Свет
Трамп вети дека ќе го порази радикалниот исламски тероризам
Американскиот претседател Доналд Трамp изјави во понеделникот дека Соединетите држави и нивните сојузници ќе го победат радикалниот исламски тероризам.
Велејќи дека „силно“ го поддржува НАТО, американскиот претседател Доналд Трамп уште еднаш ја истакна потребата сите негови членки „во целост“ да ги извршуваат своите финансиски обврски, „што многу меѓу нив не го сторија“.
Во говорот во воздухопловната база Мекдил, во Тампа на Флорида, која е центарот на борбата против џихадистичката групација Исламска држава, Трамп вети дека никогаш нема да дозволи таа организација „да фати корени“ на американска територија.
„Денеска им испраќаме единствена порака на тие ескадрони на смртта и разорувањата: Америка и нејзините сојузници ќе ве победат“, истакна Трамп во базата каде што е седиштето на американската воена команда за Блискиот исток (CENTCOM) и главниот штаб на американските специјални сили.
Трамп на крајот од јануари потпиша указ со кој на воените команданти им даде рок до крајот на февруари да подготват план за „сеопфатна стратегија за победа над Исламската држава“.
Според податоците на CENTCOM, изведени се речиси 18.000 воздушни удари во Сирија и во Ирак од почетокот на меѓународната коалиција предводена од САД против исламската држава во август 2014 година.
„Исламската држава води геноцидна кампања, вршејќи злосторства ширум светот“, додаде Трамп најавувајќи „историски“ вложувања во американските вооружени сили, без да наведе други поединости.
„Радикалните исламски терористи се решителни во намерата да удрат врз нашата земја, како што тоа го сторија во текот на нападите од 11-ти септември (2001 година) и како што тоа го правеа од Бостон преку Сан Бернандино до Орландо и ширум Европа“, рече Трамп.
Велејќи дека медиумите „ниту ги споменаа“ некои од нападите, уште еднаш ги нападна „нечесните гласила“ коишто, како што рече, „не сакаат за тоа да говорат“. „Имаат свои причини“, додаде американскиот претседател,.
Во предизборната кампања Трамп ги поврзи таквите напади со отворањето на границите, ветувајќи веднаш по париските напади од 13-ти ноември 2015 година кога беа убиени 130 луѓе, дека ќе им забрани на муслиманите влез во САД.
Иако главните насоки на стратегијата на Трамп против Исламската држава допрва треба да бидат одредени, американскиот претседател веќе му нареди на својот министер за одбраната, пензионираниот марински генерал Џејмс Матис, да „пронајде нови партнери за коалицијата“, што се смета за сигнализирање кон Русија.
Москва и самата истакна дека Владимир Путин и Доналд Трамп сакаат вистинска соработка против Исламската држава во Сирија“, по нивниот неодамнешен телефонски разговор./крај/мф/сн
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Британската полиција ги истражува летовите на Епстин од аеродромот Стенстед
Полицијата во Есекс ги истражува информациите за приватни летови кои слетувале и полетувале од аеродромот Стенстед, по објавувањето на документи поврзани со Џефри Епстин. Овој потег следи откако поранешниот премиер Гордон Браун минатата недела ја повика британската полиција итно да ги испита тврдењата за криумчарење жени и девојки во земјата со авиони, пренесува Скај њуз.
Браун во текст за „Њу стејтсмен“ навел дека неодамна објавените документи за Џефри Епштајн откриваат дека авионот на осудениот педофил имал 90 летови кон или од британски аеродроми. Тој истакнал дека дури 15 од тие летови се случиле откако Епстин во 2008 година бил осуден за сексуален престап.
Портпаролот на полицијата во Есекс изјавил: Ги проценуваме информациите што се појавија во врска со приватните летови кон и од аеродромот Стенстед, по објавувањето на списите за Епштајн од страна на американското Министерство за правда.
