Свет
Тело на жена пронајдено во устата на алигатор на Флорида
Четириметарски алигатор е убиен на Флорида кога биле пронајдени човечки остатоци во неговите вилици.
Алигаторот е забележан во каналот Ларго, а се утврди дека тој во вилиците го држи долниот дел од телото на жената, според очевидци.
Полицијата објави дека животното е убиено и потврди дека во каналот се пронајдени останките на 41-годишната Сабрина Пекам.
Околностите за смртта на жената ќе ги утврдува истрагата.
Локалните жители велат дека виделе алигатори, но не толку големи како овој.
Џамаркус Булард рече дека бил на пат на интервју за работа кога видел алигатор со кукла во вилиците.
„Забележав дека има нешто во устата, како долниот дел од торзо, па повторно погледнав и истрчав директно во пожарникарската служба“, изјави тој за локалната телевизија „Фокс 13“.
„Првпат во животот видов алигатор во живо и не се исплашив, но кога забележав дека има нешто во вилиците, помислив „дали е тоа кукла? Беше бледо и бело“.
Семејството на жртвата рече дека таа живеела во камп за бездомници во близина на шумска област.
Властите соопштија дека алигаторот бил убиен и отстранет од каналот пред полицискиот тим за нуркање да ги пронајде останките на жената.
Причината за смртта допрва треба да се утврди.
Локалните жители велат дека претходно виделе мали алигатори во областа, но не со големина на убиениот.
„Моите деца минуваат таму секој ден, навистина е страшно. Сум видел алигатори кои беа метар или два, но не толку големи“, изјавила за медиумите локалната жителка Џенифер Дин.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Педро Санчес: Американска инвазија на Гренланд би го направила Путин најсреќниот човек на светот
Шпанскиот премиер, Педро Санчес, изјави дека евентуална американска инвазија на Гренланд би го направила рускиот претседател Владимир Путин најсреќниот човек на светот.
„Ако се фокусираме на Гренланд, морам да кажам дека американска инвазија на таа територија би го направила Владимир Путин најсреќниот човек на светот. Зошто? Затоа што би го легитимизирала неговиот обид за инвазија на Украина“, рече Санчес во интервју за весникот „Вангардија“, пренесе „Ројтерс“.
Санчес оцени дека секоја воена акција на Соединетите Американски Држави против островот, кој е данска автономна територија, би му наштетила на НАТО и би ја легитимизирала руската инвазија на Украина.
„Ако Соединетите Држави употребат сила, тоа би била смртна пресуда за НАТО. Путин би бил двојно среќен“, заклучи Санчес.
Американскиот претседател Доналд Трамп повеќепати изјави дека нема да се задоволи со ништо помалку од сопственост над Гренланд, додека лидерите и на Данска и на Гренланд одговорија дека островот не е на продажба и дека не сака да биде дел од САД.
Свет
(Видео) Поплави во Австралија, евакуации во Сиднеј
Австралиските власти соопштија дека 20 лица се спасени од надојдени води во источната сојузна држава Нов Јужен Велс, поради обилните дождови што предизвикаа поплави. Во Сиднеј, главниот град на државата, доцна во саботата беше извршена евакуација на жители и туристи од ниското предградие Нарабин.
Екипите за итни интервенции реагирале на повеќе од 1400 пријави низ државата откако дождот започнал во саботата. Најголем дел од интервенциите се однесувале на спасување луѓе кои се обиделе да возат низ поплавени улици.
🇦🇺FLASH FLOODING EASES IN SYDNEY AFTER TORRENTIAL RAINS🚨
• Flood alerts downgraded in Sydney’s beachside suburb Narrabeen as waters recede
• Thousands evacuated earlier amid intense rainfall and flash flooding
• Over 1,700 emergency incidents reported across New South… https://t.co/IKhmKNfxmV pic.twitter.com/SXOu5nPXIN
— Info Room (@InfoR00M) January 18, 2026
„Имаше голем број ненадејни поплави што предизвикаа затворање на патишта, и очекуваме некои од нив да останат затворени до понатамошно известување“, изјави заменичката комесарка за итни служби Соња Ојстон.
Властите предупредија на можни дополнителни бури јужно од Сиднеј во недела. Државната метеоролошка служба соопшти дека 72,4 милиметри дожд наврнале во северниот дел на градот во рок од два часа.
🚨 Breaking News: DISASTROUS floods in Australia🇦🇺
Several cars reportedly floated out to the sea in Victoria!!!
Let’s pray for Australia 🇦🇺
Please follow @RGeorgeMichael pic.twitter.com/aHD0eYsKR3
— George Michael (@RGeorgeMichael) January 15, 2026
Една жена загина кога врз неа паднала гранка од дрво за време на невремето во близина на Волонгонг, околу 66 километри јужно од Сиднеј, јави јавниот сервис „Еј-би-си“.
Свет
Судири во Сирија: Војската напредува кон курдските подрачја, САД предупредуваат
Сириската војска го продолжи продорот на територии под контрола на Курдите, и покрај повиците на САД да го запре напредувањето на северот од земјата. Државните медиуми објавија дека е заземен северниот град Табка, како и блиската брана и стратешката брана „Слобода“, западно од Рака.
Курдските власти не ги потврдија овие тврдења, а не е јасно дали борбите сè уште траат.
Судирите се водат околу стратешки позиции и нафтени полиња долж реката Еуфрат. Сириските демократски сили (СДФ), предводени од Курдите, соопштија дека се повлекле од дел од подрачјата како гест на добра волја, но ја обвинија сириската војска за кршење на договорот со ново напредување.
Командантот на американската Централна команда (CENTCOM), Бред Купер, повика сириските сили да ги запрат офанзивните дејства меѓу Алепо и Табка.
Во градот Деир Хафир, со претежно арапско население, жителите го поздравиле влегувањето на сириската војска. Сириската нафтена компанија соопшти дека се преземени нафтените полиња Расафа и Суфјан.
Сириската војска тврди дека загинале четворица нејзини припадници, додека СДФ соопшти за загуби во своите редови, без конкретни бројки.

