Свет
Трамп: Во голема мера го решив севернокорејскиот проблем

Американскиот претседател, Доналд Трамп соопшти дека на состанокот со лидерот на Северна Кореја, Ким Џонг-ун, во голема мерка го решил нуклеарното прашање на Корејскиот Полуостров, објави „АФП“.
„Решив проблем. Проблемот во голема мерка е решен“, изјави Трамп.
Тој додаде дека неговиот претходник, Барак Обама, му рекол оти најопасниот проблем за САД е нуклеарната програма на Северна Кореја.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Свет
🔴 Трамп ги стопира царините на 90 дена за сите освен за Кина

Американскиот претседател Доналд Трамп штотуку објави дека ги суспендира царините на 90 дена за сите, освен за Кина.
„Врз основа на недостатокот на кинеска почит кон светските пазари, со ова ја зголемувам царината што Соединетите Американски Држави и ја наплаќаат на Кина на 125 отсто, што стапува на сила веднаш. Се надевам дека во одреден момент, Кина ќе сфати дека деновите на искористување на предностите од САД и другите земји се завршени и дека тоа повеќе не е одржливо или прифатливо.
Од друга страна, и врз основа на фактот дека повеќе од 75 земји ги поканија претставниците на Соединетите Држави, вклучително и Министерството за трговија, Министерството за финансии и Канцеларијата на трговскиот претставник на САД, да преговараат за решение на темите што се разгледуваат поврзани со трговијата, трговските бариери, царините, валутите, манипулациите со валутите и немонетарните царини, а тие земји не презеле никакви мерки на одмазда против Соединетите Држави, одобрив 90-дневна ПАУЗА и значително помала реципрочна давачка од 10% во овој период, која исто така стапува на сила веднаш. Ви благодариме за вниманието по ова прашање“, објави Трамп.
Свет
Канада возврати на царините на Трамп

Канада воведе царина од 25 отсто за увоз на одредени возила и автоделови од Соединетите држави како одговор на истите американски мерки. Станува збор за царини што ќе ги плаќаат канадските потрошувачи при купување на одредени возила или нивни делови од САД.
Канадскиот министер за финансии Франсоа-Филип Шампањ потврди дека мерките ќе стапат во сила во среда веднаш по полноќ, велејќи дека Канада возвраќа на „неоправданите и неразумни“ американски царини.
По неговото враќање на власт, американскиот претседател Доналд Трамп започна бран нови царини насочени кон големите трговски партнери како што е Канада. Тој тврди дека се обидува да ги исправи неправдите во светската трговија.
Канада не беше директно засегната од последната рунда американски царини, која исто така стапи на сила на полноќ, но веќе извесно време е во расправија со Вашингтон поради постарите мерки на Трамп кои вклучуваат даноци за голем број производи што ја преминуваат границата.
Според инструкциите на канадската влада, увозниците ќе треба да платат давачка од 25 отсто за:
Целосно склопени возила од САД кои не ги исполнуваат барањата на договорот за слободна трговија CUSMA (канадска верзија на USMCA)
Содржина на возилото (на пр. делови) што не потекнуваат од Канада или Мексико и се инсталирани во возило составено во САД, дури и ако таквото возило ги исполнува правилата на CUSMA
Тензиите дополнително се зголемија со неодамнешната изјава на Трамп за тоа како „ќе ја преземе Канада“, што предизвика жестоки реакции во јавноста и меѓу политичарите.
Регион
Вучиќ одговори: Самиот влегов да ги посетам пациентите од пожарот во Кочани

Српскиот претседател, Александар Вучиќ, по прозивките во јавноста рече дека самиот влегол во Клиничкиот центар на Србија, во посета на повредените од Кочани.
„ Не мора никого да бркаат, еве веднаш и на обвинителите и нив да им соопштам, па јас сум тој. Гордиот Александар Вучиќ, кој учествуваше и чија идеја беше да се изгради и обнови Клиничкиот центар, да вложиме големи пари. И затоа што е толку модерен Клиничкиот центар, тие луѓе имаа каде да дојдат, а јас отидов да ги посетам“, рече тој одговарајќи на новинарско прашање во Париз.
Претходно студентите кои протестираат повикаа на итно покренување постапка за утврдување одговорност и разрешување на директорот на Универзитетскиот клинички центар на Србија, директорот на Ургентниот центар и началникот на Интензивна нега. Студентите истакнаа дека неовластени лица влегле на одделението за интензивна нега без заштитна опрема и ги снимале пациентите, со што грубо го загрозувале здравјето, правото на приватност и достоинството на пациентите, пренесоа српските медиуми.
И народниот правобранител на Србија, Зоран Пашалиќ изјави дека ќе ги истражи сите околности наведени во шестото барање на студентите, кои сакаат да утврдат кој им дозволил на претседателот на Србија, Александар Вучиќ и новинарите да влезат во одделението за интензивна нега.
По пожарот во дискотеката во кој загинаа 61 лице, дел од тешко повредените пациенти беа пренесени на лекување во Белград. Тие беа сместени во одделението за интензивна нега на Ургентниот центар на Универзитетскиот клинички центар на Србија (УКЦС), каде Вучиќ заедно со медиумски тимови ги посети на 17 март, по што беа објавени снимки.