повод американско-израелските напади врз Иран, дека ќе продолжи да се бори „додека непријателот не биде поразен“ и дека непријателите нема да бидат безбедни „никаде во светот, дури ни во своите домови“, објавува CNN.
Како што објави иранската државна телевизија, Иранската револуционерна гарда соопшти дека неодамнешната загуба на врховниот лидер ајатолахот Ал Хамнеи и други високи функционери „не го потресе (Иран), туку само го направи посилен“.
Високо вооружената и организирана гарда – која постои паралелно со иранската армија и вклучува доброволни одреди – вети во соопштение дека Иран ќе продолжи да се бори „додека непријателот не биде поразен“.
„Непријателот треба да знае дека неговите среќни денови се завршени и дека повеќе нема да бидат безбедни никаде во светот, дури ни во своите домови“, се додава во соопштението што го пренесе CNN.
Регион
Дачиќ симнат од респиратор
Министерот за внатрешни работи на Србија, Ивица Дачиќ денес е симнат од механичка вентилација, пренесува „Блиц“.
Медиумот пренесува дека министерот за здравство Златибор Лончар денес изјави дека здравствената состојба на министерот за внатрешни работи и претседател на Социјалистичката партија на Србија Ивица Дачиќ е подобра отколку што беше, додавајќи дека постојат причини за оптимизам, но и дека мерките за интензивно лекување и терапија продолжуваат.
„Неговата моментална состојба е подобра отколку што беше, што ни дава причина за оптимизам. Важно е што сè уште има многу работа да се направи, мерките за интензивно лекување и примената на интензивна терапија продолжуваат. Тоа е она што ќе го кажам во овој момент, а луѓето што го лекуваат ќе го објаснат подетално во текот на денот“, изјави Лончар за новинарите по посетата на здравствениот центар Вождовац.

