Свет
Тинејџерка се самоубила по анкета на „Инстаграм“ дали треба да живее или да умре
Шеснаесетгодишно девојче од Малезија се самоубило кога поставило анкета на „Инстаграм“ со која побарало од нејзините следбеници да одговорат дали треба да умре или не, а 69 отсто одговориле позитивно. Девојчето ја објавило анкетата со порака: „Многу важно, помогнете ми да одлучам С/Ж“, објави „Гардијан“.
Полицијата отвори истрага за случајот.
По нејзината смрт, адвокатот Рамкарпал Синг рекол дека оние што гласале оти треба да умре би можеле да бидат виновни за поттикнување самоубиство.
„Дали девојката денес ќе беше сè уште жива ако мнозинството следбеници на нејзиниот профил на ‘Инстаграм’ ја обесхрабрија да си го одземе сопствениот живот? Дали би побарала стручна помош ако тие го стореле тоа? Дали охрабрувањето на интернет-корисниците навистина влијаело на нејзината одлука да си го одземе животот? Бидејќи обидот за самоубиство е прекршок во оваа земја, тогаш и поттикнувањето самоубиство би требало да биде“, рекол тој.
Министерот за млади и спорт на Малезија, Сиед Садик Сиед Абдул Рахман, рекол дека трагедијата ја нагласува потребата за дискусии на национално ниво за менталното здравје во земјата.
„Јас сум навистина загрижен за состојбата на менталното здравје на нашите млади“, рекол тој и додал дека тоа е национално прашање што мора да се сфати сериозно.
Шефот за комуникации на „Инстаграм“, Чинг Ји Вонг, изрази сочувство до семејството.
„Нашите мисли и молитви се со семејството на оваа млада девојка. Ние имаме длабока одговорност да осигураме дека луѓето што го користат ‘Инстаграм’ се чувствуваат безбедно и поддржани. Како дел од нашите сопствени напори, ги повикуваме сите да ги користат нашите алатки за известување и да контактираат со службите за итни случаи ако забележат какво било однесување што ја става безбедноста на луѓето во ризик“, рече Вонг.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Путин го разреши Сергеј Иванов од Советот за безбедност на Русија
Рускиот претседател Владимир Путин денес го разреши Сергеј Иванов од Советот за безбедност на Русија, беше објавено на официјалниот портал за правни акти.
Путин претходно го разреши Иванов од позицијата специјален претставник на рускиот претседател за заштита на животната средина.
„Составот на Советот за безбедност на Руската Федерација се менува, со исклучувањето на С. Б. Иванов“, се наведува во документот, пренесува РИА Новости.
Свет
Естонскиот министер за надворешни работи: „НАТО ќе ја нападне Русија ако Путин ги нападне Балтичките земји“
НАТО ќе започне напади длабоко во Русија ако Москва се осмели да ги нападне балтичките земји, предупреди естонскиот министер за надворешни работи Маргус Цахна, отфрлајќи ги стравувањата дека Москва би можела брзо да добие територија на исток.
Во интервју за британскиот Телеграф на маргините на Минхенската безбедносна конференција, тој рече дека балтичките земји Естонија, Латвија и Литванија ќе „ги одбијат сите напаѓачи“ и дека ќе следи разорен контранапад на руска територија.
„Ќе донесеме војна во Русија и ќе имаме длабоки напади многу длабоко во Русија. Знаеме точно што да правиме. Затоа сега ги забрзуваме нашите инвестиции и ги развиваме нашите капацитети, затоа инвестираме 5 проценти од БДП во одбрана во нашиот регион“, рече естонскиот министер.
Цахна ги отфрли загриженостите во одбранбените кругови дека рускиот претседател Владимир Путин планира да нападне и делумно да окупира една балтичка земја по завршувањето на војната во Украина.
Сепак, Цахна истакнува дека ваквите сценарија се застарени, бидејќи балтичките држави значително ги зголемија своите инвестиции во одбраната и сега се целосно способни да ѝ се спротивстават на Русија.
