Свет
Товарен брод удри во танкер, постои опасност од излевање милион барели нафта

Кинеската управа за поморска безбедност денес објави дека во Жолтото Море дошло до излевање нафта од танкерот „А Симфони“, кој превезувал речиси милион барели нафта.
„Товарен брод удри во ‘А Симфони’. Сите се безбедни, а ние сме во процес на запознавање со фактите“, рече еден извор.
„Ројтерс“ наведува дека танкерот, со знамето на Либерија, последен пат бил виден во близина на пристаништето „Кингдао“, според податоците на „Рефинитив ајкон“.
Преброен е целиот екипаж на танкерот „А Симфони“ и нема извештаи за повредени, се вели во соопштението на управителот на бродот, како што пренесува агенцијата „Блумберг“.
Распоредени се локални експерти за одговор на излевање нафта за да се запре излевањето на нафтата и да се почне со расчистување, се вели во извештајот.
На блиските бродови им беше наредено да бидат оддалечени најмалку 18,5 километри од локацијата на инцидентот.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Свет
Иранскиот министер за надворешни работи им порача на Израелците: Немојте да се приближувате до воени локации

Министерот за надворешни работи на Иран ги повика Израелците да избегнуваат да бидат во близина на „воени и разузнавачки локации“ додека Иран продолжува да извршува напади.
Абас Арагчи напиша на Икс дека иранската војска „прецизно“ елиминирала израелски штаб на команда, контрола и разузнавање и „уште една витална цел“. Тој истакна дека „ударниот бран“ предизвикал „површинска штета“ на блискиот медицински центар Сорока, за кој тврди дека лекувал повредени израелски војници во Газа.
Израел тврди дека Иран директно ја нападнал болницата, додека Иран вели дека нападнале команден центар во близина на медицинскиот центар. „Стотици невини Иранци се убиени ладнокрвно откако Израел ја започна својата нелегална војна против иранскиот народ минатата недела“, рече Арагчи.
„Нашите моќни вооружени сили ќе продолжат да напаѓаат криминалци кои го напаѓаат нашиот народ сè додека не престанат и не платат за нивната криминална агресија против нашата нација“, додаде тој.
Министерот за надворешни работи на Иран утре ќе отпатува во Женева, Швајцарија, за да се сретне со европските колеги на разговори. Дипломат за Си-ен-ен изјави дека разговорите ќе се фокусираат на „што може да се постигне“ за да се стави крај на конфликтот.
Свет
„Волстрит журнал“ објави дека американскиот претседател одобрил планови за напад врз Иран; Трамп: Тие немаат поим!

Американскиот претседател Доналд Трамп го негираше извештајот во „Волстрит журнал“ дека одобрил планови за напад врз Иран, но се воздржува од издавање конечна наредба.
„Си-би-ес њуз“ вчера објави слични информации.
Трамп се огласи на својата сметка на социјалните мрежи „Трут Соушл“ за накратко да каже: „’Волстрит журнал’ нема поим какви се моите мисли за Иран!“
Европа
Шпанскиот премиер му пиша на шефот на НАТО: не сака да троши 5 проценти од БДП за одбрана

Шпанскиот премиер Педро Санчез побара од НАТО да го исклучи од својата цел за зголемување на трошоците за одбрана на 5 проценти од БДП, според писмото испратено до генералниот секретар на алијансата, Марк Руте, во кое Ројтерс имал увид.
Санчез побара „пофлексибилна формула“ што или ќе го направи постигнувањето на целта доброволно или ќе ја ослободи Шпанија од неа.
„Посветувањето на целта од 5 проценти не само што би било неразумно, туку и контрапродуктивно, бидејќи дополнително би ја оддалечило Шпанија од оптимално трошење и би ги нарушило сегашните напори на Европската унија за зајакнување на нејзината безбедност и одбрана“, напиша Санчез во писмото.
Тој додаде дека новата цел, предложена од САД, е „некомпатибилна со шпанската држава на благосостојба и шпанскиот поглед на светот“. „Мадрид проценува дека ќе треба да потроши 2,1 процент од својот БДП за да ги задоволи воените потреби на Шпанија“, рече Санчез.