Свет
Трагедија во Австралија – куче искаса до смрт петгодишно дете, бабата со повреди додека се обидувала да го спаси
Петгодишно дете почина кога беше нападнато од куче и искасано до смрт.
Трагедијата се случила на Бадник додека момчето и неговата баба биле на имот во езерата Варсити на Голд Коуст во Австралија. Но, како што се наведува, наеднаш, неочекувано, кучето го нападнало детето по што тоа итно било префрлено во болница на операција, но починало на операционата маса.
Баба му била повредена додека се обидувала да го спаси, пренесува „Мирор“.
Пријател на семејството почна хуманитарна кампања за собирање пари за таткото на Емануел за помош за погребот и други трошоци.
„На 25 декември петгодишниот Емануел, или како што го нарекувавме Мени, и неговата баба беа нападнати од куче на Голд Коуст. Малиот Мени не го преживеа нападот и покрај сите напори на лекарите“, напиша тој.
„Ангус е самохран татко, кој беше многу посветен да го даде најдоброто за своето дете. Мени беше светот на Ангус. Неговата љубов кон синот беше неизмерна“, додава тој.
Акцијата е иницирана со цел да му се помогне на таткото на трагично повреденото момче во овој тежок момент.
Службениците за контрола на животните во Градскиот совет на Голд Коуст отстранија две кучиња од местото на нападот, вклучително и мешавина од англиски бул териер и американски булдог.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
САД распоредуваат војска близу Венецуела по прогласувањето на Мадуро за терорист
Администрацијата на Доналд Трамп би можела да добие проширени овластувања кон Венецуела откако САД го прогласија претседателот Николас Мадуро и неговите сојузници дел од странска терористичка организација „Cartel de los Soles“, пренесе CNN. Ова овозможува дополнителни санкции, но не и автоматско одобрување за употреба на смртоносна сила.
Американски претставници тврдат дека одлуката им дава пошироки воени опции во рамки на операцијата „Јужно копје“, во која во регионот се распоредени повеќе од десетина воени бродови и околу 15.000 војници.
Трамп добил различни предлози за дејствување, вклучувајќи удари врз воени или државни цели во Венецуела, но и опциja да не се интервенира. Во меѓувреме, високи воени претставници го посетија Порторико како поддршка на мисиите на Карибите.
Анкета на CBS News/YouGov покажува дека 70% од Американците се против воена акција во Венецуела. Според американски официјален претставник, Трамп се надева дека притисокот ќе го натера Мадуро да се повлече без директна интервенција.
Како знак на зголемени тензии, САД изведоа најголема воздушна демонстрација во близина на Венецуела, а три авиокомпании откажаа летови по предупредување на FAA за „потенцијално опасна ситуација“ над земјата.
Свет
Украинската амбасада: Нема планови за посетата на Зеленски на САД
Украинската амбасада во Вашингтон соопшти за „Kyiv Independent“ дека засега нема планови за посета на украинскиот претседател Володимир Зеленски на САД, но дека ниту една опција не е исклучена.
Одговорот следи по извештаите во американските медиуми дека Зеленски би можел да отпатува во САД оваа недела за разговори со американскиот претседател Доналд Трамп за мировните напори.
Според наведените извештаи, Зеленски и Трамп требало да разговараат за чувствителните делови од мировниот план поддржан од САД, кој предизвика негативни реакции поради условите што се смета дека ѝ одат во прилог на Русија.
Првичниот документ од 28 точки е намален на 19 точки по вчерашните консултации меѓу украинските и американските претставници во Женева.
Регион
Бугарија ја продолжи забраната за извоз на клучни лекови
Бугарија ја продолжи забраната за извоз на инсулини, инсулински аналози и група антибиотици до 23 јануари наредната година, според налог на министерот за здравство Силвио Кирилов. Министерството соопшти дека забраната повторно се продолжува поради проблеми со снабдувањето, пријавени недостатоци и одбивања од веледрогерии.
Како причини се наведуваат неправилности и доцнења во испораките, како и намалени количини нарачани лекови. Забраната ги опфаќа инсулините и нивните аналози, SGLT2-инхибиторите и лековите на база семаглутид, како и антибиотиците на база азитромицин. Забранет е и извозот на месалазин.
Забраната за извоз на инсулини првпат беше воведена во ноември 2023, а потоа повеќепати продолжувана.

