Свет
Тимот на Трамп не гледа докази за влијание на Русија врз американските избори
САД немаат докази за вмешаност на Русија во обидите за влијание на американските претседателски избори и американските разузнавачки служби во моментов не можат да му достават уверливи докази на новоизбраниот претседател Доналд Трамп за ваквите обвинувања, изјави во понеделниот во интервјуто за телевизијата Fox News, претставникот на преодниот тим на Трамп, Шон Спејсер кој е номиниран за портпарол на Белaта куќа.
Според Спејсер, медиумите ја подгреваат опцијата, според којашто Русија влијаела врз американските претседателски избори на 8-ми ноември во полза на републиканскиот кандидат Доналд Трамп и други републиканци, што е и ставот на администрацијата на американскиот претседател на заминување Барак Обама, Вториот минатиот четврток нареди протерување на 35 руски дипломати и низа санкции за руски поединци, компании и двете разузнавачки служби, поради наводните кибернетички напади врз политички институции во САД,
„Меѓутоа, нема никакви докази дека тие (Русите) навистина влијаеле врз изборите“, вели Спејсер. Според него „дали биле или не биле хакирани компјутерските системи е сосема поинаква приказна“, која не е поврзана со тоа дали Русија учествувала во тоа, истакнува Спејсер кој ги осудува кибернетичките напади од која страна и да доаѓаат.
Во неделата Трамп изјави дека очекува во текот на седмицава да ги добие информациите за кибернетичките напади од американската разузнавачка заедница, за да ја оцени соодветноста на санкциите преземени од американската администрација на заминување. Спејсер зборуваше дека се сомнева во пропорционалноста на новите антируски санкции.
Тој истакна дека Трамп „секојдневно е брифиран и информиран, како од членовите на неговиот тим за национална безбедност, така и од други членови на американската разузнавачка заедница“, но во овој момент „се чини дека разузнавањето нема убедливи докази“ за руско учество во кибернетичките напади врз политичките структури во САД.
Спејсер, исто така, тврди дека минатата седмица објавениот извештај на американското Федерално биро за истраги (FBI) и на министерството за татковинска безбедност, за наводната вмешаност на руски хакери во кибернетичките напади, не личи на убедлив документ туку повеќе на „практичен водич за Националниот комитет на Демократската партија како може да се подобри неговата информатичка безбедност“.
Според овој соработник на Трамп, избраниот претседател и неговиот тим „очекуваат конечен извештај“ од американските власти, во кој или ќе бидат наведени конкретни докази за вмешаноста на Русија во хакерските напади, или експлицитно ќе укажуваат дека разузнавањето „само во општи линии претпоставува“ дека во информатичките упади учество можела да има Москва.
Претходно во интервју за телевизиската мрежа ABC News Спејсер ја проблематизираше оправданоста и пропорционалноста на мерките коишто ги презема администрацијата на Барак Обама како одговор на наводните руски хакерски напади.
„Едно од прашањата што си ги поставуваме е: зошто е неопходна реакција од тие размери?“, рече Спејсер. „Тоа го поставува прашањето дали тоа е политичка одмазда, а не дипломатски одговор“, додаде.
Сепјсер, исто така, потврди дека оваа седмица претставниците на американската разузнавачка заедница ќе имаат специјален брифинг со Трамп, посветен исклучиво на ситуацијата со кибернетичките настани. Според него, избраниот претседател на САД ќе оцени дали „одговорот на администрацијата на Обама е сразмерен или не“.
„Знам многу за хакерите. Упадите се работа која е многу тешко да се открие, така што тоа би можело да биде кој и да е“, изјави во неделата за новинарите Доналд Трамп во врска со кибернетичкиот скандал за кој е обвинета Москва. Трамп потврди дека во текот на оваа седмица ќе се сретне со претставниците на американската разузнавачка заедница, кои ќе му ги претстават информациите врз основа на кои тие ја обвинија Русија за обидите за упади во компјутерските системи на политички институции на САД. Се очекува дека тоа ќе се случи во вторник или во среда./крај/мф/сн
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Прво огласување на кралот Чарлс по апсењето на Ендру
Британскиот крал Чарлс се огласи по апсењето на својот брат и поранешен принц Ендру.
„Со најдлабока загриженост ја примив веста за поранешниот принц Ендру Маунтбатен Виндзор и сомневањето за злоупотреба на јавна функција. Она што сега следи е целосен, фер и правилен процес за соодветно истражување на ова прашање и од страна на надлежните органи. Во ова, како што реков, тие ја имаат нашата целосна и безусловна поддршка и соработка. Да бидам јасен: законот мора да си го направи своето. Додека овој процес продолжува, не би било соодветно да коментирам понатаму. Во меѓувреме, моето семејство и јас ќе продолжиме да ја извршуваме нашата должност и да ви служиме на сите вас. Чарлс Р.“, изјави тој.
Свет
Стармер: Никој не е над законот
Британскиот премиер Кир Стармер изјави дека уапсениот Ендру Маунтбатен-Виндзор треба да разговара со властите во Велика Британија и САД во врска со „скандалот“ околу осудениот сексуален престапник Џефри Епстин, нагласувајќи дека „никој не е над законот“.
Во интервју за Би-Би-Си, Стармер рече дека секој што има релевантни информации има обврска да се јави кај властите.
„Секој што има какви било информации треба да сведочи. Без разлика дали е Ендру или некој друг, секој што има релевантни информации треба да контактира со надлежниот орган“, истакна британскиот премиер, додавајќи дека ова важи не само за случајот Епстин, туку и за сите други случаи на насилство врз жени и девојчиња.
Стармер истакна дека еден од основните принципи на британскиот систем е дека сите се еднакви пред законот.
„Никој не е над законот. Тоа е долгогодишен и многу важен принцип на нашето општество и мора да се примени во овој случај на ист начин како и во секој друг“, рече тој.
Ендру Маунтбатен-Виндзор беше уапсен денес во неговиот имот Вуд Фарм во Сандрингам, на неговиот 66-ти роденден, објави британскиот „Телеграф“, повикувајќи се на неименувани извори.
Ендру беше уапсен под сомнение за злоупотреба на јавна функција.
Регион
Пленковиќ: Разговарав со Вучиќ, Сојузот е „технички“
Хрватскиот премиер Андреј Пленковиќ денес во Њу Делхи изјави дека за време на разговорот со српскиот претседател Александар Вучиќ, тој „ги отфрлил стравувањата на Србија во врска со одбранбената соработка меѓу Хрватска, Албанија и Косово“.
„Ги отстранивме стравувањата што, според нас, постојат во Србија во врска со соработката меѓу министерствата за одбрана на Хрватска, Косово и Албанија.“ Објаснив дека оваа соработка е насочена кон техничка соработка на нашите оддели и дека на никаков начин не е насочена против Србија“, рече Пленковиќ.
„Значи, сега, колку што видов од неговата изјава, таа е прифатена“, им рече Пленковиќ на новинарите на маргините на самитот за вештачка интелигенција во Њу Делхи, пренесува „Хина“.
Според написите, минатата година, Хрватска, Албанија и Косово потпишаа Декларација за соработка во областа на одбраната и безбедноста, која, според толкувањето на експертите, не е исто што и договор за воено-техничка соработка,.

