Свет
Топлотен бран во Шпанија: регистрирани 102 смртни случаја
Од минатата сабота, кога почна првиот топлотен бран ова лето во Шпанија, регистрирани се 102 смртни случаја поврзани со висока температура и топлина, објави Системот за дневно следење на смртноста од сите причини (MoMo).
Вкупниот број на смртни случаи во текот на јуни оваа година, кој според податоците на Државната метеоролошка агенција (Aemet), беше оценет како најжешкиот месец некогаш регистриран во земјата, достигна 380, објави шпанскиот „Елмундо“.
Податоците на MoMo покажуваат дека вкупно 2.168 смртни случаи поврзани со топлина и студ се регистрирани во првата половина од годината, што претставува 68 проценти од вкупниот број смртни случаи поврзани со топлина за целата 2024 година, кога беа пријавени 3.521 смртен случај. Јуни беше месецот со најголем број смртни случаи поради топлотен удар, при што понеделник, 30 јуни, беше денот со најголем број смртни случаи – 46, а во неделата, 28 јуни, имаше 32 смртни случаја, што е ист број како и целиот јуни 2024 година.
Во јуни 2024 година немаше топлотни бранови, а просечната температура беше 19 Целзиусови степени, што го прави еден од „постудените месеци“ на Иберискиот Полуостров од април 2022 година.
Најголем број смртни случаи во јуни 2025 година е забележан кај жените – 237, повеќето од жртвите беа над 65 години, а граѓаните над 75 години се особено изложени на ризик. Според податоците на Aemet, просечната температура во јуни оваа година изнесуваше 23 степена, што е за 0,8 степени повисоко од претходниот рекорден јуни од 2017 година, а зголемувањето во споредба со просечната температура за периодот од 1991 до 2020 година изнесуваше дури 3,5 степени.
Јуни годинава почна со температура што надмина 43 степени во неколку градови на југот од Иберискиот Полуостров, а највисока температура е забележана во општината Алкончелу и во Фуентес де Андалузија, каде што температурата достигна 43 степени, пренесува „Танјуг“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Момче во Германија повлекло девојка под воз што доаѓал од спротивен правец, двајцата се мртви
Во Хамбург во четврток, две лица загинаа на метро станицата Вандсбек Маркт откако маж влечеше жена на шините пред воз што доаѓаше од спротивната насока. Полицијата се сомнева во убиство и започна истрага, а според првичните информации, сторителот и жртвата не се познавале, пишува Шпигел.
Според досегашните сознанија на полицијата, жртвата е 18-годишна девојка која чекала на перонот воз во правец на центарот на градот.
Сторителот, 25-годишен маж по потекло од Јужен Судан, стоел одвоено од неа. Во еден момент, тој одеднаш ѝ се приближил, ја зграпчил и, од сè уште непознати причини, ја влечел на шините, точно пред возот што влегувал во станицата. Двајцата починале на местото на несреќата.
Свет
46 жртви во железничката несреќа во Шпанија
Смртта на 43-годишна жена која била на одделот за интензивна нега во болницата Реина Софија во Кордоба го зголеми бројот на жртви во железничката несреќа кај Адамуз, која се случи на 18 јануари, на 46, соопштија владини извори.
Дваесет и осум од вкупниот број жртви биле од провинцијата Уелва, пренесе „Паис“.
Жртвата, жителка на Ла Палма дел Кондадо, била меѓу патниците на возот Алвија од Мадрид. Во моментот на несреќата се враќала по полагање испит за затворски чувар. По несреќата била на интензивна нега поради сериозни проблеми со белите дробови.
Од вчера, 16 од 126-те повредени патници и понатаму се во болниците во Андалузија, од кои двајца се на интензивна нега. Андалузиската здравствена служба извести за уште едно отпуштање од болница и за еден пациент кој го напуштил одделот за интензивна нега.
Поради смртта на најновата жртва, шпанската влада одлучи да ја одложи државната комеморација закажана за денеска. Шпанскиот премиер Педро Санчез вети дека државата ќе продолжи со истрагата и ќе им дава поддршка на семејствата погодени од трагедијата.
Свет
Пак загинати во израелски напади во Газа
Најмалку 12 Палестинци утрово загинаа во израелски напади на јужниот и северниот дел на Појасот Газа, соопштија болниците во Газа.
Ова е еден од израелските напади со најголем број жртви откако стапи во сила примирјето во Појасот Газа на 10 октомври.
Во нападите се погодени локации на северот и југот на Појасот Газа, вклучувајќи станбена зграда во градот Газа и шатор во Кан Јунис, рекле официјални претставници на болниците. Тие навеле дека меѓу жртвите има две жени и шест деца.
Министерството за здравство на Газа, кое е под контрола на Хамас, соопшти дека повеќе од 500 Палестинци се убиени во израелски напади од почетокот на примирјето на 10 октомври.

