Свет
Трамп: Ако не бев јас, Хонг Конг ќе беше смачкан за 14 минути
Американскиот претседател, Доналд Трамп, нагласи дека кинеската армија не се замешала во задушувањето на продемократските протести во Хонг Конг само затоа што тој тоа го побарал од својот кинески колега Шји Џјингпин.
„Без мене Хонг Конг ќе беше смачкан за 14 минути. Тој (Шји Џјингпин) има милион војници на позиции околу Хонг Конг и тие не отидоа во градот само затоа што јас тоа го побарав од него“, рече Трамп во телефонско интервју за програмата Foks and friends на телевизијата „Фокс њуз“.
Трамп исто така рече дека Вашингтон и Пекинг продолжуваат да преговараат за договорот со кој ќе се стави крај на трговската војна меѓу двете земји, што Трамп ја почна против Кина.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Пет туристи загинаа во снежна бура во Чиле: двајца Германци, двајца Мексиканци и еден Британец
Спасувачките екипи со часови бараат група туристи кои исчезнаа во снежна бура во Националниот парк Торес дел Пајне во Чиле, во која загинаа најмалку пет лица, вклучувајќи Германци, Британци и Мексиканци.
Една од жртвите е жена која им подлегна на повредите откако беше евакуирана, објави локалниот телевизиски канал Т13.
Според официјален претставник од покраината Ултима Есперанца, Гилермо Руиз, спасувачите првично се упатиле кон пронаоѓање на седум туристи, но лошите временски услови им ги попречувале напорите.
Во меѓувреме, пристигна вест дека се пронајдени четири лица и дека се наоѓаат на најмалку четири часа пешачење од најблискиот пат.
Туристите исчезнаа во регионот Патагонија, во кампот Лос Перос, до кој може да се стигне само пеш по непристапна патека.
Областа беше погодена од снежна бура со ветрови со брзина од над 193 километри на час. Сè уште не е јасно од која земја се туристите, според Ројтерс.
Националниот парк Торес дел Пајне се простира на повеќе од 1.800 квадратни километри и го посетуваат стотици илјади туристи годишно.
фото: принтскрин
Свет
Новинарка на „Еј-би-си“ го праша американскиот претседател за Епштајн, Трамп: „Треба да ти се одземе дозволата“
Американскиот претседател Доналд Трамп во вторникот изјави дека на подружниците на „Еј-би-си“, во сопственост на Волт Дизни, треба да им се одземат лиценците за емитување откако не се согласил со прашање од новинар на мрежата. Трамп ги даде овие забелешки откако новинар на „Еј-би-си Њуз“ го праша за политичкиот скандал со Џефри Епштајн за време на настанот во Белата куќа со саудискиот престолонаследник.
„Мислам дека на ‘Еј-би-си’ треба да ѝ се одземе лиценцата за емитување бидејќи вашите вести се толку лажни и толку погрешни“, рече Трамп.
Трамп рече дека претседателот на Федералната комисија за комуникации (FCC), Брендан Кар, треба да го испита ова прашање.
Ова е втор пат во последните месеци „Еј-би-си“ да биде цел на критики од Трамп.
Во септември, Трамп го пофали Кар откако тој изврши притисок врз „Еј-би-си“ да го откаже ток-шоуто на Џими Кимел, во кое беше коментирано убиството на конзервативниот активист Чарли Кирк. Трамп тогаш исто така рече дека на „Еј-би-си“ треба да ѝ се одземе лиценцата за емитување.
фото: принтскрин
Свет
СЗО отпушта една четвртина од персоналот
Светската здравствена организација (СЗО) соопшти дека нејзиниот персонал ќе се намали за околу една четвртина, или околу 2.300 работни места, до средината на следната година, објави Ројтерс.
Дупката во буџетот на организацијата за 2026-2027 година е нешто над 1 милијарда долари.
Намалувањата ќе бидат резултат на реформи, како и пензионирања и заминувања на персоналот, кои се наметнати поради повлекувањето на најголемиот донатор на организацијата – САД, кои покриваат околу 18 отсто од финансирањето.
Администрацијата на претседателот Доналд Трамп ја повлече земјата од СЗО по преземањето на функцијата во јануари, потсетува агенцијата.