„Претходните планови само велеа: „Ако дојде Русија, НАТО на крајот ќе ја добие војната“. Во тој случај, нема да останат Естонци. Значи, не сме заинтересирани за вакви планови. Ова е нашиот план, бидејќи нема друг. Не можеме да дозволиме Русија да влезе во балтичките држави и дури потоа да се бори“, додаде тој.
Симулацијата за Литванија, која ја организираше германскиот весник „Ди Велт“, предизвика голема контроверзност, бидејќи во неа Русија се појави како јасен победник, додека НАТО беше парализиран од неодлучност, потсетува британскиот весник.
За време на симулацијата, САД одбија да го активираат Член 5 од Договорот за колективна одбрана на НАТО, плашејќи се дека тоа би можело да започне Трета светска војна. Германија не успеа да им се спротивстави на руските трупи што ја нападнаа Литванија, и покрај тоа што имаше бригада стационирана во таа земја.
Симулацијата предвиде дека Русија ќе ја оправда својата инвазија со „хуманитарна криза“, слично како што тврдеше дека инвазијата на Украина е започната во име на заштита на малцинствата што зборуваат руски јазик.
За време на симулацијата, руските трупи го окупираа литванскиот град Маријамполе пред да ја преземат контролата врз стратешки важниот превој Сувалки.
Исходот од оваа воена игра го разбесни лидерот на балтичките земји бидејќи беше сугерирано дека тие нема да можат да се спротивстават на инвазијата.
Свет
САД и Унгарија потпишаа договор за нуклеарна соработка
Државниот секретар на САД, Марко Рубио, денес го поддржа унгарскиот премиер Виктор Орбан во Будимпешта пред априлските избори, на кои Орбан се кандидира за петти последователен мандат. Рубио ги нагласи блиските лични врски меѓу унгарскиот лидер и американскиот претседател Доналд Трамп.
Орбан, кој е на власт во Унгарија од 2010 година, се смета за еден од најистакнатите сојузници на Трамп во Европската Унија. Пред изборите на 12 април, кои се сметаат за негов најголем предизвик во последните 16 години, Орбан интензивно работеше на зајакнување на врските со американскиот претседател.
Рубио потпиша договор за цивилна нуклеарна соработка со Орбан и членовите на неговата влада во унгарската престолнина. Договорот ѝ отвора врата на Унгарија да купи американски компактни нуклеарни реактори, познати како мали модуларни реактори или SMR, како и американска технологија за нуклеарно гориво и складирање.
На прес-конференција, Рубио рече дека односите меѓу САД и Унгарија, кои двете страни ги опишаа како „златно доба“ под администрацијата на Трамп, одат подалеку од вообичаената дипломатска соработка.
„Искрено, премиерот и претседателот имаат исклучително близок личен и професионален однос, за кој верувам дека е корисен за двете наши земји“, рече Рубио.
Обраќајќи му се директно на Орбан, Рубио додаде: „Таа лична врска што ја изградивте со претседателот беше клучна за развојот на нашите односи. Претседателот Трамп длабоко се грижи за вашиот успех, бидејќи вашиот успех е наш успех.“
Посетата на Унгарија следеше по посетата на Рубио на Словачка, пред да присуствува на Минхенската безбедносна конференција. Со оглед на тоа што Словачка и Унгарија се предводени од евроскептични популисти кои се противат на испраќањето помош за Украина и отворено го поддржуваат Трамп, двете земји претставуваат пријателска територија за Рубио во неговите напори да склучи енергетски договори.
Орбан често се смета за најсигурен сојузник на рускиот претседател Владимир Путин во ЕУ. Тој одржува добри односи со Кремљ и покрај војната во Украина, додека гради врски со Трамп и неговото движење MAGA – кратенка за слоганот „Да ја направиме Америка повторно голема“.
И покрај напорите на ЕУ да ја намали зависноста од руските извори на енергија, Орбан продолжи да купува руска енергија, а по состанокот со Трамп во Белата куќа во ноември, доби ослободување од американските санкции. Во понеделник, Рубио не сакаше да го прецизира времетраењето на тоа ослободување, имајќи го предвид планот на ЕУ целосно да ја прекине употребата на руски фосилни горива до крајот на 2027 година.
фото/ЕПА

