Свет
Трамп: Важниот состанок со Кина помина исклучително добро, договорот е блиску
Претседателот на САД, Доналд Трамп, објави на својата мрежа Truth Social по трговскиот состанок меѓу САД и Кина во Европа, нагласувајќи дека преговорите поминале исклучително добро и дека е постигнат прелиминарен договор.
„Големиот трговски состанок во Европа меѓу Соединетите Американски Држави и Кина помина многу добро. Договорот ќе биде финализиран наскоро. Постигнавме и договор за компанија што младите луѓе во нашата земја сакаат да ја зачуваат. Тие ќе бидат многу среќни. Ќе разговарам со претседателот Шји во петок. Односот меѓу нашите две земји останува силен“, напиша Трамп на Truth Social.
Аналитичарите веруваат дека Трамп веројатно мислел на „Tик-ток“.
Американскиот министер за финансии, Скот Бесент, потврди дека за време на преговорите во Мадрид е постигнат рамковен договор во врска со оваа апликација, што би можело да овозможи нејзино пренесување во американска сопственост. Деталите ќе бидат разјаснети на претстојниот состанок меѓу Трамп и кинескиот претседател Џјинпинг во петок, пренесуваат медиумите.
Фото: принтскрин
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Пожар во болница во Милано, пациентите евакуирани
Утрово околу 10 часот, избувна пожар во павилјонот 16 од болницата Сако во Милано.
За неколку минути, пламенот зафати дел од дијагностичката архива и се прошири на областите каде што медицинскиот персонал во тој момент прегледуваше десетици пациенти, пишува Ил Месаџеро.
Благодарение на заедничката интервенција на пожарникарите и болничкиот персонал, никој не е повреден.
Сите пациенти се евакуирани, а триесет пожарникари кои излегоа на терен вршат санација на подрачјето.
Свет
Европски војници пристигнаа на Гренланд
Европски војници од неколку земји пристигнаа на Гренланд за заеднички воени вежби, во време кога американскиот претседател Доналд Трамп повторно изрази интерес островот да биде под контрола на САД. Во главниот град Нуук слета француски контингент, а се приклучуваат и сили од Германија, Шведска, Норвешка, Холандија и Обединетото Кралство, јавува Би-Би-Си.
Распоредувањето следи по состанок во Вашингтон меѓу министрите за надворешни работи на Данска и Гренланд со американскиот потпретседател Џеј Ди Ванс. Данскиот министер Ларс Локе Расмусен оцени дека разговорите биле конструктивни, но дека останало „темелно несогласување“.
Трамп изјави дека на САД му треба Гренланд за националната безбедност и не ја исклучи употребата на сила. Францускиот претседател Емануел Макрон најави проширување на мисијата, додека полскиот премиер Доналд Туск предупреди дека евентуална американска интервенција би била „политичка катастрофа“.
Русија изрази загриженост поради засилувањето на присуството на НАТО на Арктикот. Од кабинетот на британскиот премиер Кир Стармер соопштија дека распоредувањето има цел да ја одврати руската и кинеската активност.
Германија испрати транспортен авион со 13 војници во рамки на данските вежби „Операција Арктичка издржливост“. Данска најави ротациона и потрајна сојузничка присутност. Премиерката Мете Фредериксен рече дека одбраната на Гренланд е заедничка грижа на Алијансата.
Премиерот на Гренланд Јенс-Фредерик Нилсен порача дека Гренланд не сака да биде дел од САД и, ако мора да избира, би ја избрал Данска.
Свет
Макрон: Франција ќе испрати воен брод на Гренланд
Франција наскоро ќе испрати воен брод, авиони и дополнителни војници на Гренланд, изјави францускиот претседател Емануел Макрон. Тој предупреди на појавата на „нов колонијализам“ и на изјави што, како што рече, „сеат сомнеж, дури и меѓу сојузниците“.
Макрон ова го соопшти во новогодишното обраќање до француските вооружени сили, наведувајќи дека дел од француските војници веќе се распоредени на Гренланд, на барање на Данска, каде им се приклучиле сили од Норвешка, Шведска и Германија.
„Нашите сили во наредните денови ќе бидат дополнително зајакнати копнено, поморски и воздушно“, рече Макрон, без да наведе детали.
Според достапните информации, најмалку еден француски воен брод и неколку авиони веќе се на пат кон северниот Атлантик.