Од аеродромот Стенстед соопштиле дека сите приватни авиони таму оперираат преку независни оператори (Fixed Base Operators), кои се задолжени за сите аспекти на приватното и корпоративното воздухопловство во согласност со прописите. Нагласиле дека сите имиграциски и царински проверки на патниците на приватни летови ги спроведува директно Граничната полиција.
„Тие користат целосно независни терминали со кои не управува Лондон Стенстед и ниту еден патник од приватен авион не влегува во главниот терминал на аеродромот. Аеродромот не управува ниту има увид во патничките аранжмани на приватно оперираните авиони“, се наведува во соопштението.
Свет
Советник во францускиот Сенат тајно фотографирал жени под здолништата
Поранешен советник во францускиот Сенат беше осуден на една година условна казна поради тајно фотографирање жени под здолништата, вклучително и во горниот дом на францускиот парламент.
На педесетгодишниот Себастијен Г. му се судеше откако двајца негови колеги во 2023 година, во заеднички простор на десничарската партија „Ле Републикан“, откриле хард-диск со повеќе од 1.800 фотографии, претежно од сексуална природа, како што навел судијата за време на судењето минатиот месец, пренесува „Ле Монд“.
На дискот имало фотографии од задници и деколтеа на облечени жени, направени на јавни места како улица или во Сенатот, како и фотографии од неговата поранешна девојка, која ја снимал гола во својот дом.
Следната година бил пријавен до управата на Сенатот, по што добил отказ по повеќе од две децении служба.
„Никогаш не сакав никого да повредам“, изјавил на судот во јануари, тврдејќи дека фотографиите никогаш не ги споделил. Навел дека чувствувал „потреба да ја собира убавината на жените“.
Судот му забрани пристап до Сенатот и му наложи психолошко и психијатриско лекување.
Минатиот месец судот го прогласи за виновен и поранешен сенатор кој дрогирал пратеничка со екстази со намера да ја сексуално нападне, и го осуди на 18 месеци затвор.
Свет
Истрага за ранчот на Епстин во Ново Мексико по тврдењата за закопани девојки
Властите на сојузната држава Ново Мексико покренаа истрага за ранчот „Зоро“, кој му припаѓал на осудениот сексуален престапник Џефри Епстин, по обвинувањата дека на тој имот надвор од Санта Фе сексуално злоупотребувал девојки и жени, објави Аксиос.
Според пратеничката Андреа Ромеро, истрагата има за цел откривање на вистината и овозможување преживеаните да добијат правда.
Министерството за правда на Ново Мексико минатата недела му пишало на Министерството за правда на САД барајќи нецензуриран пристап до анонимен мејл од 2019 година во кој се наведува дека две „странски девојки“ биле закопани на ранчот „Зоро“.
Ранчот, кој Епстин го поседувал од 1993 година до неговата смрт во 2019 година, се простира на повеќе од 7.600 хектари и се појавува во повеќе јавно објавени досиеја поврзани со него.
Преживеаните тврделе дека биле злоупотребувани на тој имот, вклучително и сведочењето на Ени Фармер, која за време на судењето на Гислејн Максвел во 2021 година го обвинила Епстин дека ја злоупотребувал на тој ранч.
Двопартискиот одбор на Претставничкиот дом на Ново Мексико ќе собира сведоштва од преживеани и планира јавно именување на осомничените сторители.
Пратениците истакнуваат дека ранчот долго време бил надвор од дометот на правдата и дека истрагата има за цел обновување на довербата на јавноста и заштита на безбедноста на граѓаните.
Сегашните сопственици на ранчот, семејството на поранешниот сенатор од Тексас, Дон Хафинс, вети целосна соработка.
Првиот состанок на одборот е закажан за вторник, а привремениот извештај до Претставничкиот дом мора да биде поднесен до 31 јули, додека конечниот извештај се очекува до 31 декември, вклучувајќи и препораки за понатамошни постапки.

