Свет
Трамп би сакал повторно да се сретне со Ким Џонг-ун, но Пјонгјанг молчи
Американскиот претседател Доналд Трамп повеќепати предложи средба со севернокорејскиот лидер Ким Џонг-ун додека се подготвува за посета на Јужна Кореја оваа недела, каде што доби поддршка од официјални лица за идејата, но Пјонгјанг досега молчи.
Северна Кореја не коментира јавно, а американските и јужнокорејските претставници изјавија дека не се во тек конкретни подготовки. Пред заминувањето на Трамп од САД, Северна Кореја лансира, како што рече, нови хиперсонични балистички ракети.
Но, Трамп го искористи своето патување во Азија за да ја сигнализира својата подготвеност да се сретне со севернокорејскиот диктатор надевајќи се дека ќе ги оживее серијата самити што двајцата ги одржаа за време на првиот мандат на Трамп.
„Имав само добри односи со него“, рече Трамп во понеделникот.
„Би сакал да го видам ако сака, ако воопшто ја добие оваа порака. Не споменавме ништо, но тој знае дека одам таму. Ако сака да се сретнеме, со задоволство би се сретнал со него“.
На прашањето што би можело да го донесе Ким на преговарачка маса, Трамп рече дека санкциите би можеле да бидат одговорот.
„Тоа е доста голема работа за почеток“, рече тој. „Би рекол дека е најголемата можна“.
Двајцата одржаа самити во 2018 и 2019 година пред разговорите да пропаднат за нуклеарниот арсенал на Пјонгјанг. Северна Кореја е под строги меѓународни санкции поради ова оружје, како и поради нејзините балистички ракети.
Ким минатиот месец посочи дека е отворен за средба со Трамп доколку САД се откажат од барањето Ким да се ослободи од својот нуклеарен арсенал, но отфрла било какви преговори со Јужна Кореја.
„Лично, сè уште имам убави спомени од американскиот претседател Трамп“, рече тој во говорот, според државната новинска агенција КЦНА.
„Ако САД се откажат од својата апсурдна опсесија со нашата денуклеаризација и ја прифатат реалноста и искрено сакаат мирен соживот, нема причина да не седнеме на преговарачка маса со САД“.
фото: принтскрин
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Сè потензично меѓу Словачка и Украина: Зеленски и Фицо разговарале за руската нафта
Украинскиот претседател, Володимир Зеленски, и словачкиот премиер Роберт Фицо телефонски разговараа во услови на зголемени тензии поради прекинот на испораката на руска нафта преку нафтоводот „Дружба“, кој минува низ Украина.
Од кабинетот на Зеленски соопштија дека претседателот го поканил Фицо во Украина за да разговараат за сите отворени прашања.
Словачка и Унгарија го обвинуваат Киев за одолговлекување со повторното пуштање во работа на нафтоводот, чиј дел во Украина беше оштетен во руски напади во јануари. Тие тврдат дека е поправен, но Зеленски посочи дека работите сè уште не се завршени и ја повика Будимпешта да разговара со Москва, која, според него, повеќепати го бомбардирала нафтоводот.
Унгарскиот премиер Виктор Орбан соопшти дека со Фицо формирале заедничка истражна комисија и побара Украина да дозволи унгарски и словачки инспектори да влезат во земјата. Во меѓувреме, Орбан го блокира заемот од 90 милијарди евра од Европската унија за Украина и нови санкции против Москва, сè додека не продолжат испораките преку „Дружба“.
Свет
Врховниот суд на Израел ја стопира владината забрана за хуманитарните организации во Газа
Израелскиот Врховен суд привремено ја блокира одлуката на владата со која на 37. меѓународни хуманитарни организации, меѓу кои и „Лекари без граници“ и Норвешкиот совет за бегалци, им беше наложено да го прекинат работењето во Газа и на Западниот Брег, освен ако не ги прифатат новите услови, вклучително и доставување список на палестински персонал.
Седумнаесет здруженија пред шест дена побараа од судот итно укинување на одлуката, предупредувајќи на тешки хуманитарни последици.
Со привремената одлука на судот, организациите ќе можат да продолжат со поголемиот дел од активностите додека не се донесе конечна пресуда. Израелските власти тврдат дека мерката е неопходна за да се спречи злоупотреба на хуманитарната помош од палестински вооружени групи.
Свет
„Политико“: Демократите бараат итно објавување на транскриптот од сведочењето на Хилари Клинтон
Демократите во Претставничкиот дом бараат целиот транскрипт од сослушувањето на поранешната државна секретарка Хилари Клинтон пред членовите на Надзорниот комитет, во врска со истрагата за осудениот сексуален престапник Џефри Епстин, да биде објавен во рок од 24 часа.
Како причина за ова барање, демократите ја наведуваат ограничената транспарентност на постапката зад затворени врати, пишува американскиот „Политико“.
Демократските конгресмени Роберт Гарсија, Јасамин Ансари, Весли Бел, Сухас Субрамањам и Џејмс Вокиншо, кои се и членови на Надзорниот комитет на Претставничкиот дом што го спроведе сослушувањето, го поднесоа ова барање, но како што е наведено, веројатноста за објавување на транскриптот во толку краток временски период е многу мала.
Постапката бара судскиот записничар да го врати транскриптот во Комитетот по неколку дена, а правниот тим на Клинтон мора да го разгледа пред да биде објавен.
Сепак, демократите бараат итно објавување на транскриптот бидејќи Хилари Клинтон побара сослушувањето да биде отворено за јавноста, што беше одбиено.
Гарсија, исто така, рече дека Клинтон одговорила на сите прашања за време на сослушувањето и дека не се повикала на Петтиот амандман и дека не дала никакви информации што би биле корисни за истрагата на комисијата.
„Сведоци сме на неверојатно лекомислена кловновска претстава на сослушувања каде што членовите на Конгресот и Републиканската партија се повеќе загрижени за добивање можност за фотографирање со секретарката Клинтон отколку за тоа да дојдат до вистината и да повикаат некого на одговорност“, им рече Ансари на новинарите.

