Свет
Трамп во интервју: Ако Иран се обиде да изврши атентат врз мене, ќе бидe избришан од лицето на земјата
Американскиот претседател Доналд Трамп во обемно интервју се осврна на првата година од својот втор мандат, зборувајќи за намалувањето на бројот на вработени во федералната администрација, предизвиците во спроведувањето на имиграциските закони и за својот интерес за купување на Гренланд, пишува „ЊузНејшн“.
Во разговор со водителката Кејти Павлич, по повод годишнината од неговата инаугурација, Трамп од Рузвелтовата соба зборуваше за приоритетите на својата администрација за 2026 година – од економската политика до надворешните закани.
„На некој начин јас бев улов, а сега сум повеќе ловец, морам да ви кажам. Тоа се лоши луѓе, тоа се болни луѓе. Ова е попријатно“, рече Трамп.
„Донесов одлични извршни уредби. На пример, водата од чешма – водата не сакаше да тече. Ги имаше сите тие смешни рестрикции. Јас ги укинав. Сламките – повеќе не мора да бидат хартиени. Би сакал Конгресот сето тоа да го потврди“, изјави Трамп.
Трамп изјави дека неговата администрација отпуштила „стотици илјади федерални службеници“ со цел економијата да се пренасочи од државни субвенции кон раст на приватниот сектор.
„Мразам да отпуштам луѓе, но отпуштивме стотици илјади федерални службеници затоа што имавме 10 луѓе за да се заврши една работа“, рече Трамп, додавајќи дека тие работници преминале во приватниот сектор каде заработуваат „два или три пати повеќе пари“.
Тој ги критикуваше и демократите за нивното однесување за време на говорот за состојбата на нацијата.
„Демократите седат таму и не аплаудираат“, рече Трамп. „Нешто не е во ред со нив.“
Коментирајќи ги протестите против Имиграциската и царинска служба (АЈС) во Минеаполис, Трамп изјави дека тие не биле организирани од локалното население, туку од „професионални, платени луѓе“.
„Тоа се професионални, платени луѓе. Тие се како актери“, рече тој, при што телевизискиот водител Дон Лемон го нарече „губитник“.
Тој ја критикуваше и пратеничката Илхан Омар, велејќи дека таа „доаѓа од земја што дури нема влада“ и ја нарече „ужасна“ поради, како што наведе, држење лекции на Американците за уставните права.
Трамп изјави дека засега не е подготвен да се повика на Законот за побуна (Insurrection Act) во Минесота, но додаде дека не би имал „никаков проблем“ да го стори тоа доколку федералната имиграциска служба се соочи со понатамошни опструкции.
„Мислам дека сè уште не е време. Можеби ќе биде во некој момент“, рече тој, наведувајќи дека „над 40 проценти од претседателите“ го користеле тој закон.
Трамп го бранеше својот интерес за Гренланд како прашање на национална безбедност, а не како бизнис со недвижности, истакнувајќи ја неговата стратешка позиција во однос на Русија и Кина.
„Се наоѓа на такво место што е буквално толку важно за националната безбедност“, рече тој.
Тој го поврза Гренланд со својот систем за противракетна одбрана, кој го нарекува „златна купола“. „Градиме златна купола, ќе имаме купола над земјата. Поседувањето на Гренланд ја прави златната купола многу поефикасна“, изјави Трамп, додавајќи дека постојната технологија може да пресретне дојдовни проектили „буквално 100 отсто од времето“.
Трамп упати остро предупредување до Иран поради заканите со атентат, велејќи дека одобрил целосна одмазда доколку се направи обид за напад врз неговиот живот.
„Дадов многу јасни инструкции. Ако се случи нешто, ќе бидат избришани од лицето на земјата“, рече Трамп. Тој го критикуваше и поранешниот претседател Џо Бајден дека не одговорил доволно силно на иранските закани за време на неговиот мандат.
На прашањето за американскиот заложник Денис Којл, кого талибанците го држат речиси една година, Трамп рече дека не е запознаен со случајот, но вети дека ќе преземе чекори откако новинарката му ги изнесе деталите.
„Дајте ми информации. Јас ќе се погрижам за тоа“, изјави Трамп.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Израел: Способноста на Иран да лансира ракети ќе биде значително нарушена
Израел очекува способноста на Иран да испали балистички ракети да биде значително нарушена во следните 24 часа, изјавија двајца израелски функционери, како резултат на зголемените напади на САД и Израел. Според нив, се очекува фреквенцијата на иранските ракетни напади да се намали до вторник вечерта и да бидат испукани помалку ракети кон Израел, пренесуваат медиумите во регионот.
Во првите три дена од војната, САД и Израел погодија повеќе од 1.200 цели. Се очекува тој број да се удвои до вторник, по она што официјалните лица го опишаа како неуморно темпо на напади што започна во понеделник и се очекува да продолжи во текот на ноќта.
Еден од функционерите рече дека се очекува нападите на американските и израелските сили во понеделник вечерта да бидат насочени кон ракетни лансери, сили за внатрешна безбедност и цели на Револуционерната гарда. Американските и израелските функционери денес нагласуваат дека темпото и успехот на воздушната кампања досега ги надминале сите очекувања.
Свет
Иранската револуционерна гарда: „Непријателот нема да биде безбеден никаде во светот, дури ниту во своите домови“
Иранската револуционерна гарда, паравоена формација на која се потпира исламската влада во Техеран, денес се закани, по повод американско-израелските напади врз Иран, дека ќе продолжи да се бори „додека непријателот не биде поразен“ и дека непријателите нема да бидат безбедни „никаде во светот, дури ни во своите домови“, објавува CNN.
Како што објави иранската државна телевизија, Иранската револуционерна гарда соопшти дека неодамнешната загуба на врховниот лидер ајатолахот Ал Хамнеи и други високи функционери „не го потресе (Иран), туку само го направи посилен“.
Високо вооружената и организирана гарда – која постои паралелно со иранската армија и вклучува доброволни одреди – вети во соопштение дека Иран ќе продолжи да се бори „додека непријателот не биде поразен“.
„Непријателот треба да знае дека неговите среќни денови се завршени и дека повеќе нема да бидат безбедни никаде во светот, дури ни во своите домови“, се додава во соопштението што го пренесе CNN.
Регион
Дачиќ симнат од респиратор
Министерот за внатрешни работи на Србија, Ивица Дачиќ денес е симнат од механичка вентилација, пренесува „Блиц“.
Медиумот пренесува дека министерот за здравство Златибор Лончар денес изјави дека здравствената состојба на министерот за внатрешни работи и претседател на Социјалистичката партија на Србија Ивица Дачиќ е подобра отколку што беше, додавајќи дека постојат причини за оптимизам, но и дека мерките за интензивно лекување и терапија продолжуваат.
„Неговата моментална состојба е подобра отколку што беше, што ни дава причина за оптимизам. Важно е што сè уште има многу работа да се направи, мерките за интензивно лекување и примената на интензивна терапија продолжуваат. Тоа е она што ќе го кажам во овој момент, а луѓето што го лекуваат ќе го објаснат подетално во текот на денот“, изјави Лончар за новинарите по посетата на здравствениот центар Вождовац.

