Свет
Терористите на Ал Шабаб нападнаа хотел до претседателската палата во Могадишу, политичари скокаа од прозорците

Сомалиските исламски милитанти синоќа нападнаа хотел во кој има ресторан за владини претставници во главниот град Могадишу, објави „Ројтерс“.
Терористичката група Ал Шабаб, која е поврзана со Ал каеда и контролира делови од земјата, ја презеде одговорноста за нападот велејќи дека цел била блиската претседателска палата.
„Бевме потресени од силна експлозија по што слушнавме пукање. Седиме во нашите куќи и слушаме пукање“, рече Ахмед Адбулахи, кој живее во близина на центарот.
Напаѓачите упаднале во хотелот „Вила Роуз“, но сè уште не е познато колку има, соопштија полициски претставници.
Некои владини функционери избегаа бегајќи низ прозорците.
Безбедносните сили одговорија на нападот на Ал Шабаб врз хотел во областа Бондере во главниот град, објави државната телевизија СНТВ на „Твитер“.
„Силите спасија владини претставници и граѓани, кои беа заробени во зградата“, се вели во соопштението.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Свет
Висок ирански функционер: Европските предлози се нереални

Висок ирански функционер ги оцени како нереални предлозите што европските сили ги претставија вчера во Женева.
Во изјава за новинската агенција „Ројтерс“, официјалниот претставник рече дека нула збогатување ураниум – што британскиот министер Дејвид Лами вчера го опиша како „почетна точка“ за разговорите со Техеран – е ќорсокак.
Тој нагласи дека инсистирањето на такви позиции нема да ги зближи Иран и Европа, додавајќи дека неговата земја нема да преговара за нејзините одбранбени способности, вклучително и за ракетната програма.
„Во секој случај, Иран ќе ги разгледа европските предлози во Техеран и ќе ги претстави своите одговори на следниот состанок“, рече претставникот.
Свет
Макрон: Иран никогаш не смее да добие нуклеарно оружје

Францускиот претседател Емануел Макрон денеска дека телефонски разговарал со неговиот ирански колега Масуд Пезешкијан, нагласувајќи дека Иран никогаш не смее да има нуклеарно оружје.
Макрон рече дека добил телефонски повик од Пезешкјан и дека се согласиле да ги забрзаат преговорите меѓу европските сили и Иран за неговата спорна нуклеарна програма.
„Барам: Иран никогаш не смее да добие нуклеарно оружје и од него зависи да ги обезбеди сите гаранции дека неговите намери се мирни“, рече Макрон на „Икс“.
„Убеден сум дека има излез од војната и дека може да се избегнат поголеми опасности“, додаде тој.
Министрите за надворешни работи на три земји, Германија, Франција и Велика Британија и високата претставничка на ЕУ за надворешна политика и безбедност Каја Калас вчера во Женева разговараа со нивниот ирански колега Абас Аракчи, една недела по почетокот на израелските напади врз Иран.
Трите земји го повикаа Иран да продолжи со дипломатските напори, без да се чека крајот на конфликтот, за да се реши спорното прашање за неговата нуклеарна програма, но Техеран рече дека е подготвен да ја разгледа дипломатската рута само кога ќе биде запрена агресијата на Израел.
Свет
Израел објави снимка од ново оштетување на иранскиот нуклеарен објект во Исфахан

Израелската војска објави снимка на која се гледа оштетување на иранскиот нуклеарен објект во Исфахан по новите напади.
Споредувајќи ја таа снимка со сателитски снимки направени минатата недела од компанијата „Максар“, „Би-би-си Верифај“ откри дека новите удари оштетиле неколку згради во северниот дел на комплексот.
Во посебна изјава, израелските одбранбени сили (ИДФ) објавија дека цел биле „производствени капацитети за центрифуги“ што се користат во процесот на збогатување ураниум.
Новата штета опфаќа површина од околу 0,3 квадратни километри, во чии рамки седум згради се чини дека се целосно срамнети со земја.
Снимката на „Максар“, направена на 14 јуни, покажува јасни оштетувања на најмалку две згради во различни делови на комплексот, како и траги од горење на периферијата. Во тој момент ниту една зграда не беше целосно уништена.
Вчера директорот на Меѓународната агенција за атомска енергија (МААЕ), Рафаел Гроси, во Советот за безбедност на ОН изјави дека „нападите врз нуклеарните постројки во Исламската Република Иран предизвикуваат сериозно влошување на нуклеарната безбедност во Иран“.