Свет
„Трамп бараше авион од Катар, не му беше понуден како подарок“, велат извори на Си-ен-ен
Администрацијата на Доналд Трамп беше првата што стапи во контакт со Катар за да ја истражи можноста за набавка на „боинг 747“, што би можел да послужи како привремена замена за претседателскиот авион „ер форс уан“, изјавија за Си-ен-ен четири извори запознаени со разговорите. Таа верзија на настаните е во спротивност со тврдењата на претседателот дека самиот Катар го понудил авионот како подарок.
Откога Трамп ја презеде функцијата во јануари, Пентагон стапи во контакт со „Боинг“, но компанијата соопшти дека нема да може да испорача нови авиони што ќе ги заменат претседателските уште најмалку две години, велат извори.
Сепак, администрацијата на Трамп сакаше замена на авионот што е можно побргу, па затоа воздухопловните сили почнаа да разгледуваат други опции. Трамп му наложил на својот специјален пратеник за Блискиот Исток, Стив Виткоф, да состави список на достапни авиони, изјави за Си-ен-ен висок функционер на Белата куќа.
По првичниот контакт на Пентагон со „Боинг“, компанијата им достави на американските одбранбени претставници список на своите други клиенти од целиот свет, кои поседуваат авиони што би можеле да послужат како привремена опција, според три извори.
„Катар беше еден од тие клиенти“, рече друг извор запознаен со разговорите додавајќи дека Пентагон понудил да го купи авионот, а Катар сигнализирал дека е подготвен да го продаде.
Трет извор изјави дека Пентагон почнал разговори со Катар откога Белата куќа дала зелено светло. Според претставници на Белата куќа, Виткоф помогнал во воспоставувањето на првите контакти. Овој извор потсетува дека првично се зборувало за наем на авионот, а не за негово купување.
Сепак, Трамп постојано тврдеше дека тоа е гест или придонес од катарското кралско семејство. На својата социјална мрежа Truth Social тој напиша дека тоа е подарок без надокнада. Тој тврди дека авионот ќе се користи како привремена замена за „ер форс уан“, а подоцна ќе биде дониран во неговата претседателска библиотека.
Овие детали за иницијативата на американската администрација фрлаат нова светлина врз набавката на авиони, што предизвика политичка бура и речиси ја засени посетата на Трамп на Блискиот Исток минатата недела.
Демократите и некои влијателни републиканци, инаку сојузници на Трамп, се спротивставија на можниот договор од етички причини. Катар исто така се соочи со критики, а демократските пратеници се заканија дека ќе ја блокираат продажбата на оружје на таа земја.
„Боинг многу доцни со авионот“, рече Трамп во интервју за „Фокс њуз“ минатата недела. „Катар го слушна тоа, и му кажав на емирот – тој е голем човек – разговаравме и тој рече: Ако можам да помогнам, само кажете го тоа. И тие имаа авион“.
Во февруари Трамп и неколку соработници го разгледуваа катарскиот авион додека беше паркиран на аеродромот во Палм Бич, Флорида, недалеку од неговото одморалиште Мар-а-Лаго. Си-ен-ен објави дека по обиколката, Трамп им кажал на луѓето околу него колку луксузен бил авионот. Неговиот шеф за комуникации, Стивен Чунг, во тоа време изјави дека Трамп бил во авионот за да ги провери новата опрема и технологијата.
Пентагон одби да коментира и ги упати новинарите во Белата куќа. Си-ен-ен побара коментар и од Белата куќа, катарската амбасада во Вашингтон и од „Боинг“. Вашингтон и Доха нагласуваат дека, доколку се случи трансферот на авионите, тоа ќе се изврши легално, преку договор меѓу катарското Министерство за одбрана и американскиот Пентагон, што Белата куќа го повтори вчера.
Четири извори запознаени со преговорите велат дека договорот сè уште се преговара меѓу адвокатите од двете страни. „Од моментот кога Американците првпат стапија во контакт со Катар до денес, сè уште сè е во рацете на правните тимови“, рече друг извор. „И сè уште не е донесена конечна одлука“.
Според медиумските извештаи, вредноста на авионот е речиси 400 милиони долари, но два извора тврдат дека неговата вредност се намалила.
Вчера, портпаролката на Белата куќа, Каролин Ливит, го опиша можниот трансфер како „донација за земјата“ велејќи дека катарското кралско семејство „понудило да го донира авионот на воздухопловните сили на САД и дека таа донација ќе биде прифатена во согласност со сите законски и етички стандарди“.
За време на посетата на Блискиот Исток, Трамп рече: „Никогаш не би одбил таква понуда. Мислам, би требало да бидам идиот за да кажам: Не, не сакаме бесплатен многу скап авион. Тоа беше одличен гест за мене“.
