Свет
Токсичниот смог во Индија го покри Таџ Махал, летовите во Њу Делхи одложени
Токсичниот смог предизвика денеска доцнење на летовите на аеродромот во Њу Делхи, а апликацијата за следење летови Flightradar24 покажува дека 88 отсто од полетувањата и 54 отсто од пристигнувањата се одложени, пренесе „Ројтерс“.
Официјалните лица го обвинија високото ниво на загадување, во комбинација со влажноста и намалениот ветер, за густиот смог, кој ја намали видливоста на меѓународниот аеродром на 300 метри.
Смогот го покри и познатиот индиски споменик на љубовта, Таџ Махал, во градот Агра, како и најсветото светилиште на сикизмот, Златниот храм во Амритсар.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Шефот на мировните сили: ОН остануваат во Либан
Шефот на мировните сили на ОН, Жан-Пјер Лакроа денеска изјави дека УНИФИЛ (Привремените сили на ОН во Либан) ќе остане на сите свои позиции во јужниот дел на таа земја и покрај интензивните борби меѓу израелската армија и екстремистите на либанскиот Хезболах.
УНИФИЛ продолжи да ја следи ескалацијата на конфликтот меѓу Израел и Хезболах преку границата позната како Сина линија и покрај израелските повици мировниците да се повлечат пет километри од неа.
Силите на ОН во Либан го обвинија Израел за намерно уништување на опремата за надзор и дека во борбите се повредени 13 мировници.
Лакроа денеска посети некои од ранетите во Либан.
Тој рече дека силите на УНИФИЛ ќе продолжат да бидат распоредени на сите позиции и оти смета дека е многу важно да се зачува нивното присуство.
Шефот на мировните сили на ОН додаде дека доколку УНИФИЛ си замине, некои од завојуваните страни ќе ги преземат тие позиции.
„Ние имаме одговорност да обезбедиме дека ОН и понатаму се гледаат како неутрални и непристрасни“, рече Лакроа.
Свет
Руте: Војната во Украина е дел од глобалната борба за моќ меѓу САД и Кина
Генералниот секретар на НАТО Марк Руте денеска изјави дека војната во Украина е дел од глобалната борба за моќ меѓу САД и Кина. Тој го кажа ова во Мастрихт на собирот „Предавања на принцезата Беатрикс“, објави денеска „NL Times“.
Претседателот на Воениот комитет на НАТО, адмирал Роб Бауер изјави дека додека не се најде рамнотежа ќе има војни, но не светски, туку регионални војни.
Бауер очекува да ги види основите на двата посебни светски поредоци во различни делови на светот во рок од пет до 10 години.
Бауер оценил дека решавачкиот пресврт е тоа што Северна Кореја испратила војници да се борат против Украина заедно со Русите и дека како резултат на тоа војната повеќе не може да се реши без склучување договор со Северна Кореја, Иран и Кина, пренесува Танјуг.
Свет
Германија го одби предлогот на шефот на дипломатијата на ЕУ за прекин на дијалогот со Израел
Германија го отфрли предлогот на еврокомесарот за безбедност и надворешна политика, Жозеп Борел, за прекин на политичкиот дијалог со Израел, наведувајќи го како причина евентуалното кршење на човековите права во Газа.
„Прекинувањето на дијалогот со Израел не е од корист за луѓето кои страдаат во Појасот Газа, за заложниците на Хамас, ниту за луѓето во Израел кои се подготвени за дијалог“, се вели во соопштението на германското Министерство за надворешни работи во Берлин.
Берлин рече дека Советот за асоцијација ЕУ-Израел создава „соодветна рамка“ за да разговара со израелската влада за придржувањето кон принципите на меѓународното хуманитарно право.
„Ние сме за одржување на отворени каналите за комуникација. Во секој случај, тоа важи и за Израел“, се вели во соопштението на МНР.
Германската министерка за надворешни работи Аналена Баербок реагираше и на претходните предлози на Жозеп Борел да ги стави екстремните израелски министри Безалел Смотрич и Итамар Бен-Гвир на листата на санкции на Европската унија.
„Ако одделни израелски министри го доведуваат во прашање правото на Палестинците да постојат, тоа мора да биде санкционирано на ниво на ЕУ“, изјави Баербок за јавниот радиодифузен сервис ZDF.
Борел повика на прекин на дијалогот по долгогодишното одбивање на Израел да разговара за хуманитарната ситуација во Појасот Газа на Советот за асоцијација.
Во писмото испратено до министрите за надворешни работи на ЕУ во средата, пред нивниот состанок во понеделникот, Борел изрази „сериозна загриженост за можни прекршувања на меѓународното хуманитарно право во Газа“ и рече дека „Израел досега не одговорил доволно на овие грижи“.
За суспензијата ќе биде потребно одобрение од сите 27 земји на ЕУ, што се смета за неверојатно меѓу дипломатите.
Според дипломатски извори, како што пренесуваат светските медиуми, предлогот на Борел има за цел да испрати силен сигнал за загриженост поради однесувањето на Израел во војната.