Катарскиот премиер Мохамед бин Абдулрахман бин Јасим ал-Тани минатата среда не го потврди тврдењето на Трамп дека катарски функционер му се обратил велејќи за Си-ен-ен: „Ова нема никаква врска со поединци, ниту од американска ниту од катарска страна“.
„Тоа е едноставен договор меѓу двете влади, а Министерството за одбрана и Пентагон сè уште ја разгледуваат можноста нашиот „747-8“ да се користи како „ер форс уан“ и сè уште сè е под правна анализа“.
„Доколку на САД им треба нешто и ако тоа е целосно легално, а ние можеме да го обезбедиме, ние сме подготвени да им помогнеме и да ги поддржиме САД“, додаде Ал-Тани истакнувајќи дека понудата ќе биде повлечена доколку трансакцијата биде прогласена за нелегална.
Покрај правните и етичките прашања, претворањето половен авион на друга земја, дури и сојузничка, во претседателски авион бара огромна техничка интервенција. Според поранешните и сегашните функционери, овој процес би можел да трае-две години и многупати да ја надмине вредноста на самиот авион.
Американските разузнавачки и безбедносни агенции задолжени за модификациите ќе мора речиси целосно да го расклопат авионот и повторно да го склопат со потребната опрема.
„Не гледам како ова би можело да се направи во прифатлив временски рок и без големи безбедносни ризици, ако е воопшто изводливо“, изјави претходно за Си-ен-ен поранешен висок функционер на американската контраразузнавачка служба. Двата авиона „боинг 747-800“, кои се наменети како трајна замена за „ер форс уан“, треба да бидат испорачани во 2027 година.
„Не можам да гарантирам дека ќе биде 2027 година, но целта е таа година ако можеме да се договориме за промени во спецификациите“, изјави вршителката на должноста шеф на одделот за набавки на воздухопловните сили, Дарлин Костело, пред Конгресот претходно овој месец. Тоа е пет години подоцна од планираното, но исто така и две години порано од неодамна предвиденото од „Боинг“.
„Не сум среќен што трае толку долго“, им рече Трамп на новинарите во февруари во „ер форс уан“. „Нема изговор за тоа. Би можел да купам половен и да го реновирам. Затоа разгледуваме други опции“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Ирански вооружени сили порачаа дека САД и Израел ќе добијат невидена лекција
Портпаролот на иранските вооружени сили Аболфазл Шекарчи денеска изјави дека Иран на САД и Израел ќе им одржи лекција „каква што никогаш во историјата не доживеале“.
По утринските напади на САД и Израел врз Иран, Шекарчи рече дека иранските вооружени сили веднаш реагирале и покренале ракетни напади на секоја локација која била во служба на американската и израелската војска, пренесува агенцијата Тасним.
„Со божја помош, ќе им одржиме лекција на САД и Израел каква што не доживеале во својата историја. Израелските бази веќе се соочија со проблеми и Иран подоцна ќе им удри уште поостар шамар“, предупреди воениот функционер.
Тој го повика иранскиот народ да не се грижи, да ги игнорира гласините и да ги следи официјалните вести преку националните медиуми.
Свет
Хамас ги осуди нападите врз Иран и повика на единство
Хамас ги осуди „ционистичко-американските непријателства врз Исламската Република“, истовремено повикувајќи на единство во муслиманскиот свет.
„Додека ја потврдуваме нашата солидарност со Исламската Република Иран пред лицето на непријателствата, повикуваме на единство и солидарност во арапската и муслиманската нација за да се спречат овие непријателства“, соопшти Хамас.
Тие ги обвинуваат САД и Израел дека се обидуваат повторно да ја исцртаат мапата на регионот „за да воспостават ’Голем Израел‘ на сметка на арапските и муслиманските земји“.
Во меѓувреме, Палестинскиот исламски џихад (ПИЏ), кој аналитичарите го опишуваат како посреден сојузник на Иран, соопшти дека Иран има право „да се брани и да ги одврати противниците“ како одговор на американско-израелските напади, пренесе Тајмс оф Израел.
„Овие непријателства не се насочени само против Иран, туку против сите земји и луѓе на нашата нација и се обидуваат да наметнат доминација од страна на воени злосторници“, вели ПИЏ. „Ги повикуваме народите на нашата арапска и муслиманска нација, како и синовите на нашиот палестински народ, да се обединат против овие непријателски намери“.
Свет
Најмалку 40 лица се убиени во напад врз женско училиште во јужниот ирански округ Минаб
Најмалку 40 лица се убиени во напад врз женско училиште во јужниот ирански округ Минаб, изјави локалниот гувернер за агенцијата Тасним.
Моментално нема достапни дополнителни информации, нагласува Тајмс оф Израел.
Иранските власти претходно го осудија инцидентот како „брутална агресија“. Властите во Иран сè уште не ги коментираа деталите за нападот, а нема коментар ниту од израелска страна.

